Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Дадилка или градинка?
За мајчинските работи

Дадилка или градинка?

Нема да го почнам текстот со „јавноста ја потресе“, туку ќе кажам дека мене ме потресе снимката од дадилката која го тепаше малиот Даријан. Не го догледав видеото до крај, затоа што бев ненормално лута. А потоа, прочитав дека тоа мало бебенце живеело во тој пекол 5 месеци и тогаш бев бесна. Се запрашав истото што и секој родител: „Кому ги доверуваме нашите чеда?“

Детски дланки

Нема да ги обвинувам родителите дека толку долго не забележале кому го доверуваат детето, бидејќи некои луѓе се вешти во ставањето маски. Но, ќе признам дека сум среќна што во дилемата „градинка или дадилка“ го избрав првото.

Пред да се вратам на работа, долго време размислував и за двете варијанти. Но, иако и двете си имаа свои предности и недостатоци, во мојата глава градинката некако секогаш имаше предност.

Главната причина е таа од видеото со дадилката од Скопје – не познавав ниту една жена на која би можела да ѝ го доверам своето дете со мирна совест, а да знам дека 8 часа ќе биде насамо со неа. Не познавав жена која 8 часа ќе му подарува барем дел од мојата топлина, љубов и внимание. Дека ќе го гледа со восхит додека ги прави првите чекори, дека ќе му се радува на никнувањето на запчињата (а не да го треска од релаксаторот затоа што плачело од болка), дека ќе го заспива со трпение какво што секое бебе заслужува. А непозната жена да ми го чува детето сама без надзор, не благодарам.

Другата причина е социјализацијата во градинка. Новите другарчиња кои уште малку ќе ги каниме на роденден, песничките кои ќе бидат испеани во хор, а не дома само пред родителите, снаодливоста во борбата за играчка, паѓањата, но и исправувањата – тоа се моменти кои домот тешко им ги дава на најмладите.

Парите, иако овие парчиња хартија не се најважни во животот, во мојата одлука имаа многу големо влијание. Па, градинката е најмалку петпати поевтина варијанта од дадилката.

Во најмала рака, во градинка ретко или никогаш една негувателка е сама со децата. Исто така, постојат лица кои во одредена мера ги контролираат вработените, како и родители кои влегуваат и излегуваат од установата.

Да, и грижата за детето од дадилка има предности.

Детето е дома, на познат терен, јаде храна која вие ќе ја зготвите, изолирано е од бактерии и вируси на кои се изложени сите деца кои одат в градинка. Исто така, децата кои имаат дадилки го имаат целото нивно внимание, а не се борат за него како оние во градинките.

Сепак, сите предности паѓаат во вода доколку дадилката наликува на онаа од видеото со Даријан.

Па, родители добро размислувајте пред да одлучите кој ќе се грижи за вашето дете. Ако се одлучите за дадилка, гледајте таа да биде лиценцирана или барем да ја ангажирате по препорака на родител кај кого веќе работела, а не дека ви била комшивка.

Ако веќе имате дадилка, барајте знаци кои ќе ви укажат дека дадилката правилно се грижи за вашето дете – тоа ќе се радува кога ќе ја види, ќе има научено убави зборови и постапки од неа (не пцовки), а таа со насмевка ќе ви раскажува како им поминал денот.

Доколку вашиот избор се падне на градинка, распрашајте се за негувателките. Понекогаш и таму има маски, само што не можат толку лесно да бидат спуштени.

Мојот избор, сепак останува градинката.

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10614 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.