Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Да, јас сум „модерна мајка“
За мајчинските работи

Да, јас сум „модерна мајка“

Пред некој ден добив силен „шамар“ од една познајничка. Додека возбудено ѝ објаснував на една нова мајка дека го доев син ми ексклузивно шест месеци, а потоа дека по табела му ги воведував овошјата, зеленчуците и житарките, таа се вклучи во муабетот со зборовите: „Леле аман што не ќе измислат модерните мајки. Јас моето го ранев по книгата што нè растеа нас, па ништо не му фали“. Се здрвив... немаше смисла да започнам дебата, зашто секако ќе беше залудна.

Продолжив да си ја туркам количката, а во главата се прашував дали јас претерувам, дали згрешив што не ја слушав мајка ми кога ми велеше да почнам со сокчиња од третиот месец и што тврдоглаво го величев доењето... одвреме-навреме ѕиркав во нејзината количка, а таму имаше едно среќно бебе кое супер си напредуваше.

Потоа си се насмевнав во себе и само си реков „Да, јас сум МОДЕРНА МАЈКА“.

Мајка дете

Моето дете не е родено на крајот на 20 век, туку во 21 век, во ерата на информациите, таблетите, смартфоните, смарт телевизорите и технологијата која била научна фантастика во 90-тите години.

Она што докторите некогаш сметаа дека е најправилно за бебињата по неколку години се докажало дека е погрешно. Истражувањата се спроведуваат, научниците откриваат, докторите учат и се надградуваат, светот се менува со огромна брзина. Порано немаше информации, сега ги има во изобилие и колку и да се убедуваме себеси дека интернетот е лош, потсвесно знаеме дека чичко Гугл ги има сите одговори. Само треба да бараме на вистинско место.

Разбирам дека секоја мајка го прави она што самата смета дека е најправилно, но мајки, од кога вештачкото млеко е подобро од мајчиното? Од кога соковите се подобри од водата?

Не можам да разберам како книга од 90-тите години би можела да ги замени современите, МОДЕРНИ препораки на СЗО, УНИЦЕФ, здруженијата на педијатри низ светот... Но, нас луѓето некако ни е полесно да слушаме паталец, одошто да седнеме да го загрееме столчето или да се консултираме со СПЕЦИЈАЛИСТИ за да се информираме.

Специјалисти е со големи букви за да потенцирам нешто. Понекогаш тие специјалисти се оние кои ги поттикнуваат мајките да посегнат по вештачко млеко, да започнат со кашички прерано, затоа што бебето не им напредувало. Тие специјалисти често имаат спротивставени мислења за сите важни прашања на мајките – од доењето, до широкиот повој, цуцлите, антибиотиците...

Барајте второ мислење, слушајте различни совети, кога нешто ви „чкрипи“, информирајте се, кога нешто ви е сомнително, не го прифаќајте веднаш, проверете го.

Советите од друга мајка, од свекрва ви, сестра ви, тетка ви... не се секогаш и најдобри. Ако едно дете немало проблеми со алергии или нетолерантност на одредена храна тоа не значи дека друго нема да има. Познавам многу мајки што им ги макаат цуцлите на неколкумесечните бебиња во мед за да ги натераат да „фатат цуцла“. Сте знаеле ли дека медот не смее да се дава на бебе помало од една година?

Копајте по форумите, по интернет страниците, консултирајте се... правете што сакате, но не носете избрзани одлуки. Ако мерењата на тежината не се совршени првиот месец, можеби ќе бидат по една, две, три недели. Почекајте! Многу мајки се каат што не биле упорни со цицањето, што не издржале ексклузивно да дојат до 6 месеци или што вовеле прерано кашички поради притисоци од свекрва, мајка, пријателка...

Знаењето не може да му наштети на вашето дете. Незнаењето може.

Јас и илјада пати да треба да избирам, ќе изберам да бидам МОДЕРНА МАЈКА.

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10629 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.