Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Професионална деформација
Во земјата на чудата

Професионална деформација

Пред некој ден ѝ се јавив на мајка ми, само да ѝ кажам дека следниот ден ќе поминам да се видиме и да ја прашам дали ќе бидат дома. Само што ми го слушна гласот, почна да ми кажува за некоја случка, па за друга, па за трета... и дури во тринаесеттата минута од нашиот разговор успеав да ја прашам она за што ѝ се јавив. За малку ќе го завршеше разговорот и пред да ја прашав, морав да и кажам „Чекај, чекај, сакав да те прашам нешто!“.

Мајка ми е професорка, од неодамна во пензија. Никогаш не била нешто посебно зборлеста, па затоа ваквото однесување ми е чудно. Никогаш, освен кога ќе завршеше учебната година. Се гледа дека ѝ недостасува зборувањето на часови, и тоа типично предавање – почнува и не застанува дваесет минути. Тоа вообичаено траеше до крајот на јуни, кога веќе се навикнуваше да не зборува, за во септември да не може да се навикне да зборува по неколку часа на ден. Особено деновите кога имаше седум часа, е тогаш уста не ѝ се отвораше дома!

Што е полошо од тоа да имаш мајка професорка во пензија? Па се разбира, да имаш свекрва професорка во пензија! Ако на мајка ти можеш да ѝ ставиш на знаење дека немаш време за долги разговори, и таа нема да ти се налути, со свекрвата тоа и не е случај. Тука секогаш човек мора да биде малку потолерантен, заради одржување добри односи. Ако се почувствува дека не ѝ се обрнува доволно внимание, може да се налути, па после да треба да се објаснуваме... Искрено, поедноставно ми е да ја ислушам.

Луѓе со различни професии

Мојот сопруг работи како програмер. Кога ни се роди дете, не можеше да сфати дека на детето не можеш да му кликнеш „sleep“, и тоа да си заспие, како што тоа го прави компјутерот. За да заспиеш дете треба многу повеќе ангажман од едноставно ставање на бебето во креветче. Човекот се утепа од нервирање додека сфати дека детето не можеш да го програмираш. Па и откако сфати, не му беше сеедно!

Сакале ние или не, професионалниот живот ни се одразува на односите со блиските. Мене ми е многу интересно кога забележувам вакви испади на професионална деформација кај моите блиски и секогаш се шегуваме не сметка на тоа.

Да имаш во семејството поранешно воено лице, особено родител, знае да биде доста тешко. Редот и дисциплината се пред сè, а замислете како ова му изгледа на еден тинејџер! И навистина, повеќето деца на родители воени лица од мојата генерација се уредни луѓе на кои редот им е особено важен. И кога ќе ги прашаш како успеваат да се толку организирани, одговорот е „Татко ми е воено лице!“, и дискусијата престанува, затоа што сè е јасно.

Си замислувам како би било да го делиш животот со правник. На секое излегување без него ќе те прашува каде точно си била и со кого, и ако го помешаш редоследот, тешко тебе, веднаш те испраќа на оптуженичка клупа! Ако е економист, секогаш кога ќе застанеш пред плакар и ќе го кажеш стандардното „Немам што да облечам“, ќе те праша: „Драга, а каде ти е костимот што го купи минатиот месец по цена од 6.349 денари и кошулата од 1.860 денари?“.

На еден другар мајка му е докторка. По секое претерување со јадење и пиење го викаше кај неа на работа на систематски преглед и му мереше холестерол и ред други работи. Многу ми беше жал кога ќе се договаравме нешто да јадеме, а тој – најголем гурман од сите што ги познавам – тажно ќе каже: „Не можам, утре сум кај мајка ми на систематски преглед“. Сепак мислам дека на докторите не им е воопшто лесно во односите со блиските, затоа што и да не почнат да препознаваат симптоми кај блиските, сите им се обраќаат за некои симптоми и прашања кои можеби повеќе би биле за во емисија кај Баба Рада отколку за лекар.

За мене најнепријатно друштво се психолозите и психијатарите. Пред нив се чувствувам некако како да сум гола. Што и да кажам мислам дека ме анализираат и ме категоризираат во некаква група и однапред знаат какви ќе ми бидат реакциите. Ја анализираат секоја моја реакција и се обидуваат да го поврзат моето однесување со некоја случка од детството. Немам нешто многу што да кријам, ама не сакам луѓето да знаат повеќе за мене од она што го кажувам.

Професионалната деформација е сосема оправдана и очекувана, особено кога ќе размислиме по колку часови дневно поминуваме на работа. Она што можеме да го направиме е да гледаме на неа позитивно, да се пошегуваме на нејзина сметка и да си раскажуваме анегдоти. Да се насмееме, здраво е, смеењето го продолжува животот!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9533 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.