Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Вечната борба против килограмите
Во земјата на чудата

Вечната борба против килограмите

Сончевото време овие денови ја најавува пролетта, а јас по којзнае кој пат го отворам форумот на сајтов и одново ги читам сите постирани диети, како и стотици искуства од членки кои ги држеле целосно или делумно. И како да има малку на форумот, па продолжувам со потрагата по идеалната диета на други сајтови и форуми во Македонија, регионот, па и во Америка. И покрај тоа што знам како би било најдобро да ослабам, повторно бирам опција којашто мене ми е полесна, но не и поздрава.

Прв пат бев на диета пред речиси дваесет години, а оттогаш навака не можам да избројам колку пати сум била и кои сè диети не сум ги држела: УН диета, Дајмонд, кардиолошка, -8кг за 20 дена, јаворов сируп, Аткинс, и уште неколку кои сама сум си ги смислила, како одговор на потребите на мојот организам. И покрај богатото искуство, во моментов имам вишок од 5-6 килограми, чијашто тврдокорност упорно ме измачува.

Кога си гурман, ако сакаш да изгледаш пристојно – или ќе треба да се научиш да јадеш од сè по малку, или ќе треба да држиш диета 2-3 пати годишно. На оние првите искрено им завидувам. Отсекогаш сум сакала да научам како да вкусам од сè, а да прекинам кога ми е најслатко. Вообичаено сита сум уште кога сум до половина со јадењето, но најчесто не успевам да прекинам, особено кога е нешто неодоливо вкусно.

Диета

Грешката можеби лежи и во начинот на воспитување кој преовладуваше барем во времето кога јас растев, кога дома нè тераа да изедеме сè што ни е сервирано во чинијата. Со текот на времето некако си ја губиш мерката и не знаеш колку ти е доволно. Организмот ти се навикнува, ти бара повеќе храна, а тоа се одразува и на вагата и на конфекцискиот број на облеката. Многу ми е страв да не ја направам истата грешка со моите деца. Честопати се фаќам дека ги терам да изедат повеќе од она што им се јаде, па се трудам да се поправам со надеж дека ќе успеат да стекнат навика да јадат онолку колку што им се јаде.

Јас сум од оние вторите, кои се на диета по неколку пати годишно. Кога знам дека ќе имам период на прослави или зачестена посета на ресторани, наместо да се потрудам да јадам помалку на прославите, јас сум сосема подготвена да јадам колку што можам, а претходно или потоа да држам диета. Секоја година варирам по 10 кг – тоа се тие килограми поради кои редовно држам диети. Ги качувам, па ги симнувам барем еднаш годишно, ако не и повеќе пати. И најтрагично е што толку сум навикната на тоа, што го прифаќам речиси како секојдневие, како нешто сосема нормално, а тоа е толку нездраво.

На многу диеталци лошо им се одразува сознанието дека можат да ги победат килограмите, кога еднаш навистина ќе успеат. Кога знаеш дека можеш, некако полесно се опушташ успокоен од мислата дека ако еднаш си успеала, нема да е никаков проблем да успееш повторно. А секој следен пат е сè потежок. Една причина се годините, бидејќи метаболизмот ти е секоја година сè поспор, па истата диета има различни ефекти на организмот ако ја држиш на 15, 25, 35, 45 години или нагоре. А друга е навикнувањето на организмот на самата диета, па ако не му дојде како шок, резултатите ќе бидат послаби. Има и такви кои откако успеале да симнат импресивна бројка веќе никогаш не би си дозволиле повторно да се вратат таму, иако мислам дека ваквите се поретки. Можеби никогаш нема да вратат назад да речеме 30 килограми, ама многу често се случува да вратат 10, а ни тие не се малку.

Мене лично ми е многу криво што не успевам да постигнам некаква рамнотежа во исхраната и да си ја одржувам тежината. Луѓето кои имаат проблеми со килограмите ги гледам како луѓе кои не наоѓаат доволно време за себе, како луѓе со пороци, како луѓе со мал недостаток во карактерот. Да, сите имаме одредени недостатоци, ама жално е храната да ти биде порок.

Уште пожално е што кај нас културата за редовна физичка активност е сè уште на ниско ниво. За повеќето луѓе на моја возраст редовната физичка активност е нешто што завршило во средно училиште. А на телото му е неопходна, особено за луѓе кои цел ден го поминуваат пред компјутер или над книга. Ќе дојде време кога ќе ни биде многу криво што не сме практикувале редовна физичка активност. Секој втор човек во 30-те години има болки во грбот, кои верувам дека не би постоеле со редовни вежби. А добрата форма би била одлична дополнителна придобивка.

И јас и уште многу други луѓе како мене мораме да сфатиме дека имаме еден организам и ако сакаме да нè служи подолго, треба да го негуваме. На луѓето им треба физичка активност, а не прејадување по кое единствена прифатлива положба е хоризонтала. Онлајн групи за поддршка, слики од модели за мотивација, омилените фармерки во кои сакаме да влеземе, наши фотографии на кои сме послаби - секој треба да си го најде она кое ќе го води до целта и ќе му помогне да си воспостави рамнотежа.

Се надевам дека еден ден гордо ќе кажам дека сум успеала и им посакувам успех на сите кои минуваат низ истите битки.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10614 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.