„Во Скопје најтешко ми беше кога останав со 0 денари, но горд сум што не се откажав“: Александар Динев за животната приказна
Насмевка која разоружува, позитивна енергија која инспирира и визија која не познава граници. Александар Динев одамна ја надмина титулата на „само уште еден ТикТокер“ и се профилираше во вистински гласноговорник на една амбициозна млада генерација.
Бројките од 335 илјади TikTok следбеници и речиси 12 милиони допаѓања се само дигитална потврда за неговата неоспорна поврзаност со публиката.
Сепак, патот од срамежливо момче во валандовско Балинци до препознатливо лице низ цела Македонија не е испишан преку ноќ. Зад леснотијата со која денес креира содржина, стојат моменти на интензивна неизвесност, соочување со предрасуди и храбро пречекорување на сопствената комфорна зона. Токму истрајноста го доведе до неговиот најголем триумф досега, т.е. лансирањето на неговиот бренд Dinev Snacks, претворајќи го на само 22 години во сериозен млад претприемач.
Преку разговор за Фемина, Александар ни дозволува да ѕирнеме зад филтрите на социјалните мрежи. Разговараме за носталгијата по детството, тежината на првите самостојни чекори во главниот град, светот на инфлуенсерството и талентите кои ги чува само за себе.
Какво дете беше Александар, како би се опишал себе си?
Јас бев многу срамежливо и мирно дете, воопшто не бев бунтовен и во најраните спомени од детството се паметам како доста повлечено дете.
Каде и како порасна, на што помислуваш прво кога ќе се присетиш на твоето детство?
Првото нешто што ме потсетува на моето детство е дворот
Пораснав во село Балинци, Валандовско во скромно македонско семејство со динамичен живот на село. Првото нешто што ме потсетува на моето детство е дворот, бидејќи таму го поминував најголемиот дел од времето. Најчесто со друштвото седевме до доцна навечер на тие познатите бели пластични столици и водевме „тешки“ муабети на различни теми. Но, меѓу спомените од моето детство не можам, а да не го спомнам и готвењето на баба ми кога одев во школо во Брајковци, а баба ми живее веднаш до школото и секој ден ручекот кај неа на гости ми беше омилен дел од денот.
Сподели ни спомени од твоите денови во основно училиште...
Основното школо го паметам најмногу по зимскиот период, особено кога ќе заврнеше снег надвор и наставникот секогаш кога ќе го прогласеше снегот за паднат, тоа значеше дека ги губиме наредните 3-4 часа и беше многу убаво. Друг драг спомен ми се моментите кога се организираше школскиот базар и ние подготвуваме храна и колачи, а посетителите купуваа од нашите работи, а мојата омилена изработка што ја паметам е украсна плетена кошничка направена од сапун и волница.
Каков средношколец беше? Бунтовен, бубалица..?
Многу учев и бев еден од омилените ученици кај наставниците
Бев повлечено дете и иако сакав да се дружам, немав многу пријатели, особено првите две години во средно. Во трета и четврта година повеќе се зближив со соучениците и тоа се совпадна со моите почетоци на социјалните медиуми. Кога станува збор за учењето, јас многу учев и бев еден од омилените ученици кај наставниците и голем дел од одличните оценки се должат токму на таа позната „стара слава“.
Од каде дојде идејата да снимаш за TikTok? Дали очекуваше дека тоа ќе ти донесе популарност? Дали го паметиш првото објавено видео и како чувство ти носи кога го гледаш денес?
Сѐ започна со идејата да си го документирам животот на TikTok и бев инспириран од другите луѓе што ги следев, се пронаоѓав во содржината што тие ја објавуваа и во мене будеа чувство како да се знам со нив и како да се дружам секој ден.
Популарноста воопшто не ја очекував, но длабоко во себе знаев дека кога ќе застанам пред камера, се чувствувам свој и затоа секогаш ми беше комфорно да се снимам и тоа придонесе да се зближам со публиката.
Кога сега ќе си ги погледнам старите видеа, се чувствувам малку „cringe“
Првото објавено видео беше мнооогу одамна и се сеќавам дека беше некој „lip-sync“ со трендинг песна. Сега, кога ќе си ги погледнам старите видеа, се чувствувам малку „cringe“, како што би рекле ние „GenZ“, но истовремено си дозволувам да го процесирам мојот раст и сум свесен на напредокот, колку сум подобар споредбено со почетоците.
Како го пребродуваше соочувањето со негативни коментари? Што или кој најмногу ти помогна?
Научив дека не смеам и не можам да дозволам мислењето на другите да ме дефинира мене како личност
Негативните коментари секогаш постоеја и ќе постојат, понекогаш има многу, некогаш помалку, но никогаш не исчезнуваат. Во тие моменти, посегнував кон моите најблиски, семејството и друштвото, но и рефлектирав сам со себе и во придружба со музика. Најважно од сѐ е што ја научив лекцијата дека не смеам и не можам да дозволам мислењето на другите да ме дефинира мене како личност.
Кога и зошто се селиш во Скопје? Што ти се менува во тој момент?
Во Скопје пристигнувам на мои 18 години и одлучив да се преселам поради можноста што ми се пружи да работам како дигитален маркетер во академијата каде што студирав тој период. Бев прогласен за еден од најдобрите студенти и со тоа следуваше понудата за работа. Оваа фаза од мојот живот ми овозможи повеќе да се фокусирам на социјалните медиуми и да работам како „фриленсер“ и целиот живот ми се смени за 360 степени кон подобро.
Колку твоите родители те поддржувале тогаш во твоите животни одлуки? Во едно од твоите видеа, велиш дека си се срамел од каде потекнуваш... Зошто мислиш дека било тоа така?
Моите родители не ми ја пружија поддршката што ја очекував и што ми беше потребна за време на моите најрани почетоци, особено додека бев малолетен. Но, не ги обвинувам, бидејќи тие не го разбираа тоа што го работам и кои се моите соништа. Денес им докажав дека тоа го правам со љубов и токму со таа љубов хобито ми стана главна работна окупација.
Додека растев, срамот потекнуваше од стереотипите за тоа како се гледа на некој што израснал на село
Додека растев, срамот потекнуваше од стереотипите за тоа како се гледа на некој што израснал на село, но како созревав сфатив дека тоа бил непотребен комплекс што во овој момент го гледам како огромен благослов што сум можел да живеам на село, да дишам чист воздух, да уживам во природата и заедницата со блиски луѓе и најмногу од сѐ што во животот успеав да ги доживеам двете страни за растењето во село и животот во град.
Кои ти биле најтешките, а кои најубавите мигови од живеењето во Скопје?
Еден од најтешките моменти кога дојдов во Скопје беше кога буквално останав без пари, 0 денари
Еден од најтешките моменти кога дојдов во Скопје беше кога штотуку се преселив во нов стан по втор пат и ми го хакираа банкарскиот профил и успеаја да ми ги земат сите средства од сметката, буквално останав без пари, 0 денари. Прва мисла ми беше дека треба да се вратам назад, сѐ било попусто бидејќи преку ноќ ми исчезна сѐ.
Моја среќа беше што имав доволно готовина за да ги покријам трошоците до крајот на месецот и мојата снаодливост ми помогна да се вратам на нозе финансиски уште истиот месец и сум прегорд на таа моја способност.
Со преселбата во Скопје ми се случија многу убави мигови, најсвежо ми е лансирањето на „Dinev Snacks“, снимањето на официјалната реклама, подготовката на целата кампања „Вкуси ја среќата“… Но, за да се навратам на еден од најубавите мигови, ќе се присетам на преселбата тука, немав никој, ниту пријатели, ниту фамилија, сите се или преселени во странство или во родниот крај… Постојано мечтаев да имам група на луѓе тука до мене што ќе ми го потисне чувството на осаменост како младо момче во нов, голем град. По извесно време, една вечер бевме собрани екипа друштво кај мене дома и за прв пат почувствував блиски луѓе во мојот живот и оттаму започнав да го градам тој однос со овие избрани луѓе.
Кога почна да добиваш соработки? Кога почнаа да те препознаваат на улица?
Првата официјална соработка се случи во 2020 година и сѐ уште ми е најслатката соработка што никогаш не ја заборавам и беше поврзана со чоколатца. Денес со тие пари можеш да си купиш еден пар фармерки и јас сум прегорд на првата заработка!
Првиот момент кога видов дека луѓето ме препознаваат на улица бев шокиран и се прашував како е можно некој баш мене да ме знае и се случи на еден панаѓур во Неготино и Кавадарци.
Од каде се роди идејата за твои производи? Откриј ни нешто повеќе за тој предизвик... Како успеа да го реализираш?
Отсекогаш бев свесен за претприемничката страна во себе, само не сум знаел од каде да започнам, што точно да направам за да го остварам мојот сон. Идејата за производите е стара колку и мојата кариера, поттикната од спомени од моето детство и вкусните колачиња на баба ми за кои сакав да дознае целиот свет!
После многу затворени врати, ги најдов вистинските бизнис партнери и се роди Dinev Snacks
Имав повеќе обиди да соработувам со наши брендови за да го остварам мојот сон, но за жал не најдовме заеднички јазик и голем дел од нив не веруваа во мојата визија и мојата идеја ја гледаа како опасен бизнис ризик. Но, како велат „среќата ги прати храбрите и упорните“ и така дојде и мојот момент да ги најдам вистинските бизнис партнери после многу затворени врати и денес се роди и постои „Dinev Snacks“.
Денеска не се срамиш да се снимаш и да раскажеш и дека си одел и си работел на нива... Колку ти беше тоа тешко како дете, а како гледаш на таа работа од денешна перспектива?
Кога бев мал, не сакав да работам на нива, денес – ми недостасува
Кога бев мал воопшто не сакав да работам на нива, бев помрзелив и ми беше многу тежок целиот тој физички напор, а мојата фамилија живееше само од тоа, земјоделството им беше главна дејност која ни ги плаќаше сметките дома и ни овозможуваше скромна трпеза. Но, денес кога ќе помислам на таа работа, си велам „Леле колку ми недостасува физичката работа на нива“, особено кога времето ми е преоптоварено со претежно умствена и интелектуална работа.
Сакаш да патуваш... последно беше во Исланд. Дали малиот Динев некогаш веруваше дека ќе има шанса да посетува далечни дестинации? Што ти велат твоите кога ќе кажеш каде патуваш?
Малиот Динев секогаш мечтаеше големи сонови и имаше надеж дека ќе се остварат. Како растев работев на тоа да се остварат, иако никогаш не мислев дека ќе станат реалност сите овие патувањата да посетувам луди дестинации што сум ги гледал на телевизија или на интернет и сега јас одам таму да ги доживеам реално?! Сѐ уште не можам да поверувам!
Моите родители секогаш се секираат кога треба да патувам со авиони и далеку од Скопје и телефонот ми е преплавен со пораки до каде сум, дали стигнав, како сум (се смее). Затоа, на следно патување ги земам со мене за да не ме мислат и да бидат до мене!
Што ти остави најголем впечаток од Исланд, зошто мора да се посети, а зошто никогаш повеќе не би му се вратил?
Патувањето во Исланд беше терапевтско за мене
Исланд е буквално првата дестинација за која кажав дека би се вратил повторно да ја посетам. Мирот што го доживеав таму, на ниту една друга дестинација не го имам почувствувано. Исланд е многу мирна земја, сите се спокојни, нема брзање, нема бучава, ниту автомобили и не се чувствува загушливост, бидејќи нема големи згради. Се смета за една од најчистите држави во Европа и јас немам зборови да ги опишам тие убавини, а виножита има постојано, јас бев импресиониран!
Со сигурност тврдам дека ова беше терапевтско патување за мене, си го одморив мозокот од хаосот тука. Ако се премислам да не отидам повторно, тоа ќе биде поради екстремните промени во климата, знае да биде доста ладно, а јас сум си зиморлив.
Како вообичаено ти поминува еден ден?
Секој ден е различен, никогаш не се повторил еден ден да е ист. Агендата е шарена, но работи што практикувам да си ги негувам секојдневно се бавното будење наутро, без брзање и посета на теретана. Кога денот е динамичен, значи имам премногу снимања, фотосесии, состаноци и координации за „Dinеv Snacks“, одржување на социјалните медиуми, монтажа на нови видеа, часови за пеење и стандардна домашна обврска-чистење на станот со гласна музика!
Што најмногу те опушта во слободно време? Имаш ли некое посебно хоби?
Во слободното време учам да свирам на клавијатура
Како најново хоби што ме опушта и ми го преокупира слободното време што едвај го имам, е учењето да свирам на клавијатура. Знам да свирам неколку песни и вечерен ритуал ми е свирење и малку пеење пред спиење.
Што досега не си споделил со јавноста и ретко кој од твоите следбеници го знае?
Фактот дека имам огромен талент за цртање.
На што си најгорд во животот?
Најгорд во животот сум на сам себе, на сето тоа што сум го постигнал сам на почетокот додека уште се градев како личност и денес продолжувам кон уште поголеми работи со тим на луѓе околу мене.
Најгорд сум на себе поради моментите на искушение кога многу луѓе би се откажале кога било најтешко, но јас не, издржав и не се откажав и нема да се откажам од хобито кое го негував со многу љубов и пасија, а денес ми е работа која постојано ја надоградувам.
Мото кое те води низ животот?
Мотивацијата не е доволна за успех, ти треба егзекуција и продуктивност и продолжи да ги правиш работите дури и кога не сакаш да ги правиш, нема откажување!
Како би се опишал во една реченица?
Среќно и остварено момче со огромна визија и неограничена креативност што се бори за позитивни промени.
Каде се гледаш за 10 години од сега?
Александар за 10 години од сега уште креира работи, расте во претприемничките води, можеби во брак со дете.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk