„Велеше мама, броеше, пееше, но на 3 и пол години сè запре“: Хуманитарна забава „Сите за Анѓел“ за помош на Анѓел кој има аутизам
Малиот Анѓел Симоновски води тешка, но храбра борба со аутизмот и пречки во развојот, дијагноза што целосно го промени животот на неговото семејство. Неговата мајка Марија сведочи дека Анѓел до третата година се развивал одлично.
„Кога беше мал, се развиваше прекрасно. На две - две и пол години зборуваше ‘мама, тато, баба, дедо’, броеше до 10 на македонски и англиски, ја знаеше азбуката, редеше сложувалки и пееше песнички. И тогаш, на три и пол години – сè запре. Одеднаш. Тишина. Ниту збор повеќе“, раскажува таа.
Набрзо почнало да се менува и неговото однесување – често плачел, избегнувал контакт со очи и гледал на страна. По низа прегледи, пристигнала и дијагнозата: F84 - аутизам.
Анѓел не се откажува. За него сега постои нова надеж – специјализирани третмани во Турција, кои можат значително да ја подобрат неговата состојба. Но, трошоците за лекувањето се огромни и семејството без помош не може да продолжи понатаму.
Со цел да се соберат потребните средства, Ѓоко Јовиќ и Енерџи Бенд, заедно со свои пријатели, организираат хуманитарна забава со наслов „Сите за Анѓел“, која ќе се одржи во понеделник, 26 јануари, со почеток во 19:30 часот, во ресторанот Котура во Илинден – Скопје. Сите собрани средства ќе бидат наменети за лекувањето на Анѓел во Турција.
За лекувањето се потребни 15.000 евра, од кои досега се собрани само половина, а терапиите треба да започнат веќе следната недела.
Сите хумани граѓани кои сакаат да помогнат, можат да донираат на следната сметка:
Донациска трансакциска сметка – НЛБ Банка
Примач: Анѓел Симоновски
Број на сметка: 210-700000696111
Секој придонес е чекор поблиску до подобро утре за Анѓел.