„Треба само.. да работиш како да немаш деца и да си мајка како да немаш работа“: Елена Џебр саркастично го опиша „лесното“ современо мајчинство
Во месецот посветен на менталното здравје на мајките, психологот Елена Џебр на својот профил на Инстаграм отвори важна тема за современото мајчинство и значајните промени низ кои поминува секоја жена кога ќе стане мајка.
„Мајка не може и не треба да работи на себе на ист начин како личност што нема деца“ – вели Џебр во описот на објавата, објаснувајќи дека науката ја нарекува оваа трансформација матресценција.
Во моќната објава, низ низа фотографии, Џебр саркастично го опиша „лесното“ современо мајчинство, а тоа се зборови кои секоја мајка треба задолжително да ги прочита:
Современото мајчинство е многу едноставно.
Треба само…
Да работиш како да немаш деца и да си мајка како да немаш работа.
Да бидеш секогаш смирена мајка и да функционираш со хроничен недостаток на сон.
Да поставуваш граници и никој никогаш да не се налути.
Да бидеш заводлива и секси и по цел ден некој да ти виси на тело, да те допира и да бара нешто од тебе.
Да се грижиш за себе и никој никогаш да не почувствува дека си одвоила време за себе.
Да вежбаш редовно и никогаш тоа да не ти одземе време од децата и домот.
Да бидеш целосно присутна со децата и куќата да изгледа како никој да не живее во неа.
Да си информирана мајка и никогаш да не бидеш анксиозна од сите информации.
Да создадеш магично детство за децата и ти да функционираш на минимум капацитет.
Да имаш рутина и да бидеш спонтана и „забавна“ мајка.
Да имаш помош и да не изгледа како да „не можеш сама“.
Да играш со децата и да готвиш здраво, домашно и разновидно, секој ден.
Да имаш кариера и никогаш да не пропуштиш „важен момент“.
Да имаш среќен брак и никогаш партнерството да не ти дојде пред децата.
Да си нежна и трпелива и да завршиш 4865 обврски во денот.
Гледаш колку е лесно?
Многу е едноставно. Не знам зошто мајките се уморни. Веројатно само им фали подобра организација и едно мало магично стапче.