Србинката Александра, која ја обожава Македонија, се вери со саканиот во Севиља: „Бог за мене го избра најдобриот човек на светот“
Љубовта не познава граници, а кога е вистинска, таа едноставно зрачи и инспирира. Таква е приказната на 27-годишната Александра Петровиќ од Белград, која наскоро ќе го преземе презимето Влаховиќ, откако нејзиниот сакан Немања клекна пред неа и ја побара за жена во прекрасната Севиља, Шпанија.
За Фемина, Александра емотивно зборува за нивната посебна врска и за магичниот момент кој засекогаш ќе го памети.
„Нашата љубов секогаш беше посебна, а таква е и ден-денес. Ние сме оној пар кој кога ќе го видите, едноставно знаете дека станува збор за љубов каква што не се среќава секој ден“ - започнува таа.
За самиот чин на запросувањето во романтичната Севиља, таа вели дека реалноста ги надминала сите нејзини соништа.
„Тоа е оној еден момент кој го замислуваш многупати, а кога навистина ќе се случи, биде уште поубав отколку што си сонувала. Бев преплавена со разни емоции, но она што најмногу го чувствував беше благодарност. Она што јас секогаш сакам да го кажам е: Му благодарам на Бога за сè, а најмногу за нашата љубов и за тоа што за мене го избра најдобриот човек на светот“.
Александра не ја крие среќата што со својот свршеник започнува ново поглавје во животот, истакнувајќи дека овој миг ќе го носи во срцето како еден од најубавите спомени. Дополнително, таа испрати и порака до сите девојки: „Би им порачала секогаш и единствено да избираат љубов – некој кој ќе ги почитува, сака и чува“.
Интересен детаљ за Александра е нејзината голема љубов кон нашата земја, поради што е препознатлива во нејзиното опкружување. Иако нема македонски корени, нејзината приврзаност започнала пред повеќе од десет години.
„Немам никаква роднинска врска со Македонија, но отсекогаш ја сакав земјата, како и луѓето од таму. Мојот опис (како девојка која ја обожава Македонија) настана на едно летување пред повеќе од десет години, кога запознав некои прекрасни луѓе од Македонија. Така остана и ден-денес, па сега веќе станав и препознатлива по тоа“, открива симпатичната белграѓанка.