Специјален подарок за Дејвид Гета од Сатја Грабулоски: Јакна со монолитот, македонското знаме и детали од неговата кариера
Дејвид Гета од Скопје си замина со уникатен подарок – специјално изработена јакна со македонски симболи и детали кои ја раскажуваат неговата богата кариера.
Светски познатиот диџеј приреди спектакуларно шоу во арената „Тодор Проески“ пред околу 50.000 луѓе, со што беше заокружена големата прослава по повод 35 години независност на Македонија.
По настапот, тој доби one-of-a-kind јакна, креирана специјално за него од македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски и неговото SWithADot студио.
На јакната се споени препознатливи македонски мотиви со симболи од кариерата на Гета, а секој детаљ има свое значење.
На левиот ракав е монолитот над македонското знаме, дополнето со датумот на независноста на Македонија, Греми награда, неговиот дом Ибица, Џек Бек и песната „Titanium“ претставена преку музички бранови.
Десниот ракав има цртеж на волчица преку македонските планини, Купидон како асоцијација на „When Love Takes Over“ и син музички бран во ритамот на истата песна, „Pirate radio“ како асоцијација на неговите почетоци, како и „Оne Love“ и „Future Rave“.
„Јакната ја завршивме релативно брзо, но тоа е затоа што во изминативе 6 дена, целиот S-тим работеше на неа деноноќно, во координација со тимот на Дејвид. За мене најважно е светските ѕвезди од Македонија да си отидат со најдобри впечатоци и најквалитетно парче уметност, нешто што мислам дека Гета вчера и го доби“ – вели Грабулоски.