„Создадена сум за да го сакам“: Сопругата на Брус Вилис емотивна на годишнината од бракот по неговата дијагноза со деменција
Кога ќе се каже „љубов во добро и во зло“, се мисли на приказни како животното патување на Ема Хеминг и Брус Вилис. Поранешната манекенка ја одбележа 17-годишнината од бракот со холивудската легенда со трогателна објава која истовремено буди и тага и восхит.
Споделувајќи идилична стара фотографија, 47-годишната Ема напиша само неколку исклучително моќни зборови: „Создадена сум за да го сакам. 17 години.“
Јубилејот доаѓа во еден од најтешките периоди за нивното семејство. Имено, 71-годишниот актер е во напредна фаза на фронтотемпорална деменција откако се повлече од глумата уште во 2022 година. Ѕвездата од „Die Hard“ неодамна се исели од семејниот дом и живее во посебно живеалиште во близина каде добива нега 24/7.
Во текот на годините, Ема стана главен негувател на својот сопруг и неуморен борец за подигнување на свеста. Само неколку дена пред годишнината, по повод роденденот на Брус, таа го најави основањето на „Фондот Ема и Брус Вилис“ (The Emma & Bruce Willis Fund), наменет за поддршка на истражувањата за деменција и финансиска помош на семејствата кои се грижат за своите најмили.
„Ова патување ми ги отвори очите за реалноста со која се соочуваат многу семејства. Верувам длабоко во важноста да се поддржат истражувањата, но и да се биде тука за негувателите кои носат толку голем товар секој ден“ – истакна неодамна Ема при примањето на награда за нејзиниот хуманитарен труд.
Своите искуства таа ги преточи и во книгата „Неочекуваното патување“, за која вели дека е четивото кое посакувала некој да ѝ го даде денот кога ја добиле дијагнозата.
Моментот кој особено ја трогнува јавноста е нераскинливата врска на целото нивно проширено семејство. Ема и Брус, кои заедно ги имаат ќерките Мејбел (13) и Евелин (11), ја имаат целосната поддршка од поранешната сопруга на актерот, Деми Мур, и нивните три ќерки – Румер, Скаут и Талула. Деми често јавно ја фали Ема за нејзината посветеност, докажувајќи дека кога настапуваат тешки времиња, љубовта и семејното единство се единствениот вистински лек.