„Снаата испушти толку ужасен крик, таа беше пред породување“: Исповед низ солзи на таткото на Диме кој загина во „Пулс“ и не го дочека раѓањето на сопственото дете
„Се молев да стане син ми, го молев и Бога да направи чудо, јас да легнам, тој да стане“ - ова се дел од потресните зборови на Кире Димитриев, таткото на Диме кој трагично почина по пожарот во „Пулс“, не дочекувајќи го раѓањето на сопственото дете.
Ужалениот татко гостуваше во подкастот „Претрес“ со Ландов каде што низ солзи зборуваше за претрпениот шок, немоќта да му помогне на сопственото чедо, но и за новородениот внук кој во овие претешки моменти е единствената светла точка и надеж за семејството.
Сопругата на Диме се породила само еден ден по неговата смрт.
Тоа е едно застрашувачко искуство, не би можел точно да го опишам, затоа што во тие моменти, бевме во шок. Не посакувам на никој да доживее нешто такво слично.
Многу е тенка линијата помеѓу животот и смртта. Бог ти дава, Бог ти зема. Не знаеш дали треба да ја оплакуваш смртта на сопственото дете, или да се радуваш за новороденчето, за новиот живот кој што пристигнува во семејството.
Моментот кога стигнавме во болница сабајлето со снаа ми, сликата кога го видов син ми на еден од креветите како лежи испружен без знаци на живот, ме шокираше, светот ми се сруши, мислев дека ќе паднам.
Но, во истиот момент снаата испушти толку ужасен крик исполнет со болка, со неверување. Тоа на некој начин ме свести дека не сум сам, таа беше пред породување, дека морам да се грижам за неа.
Она што најмногу ме прогонува е тоа дека бев немоќен нешто да направам да му помогнам на сопственото дете.
Таа ме молеше: ‘Направи нешто, помогни’, а што можам да направам против смртта. Ете тоа ме прогонува, дека не можев ништо да направам. Во тој момент се молев да стане син ми, го молев и Бога да направи чудо, јас да легнам тој да стане, но тоа е.
Кире потенцира дека малото внуче им е светла точка:
Во тие тешки моменти, беше светла точка, надеж што ти вели дека мораш да продолжиш напред, дека имаш обврска да помогнеш колку можеш. Сега како што детето расте, со некои негови гримаси, со некои негови движења ме потсетува на Диме. И ќе се натажам и ќе се расплачам, тоа е животот.