Синовите на Бритни Спирс пораснаа и дебитираа како манекени: „Мајка ни постојано ни праќаше пораки за поддршка“
Синовите на поп-ѕвездата Бритни Спирс за првпат се појавија како манекени на Модната недела во Париз, каде што продефилираа на ревијата на Vetements за машката колекција пролет/лето 2027.
Браќата Шон Престон Федерлајн и Џејден Џејмс Федерлајн растеа далеку од очите на јавноста, а сега полека го градат својот пат во светот на модата и забавната индустрија.
На ревијата, Шон се појави во впечатлив долг црн свилен капут, комбиниран со црна кошула, вратоврска и фармерки додека Џејден чекореше на пистата во поопуштен стајлинг со бела маица без ракави, фармерки, широк кожен ремен и метални синџири.
Непосредно по дебито, двајцата дадоа интервју за „Вог“ во кое зборуваа за првото искуство на модната писта и дали би сакале повторно да се најдат во улога на манекени.
„Не знам за Престон, но јас дефинитивно сум заинтересиран. Мислам дека можам да бидам многу подобар, бидејќи ова ми беше прва модна ревија. Би можел повеќе да го усовршам одот, бев малку вкочанет затоа што бев нервозен. Но, Престон и јас се занимаваме и со музика и со други работи“ – изјави 19-годишниот Џејден.
Шон, пак, призна дека иако уживал во целото искуство, сè уште не е сигурен дали манекенството е професија на која би ѝ се посветил.
„Откако го доживеав сето тоа, навистина ми се допадна да видам како се создава една модна ревија. Но, не знам дали би се посветил на тоа. Не можам да кажам дека ми е најголема страст, но навистина уживав. Музиката е темелот на сè за мене. Џејден и јас цел живот се занимаваме со музика и тоа нè привлекува повеќе од што било друго“ - изјави тој.
Иако ниту Бритни, ниту нејзиниот поранешен сопруг Кевин Федерлајн не присуствуваа на ревијата, пејачката внимателно го следела секој чекор на своите синови пред нивното големо појавување на модната писта.
Според Џејден, таа им приредила и прекрасно изненадување пред нивното заминување за Европа.
„Ни испрати цвеќе во хотелот за да ни посака среќа, а постојано ни се јавуваше и ни праќаше пораки. Многу ни значеше што ја имавме таа поддршка пред да излеземе на пистата“ - откри тој.
Бритни Спирс и Кевин Федерлајн се венчаа во 2004 година, а во бракот ги добија синовите Шон Престон и Џејден Џејмс. Двојката се разведе во 2007 година.
Во изминатиов период, Бритни е посветена на рехабилитација и по повеќе години влошени односи, сега постепено ја обновува врската со синовите.