• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Шоу-бизнис

„Сè уште сакам силно и искрено, само со малку повеќе 'памет во глава'“: Теа Трајковска за старите љубови, созревањето и музиката

26 март 2026, 18:52
  • cподели
Теа Трајковска

Постојат животни поглавја низ кои само протрчуваме и такви кои нè запираат за да нè научат да чувствуваме. Со најновата песна насловена „22“, Теа Трајковска нè враќа во годините на најинтензивните емотивни бури и храбро ја соблекува душата пред македонската публика. Резултатот е сурова искреност, маестрално спакувана во моќен поп-рок звук кој пулсира со бендовска енергија.

Еволуцијата на Теа од талентирано девојче со голем вокален потенцијал во изградена артистка е очигледна. Денес таа е жена која со интригантна леснотија експериментира со изгледот и жанровите, цврсто држејќи го кормилото на својот внатрешен компас.

Во пресрет на нејзиниот нов албум најавен за 2026 година, со Теа разговараме за тоа како се затвораат поглавјата од минатото, зошто песната „22“ чекаше три години за да биде слушната и како се гради интегритет во свет кој постојано бара промени.

Теа Трајковска
Теа, новата песна „22“ веќе привлекува големо внимание. Што симболизира овој број за тебе и зошто го избра токму него?

22 за мене беше возраст на која го доживеав првото поголемо разочарување и морав да „пораснам"

„22“ не е случаен број. Тоа е возраст кога мислиш дека знаеш сè за љубовта, а всушност првпат вистински учиш да сакаш и да патиш. За мене тоа е симбол на една наивна, но искрена верзија од себе, период кога чувствата се интензивни, а границите сè уште не постојат. За мене лично беше возраст на која го доживеав првото поголемо разочарување и морав да „пораснам".

Кога ќе се вратиш наназад, колку Теа денес е различна од онаа на 22 години? Што најмногу се смени кај тебе?

Можеби сум сменета, ама суштината е иста. Дефинитивно сум помалку импулсивна и многу посилна. Тогаш живеев повеќе во самата емоција, а сега знам да застанам, да ја разберам и да се прашам зошто нешто ме допира на одреден начин. Сè уште сакам силно и искрено, само со малку повеќе свесност и „памет во глава“ 😄.

Теа Трајковска
Песната звучи многу лично. Колку од приказната е твоја, а колку е инспирирана од луѓе и ситуации околу тебе? На кого е посветена?

Да, приказната е лична, конкретна и инспирирана од една моја стара љубов која веќе е далечно минато. Искрено, не е нешто на кое често се навраќам, и „22“ како песна ја доживувам како едно зрело, носталгично сеќавање и како поглавје што го затвораш со разбирање, а не со тага. Ја имаме со Лазар Цветкоски, мојот продуцент, веќе 3 години и некако чекав да го почувствувам правиот момент за да ја слушнат и сите други и да излезе од нашиот микрокосмос.

Спотот за „22“

Во оваа фаза од животот, која е најважната лекција што ја научи за себе?

Не можеме да контролираме сè што ни се случува, но можеме да ја контролираме нашата реакција

Дека не можеме да контролираме сè што ни се случува, но секогаш можеме да ја контролираме нашата реакција. Дали ќе продолжиме да се бориме за својата среќа, дури и кога изгледа невозможно, или ќе се предадеме и потонеме, тоа е избор што го правиме секој ден. И мислам дека токму во тие мали, секојдневни избори се крие најголемата сила.

Теа Трајковска
Теа Трајковска
Твојот музички стил постојано се менува, како би го опишала звукот со „22“ и дали ова е нова насока за тебе?

Израсната сум под силно влијание на рок сцената

„22“ има поп-рок звук кој искрено го обожавам. Израсната сум под силно влијание на рок сцената и тоа е музика што ја слушам и приватно. Многу ми значи што аранжманот е со живи инструменти и што песната звучи „бендовски“, затоа што такви се и моите настапи, со бенд, со енергија, со динамика.

Што се однесува до насоката, мислам дека кај мене текстот секогаш ја носи главната тежина, а музиката го следи тоа чувство. Проектите што следат се различни по звук, но сите имаат силна приказна и откриваат различни слоеви од мене како артист.

Препознатлива си и по стилот. Колку визуелниот идентитет ти е важен во градењето на твојата уметничка приказна?

Сакам кога визуелното и музиката зборуваат ист јазик, само тогаш приказната е целосна. Секогаш уште додека ги правиме песните во студио, имам некоја почетна идеја како треба да изгледа видеото, јас во него и слично.

Теа Трајковска
Теа Трајковска
Често експериментираш со косата, дали тоа ти е начин на изразување или едноставно сакаш промени?

Експериментирањето со косата ми е креативен издувен вентил

Пааа и двете. Понекогаш е само желба за промена, а понекогаш е одраз на нешто што веќе се случило внатре. Како мал „reset“. Не знам дали има боја или форма што ја немам пробано, ама знам дека дефинитивно ќе продолжам да експериментирам. На некој начин, тоа ми е креативен издувен вентил.

Теа Трајковска
Како изгледа твојата секојдневна нега и рутина, имаш ли некои навики без кои не го започнуваш денот?

Се трудам да имам рутина, особено со нега на кожа, малку сум дури и опседната со тоа 😄 тоа ми е некој вид „self-love“. Наутро ми е важно денот да ми почне мирно, без хаос и брзање, колку што ми дозволуваат обврските. И секако, кафе и музика се задолжителни.

Кога ќе погледнеш каде си сега, дали чувствуваш дека си таму каде што си замислуваше како мало девојче?

Сè што правам е за малата Теа во мене да биде горда

Да. Сè повеќе и повеќе од ден во ден и сè што правам е за таа мала Теа во мене да биде горда. Од малечка музиката ми беше прва љубов, свирам клавир и пеам од 6 години и дефинитивно сонував да го работам ова што сега го живеам.

Теа Трајковска во детството
Теа Трајковска во детството
Теа Трајковска во детството
Што си посакуваш за периодот кој следи, и приватно и професионално?

Приватно, си посакувам мир и вистинска среќа. Колку и да звучи едноставно, во денешно време тоа е најголемиот предизвик. Професионално, работиме на многу нова музика, возбудливи проекти и албум кој треба да излезе во втората половина на 2026 година. Искрено едвај чекам публиката да го слушне и преку него уште подобро да ме запознае.

Теа Трајковска

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Теа Трајковска

Најнови

  • Била групно силувана, се парализирала во обид да се самоубие... 25-годишна девојка од Шпанија доби право да си го заврши животот

    Thu, 03/26/2026 - 20:10
  • Теа Трајковска

    „Сè уште сакам силно и искрено, само со малку повеќе 'памет во глава'“: Теа Трајковска за старите љубови, созревањето и музиката

    Thu, 03/26/2026 - 18:52
  • Young Dadi

    Young Dadi со откачен спот со многу гости за новата заразна песна „Лидија“

    Thu, 03/26/2026 - 17:00
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.