Се маскира од мали нозе, годинава со автентична маска: Аница Китаноска за вековната традиција на Вевчанскиот карневал
Изминативе два дена, Вевчани повторно беше епицентарот на случувањата во земјава. Во живописната општина каде традицијата не се чува во музеј, туку се живее на улица, се одржа Вевчанскиот карневал – обред стар повеќе од 14 века. Карневалот, познат и како „Св. Васиља“ или Василица, со своите корени поврзани со празникот на Св. Василиј Велики и денес останува простор на слободна мисла, сатира и симболично прочистување, каде се испраќа старото, а се пречекува новото.
Иако во минатото маските биле исклучиво машка привилегија, а и денес традиционалните ликови како Зетот и Невестата, придружени од зурли и тапани, Глупиот Август и Ѓаволот секогаш ги носат мажи, Вевчанскиот карневал одамна ја надмина таа поделба. Во последниве години, жените сè појасно и похрабро го заземаат своето место во карневалската поворка, внесувајќи нова енергија, креативност и сопствен уметнички печат, со што традицијата не се нарушува, туку се збогатува.
Имено, за Вевчанци маската не е костим, туку дел од идентитетот. Така е и за Аница Китаноска, која е дел од карневалот од своето раѓање, како и секое дете пораснато во Вевчани. Првите маски ѝ биле заедно со нејзиниот татко, а денеска учествува во групни маски во кои се вложува особена посветеност, труд и креативност.
„Се маскирам од најрана возраст, бидејќи во Вевчани тоа е дел од растењето. Како дете, ја доживував маската како слобода, а подоцна, гледајќи фотографии од дедовци и прадедовци, сфатив дека таа слобода е дел од подолг континуитет што секоја генерација го носи и преосмислува.“
Годинава, 25-годишната уметница заедно со своето друштво претстави уште една автентична маска, инспирирана од вевчанските корени.
„Инспирацијата дојде од вевчанската традиција, но не како буквална копија. Зедовме елементи од носијата и обичаите и ги преработивме. Маската не претставува лик, туку став, врска со традицијата што се живее, а не се повторува.“
Најмногу време, како што вели, одзел самиот процес на развој на идејата. Тој бил колективен, во рамки на друштвото, каде секој дал свој придонес и визија. Самата изработка, пак, со добра тимска работа, била завршена за само пет дена.
„Најтешко беше да се одржи рамнотежа меѓу традицијата и личната интерпретација. Маската за глава е изработена од венец со василичарки, потки од дрен, босилек и мов, со додатоци од капачиња налик пари, црвена вуница и струнено вреште. Облеката е составена од различни текстили, дополнети со вуница и капачиња како пари“ – вели таа.
Слободата, протерувањето на лошото и дочекот на Старата нова година во пагански дух се нешта што можат да се почувствуваат само тука, во ова мало, но посебно место во југозападна Македонија. За Вевчанци, овие два дена се чекаат цела година.
„Како Вевчанка, Св.Васиља за мене е чувство на припадност и колективна гордост. Како уметница, ја доживувам како жива културна форма што се обновува преку слобода, различност и личен израз. Маските се еден дел од таа живост, но музиката зурлата и тапанот ја создаваат вистинската атмосфера и го носат ритамот на обичајот. Токму во таа спојка меѓу визуелното, звукот и заедницата лежи силата на Вевчанскиот карневал и причината зошто тој опстојува.
За многу години!“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk