• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

Роман ја започна приказната, сега таа е за сите деца: Отворен клуб во Струга за болни и дечиња со попреченост

20 август 2026, 00:50
  • cподели

Роман Лескароски секојдневно води битки кои се преголеми за едно дете, но ниту бројните здравствени предизвици не успеале да му ја одземат желбата да спортува, да се дружи и да се натпреварува.

Токму неговата упорност и љубовта кон спортот станале поттик за создавање нешто многу поголемо – клуб во кој и други деца со попреченост и различни здравствени состојби ќе добијат простор да ги откриваат и покажуваат своите можности.

Така, во Струга се роди клубот за спорт, параспорт и рекреација „И јас можам“, чија мисија е едноставна, но исклучително значајна: спортот да биде достапен за секое дете.

„Тоа што цело време оваа битка на Роман ја водиме гласно, јасно и без предрасуди се претвора во еден глас, глас без поделби и глас на секое едно дете кое боледува од било каква дијагноза. Овој клуб ги отвори вратите на деца од различни вери и нации, на деца со канцер, дијабетес, оштетен вид, аутизам, церебрална, едноставно деца со најразлични здравствени дијагнози“ – велат за Фемина, родителите Ивана и Дејан Лескароски.

За нив, суштината на клубот е во тоа што секое дете, без оглед на дијагнозата или предизвиците со кои се соочува, заслужува еднаква можност.

„Ни една дијагноза не е помалку вредна од друга и секоја има своја тежина. Среќни сме што нашиот глас допре до многу семејства и сега сите заедно имаме само една мисија, а тоа е нашите деца да не се помалку вредни од другите, гласот на нашите деца да е во прв план во ова општество и да се рамноправни и рамо до рамо со оние деца кои се здрави. Тука нема да застанеме и ќе продолжиме и понатаму да ги мотивираме и да ги охрабруваме сите деца и семејства кои поминуваат низ вакви трнливи патеки. Секој наш нов ден е благослов, зошто за Роман секој нов ден е борба, а ние заедно со него ќе се бориме до последен здив. За господата Коста и Виктор кои го овозможија ова, што и да кажеме ќе биде малку, зошто ова што тие го направија не го може секој, а во животот на Роман тие се од големо значење“ – додаваат родителите.

Денес, клубот брои 15 деца, бројка која воедно е и неговиот максимален капацитет. Причината е специфичноста на работата, бидејќи тренинзите во најголем дел се индивидуални и бараат посебен пристап кон секое дете.

„Се трудиме да обезбедиме соодветна опрема, но и обучен персонал за оваа специфична природа на работата. На секое дете му пристапуваме индивидуално, во зависност од неговите можности, потреби и способности“ – велат од клубот.

За луѓето кои стојат зад „И јас можам“, позитивното и неуморно момче не е само еден од членовите. Тој е херојот од кој започна целата приказна, но и пример за истрајност, храброст и победнички дух.

„Роман е исклучително момче, со посебен победнички карактер. Можам да кажам дека е исклучителна инспирација за сите нас и дефинитивно е причината да го формираме нашиот клуб. Благодарение на него, уште многу дечиња ја почувствуваа благодатта на спортот“ - открива за Фемина, тренерот Виктор Пауноски.

Поддршката за клубот првенствено доаѓа и од Пливачкиот базен „Струга“, во кој идејата била уште веднаш прифатена.

„Идејата во нашиот базен да профункционира клуб посветен на спортот, параспортот и рекреацијата за деца со различни здравствени проблеми ја прифатив со голема радост и без двоумење се приклучив кон иницијативата. Особено ме радува што идејата веднаш беше прифатена и поддржана од целиот персонал на базенот.

Од самиот почеток се трудиме да обезбедиме оптимални услови за работа со овие прекрасни деца, а секој нивен чекор напред, секој нов освоен метар, секое подобрување и секоја насмевка го доживуваме и како наш личен успех.

Со особено задоволство стоиме зад активностите на клубот ‘И јас можам’, кој и покрај своето кратко постоење покажа извонредна зрелост, не само во непосредната работа со спортистите, туку и во организирањето натпревари, спортски настани и активности кои имаат големо значење за целата заедница.

Верувам дека спортот има сила да руши бариери, да отвора можности и да покажува дека различностите никогаш не смеат да бидат пречка за остварување на соништата. Токму затоа, мисијата на ‘И јас можам’ ја доживуваме како исклучително важна и благородна“ – вели за Фемина, раководителот на објектот, Коста Хиохи.

Тој најави дека и во иднина ќе продолжат да ги ставаат своите капацитети и ресурси во функција на клубот и неговите членови.

„Затоа што кога едно дете ќе каже ‘И јас можам’, наша обврска е да му помогнеме тоа навистина да го докаже“ – додава тој.

„И јас можам“ засега своите активности ги реализира преку пливање, веслање и кајак, но плановите се во иднина палетата на спортови да биде дополнително збогатена.

Еден од позначајните настани досега се одржа во јуни, во соработка со Веслачката федерација на Македонија, кога било организирано првото веслачко првенство на ергометар за слепи деца.

На првенството учествуваа 10 деца од повеќе градови во Македонија. Настанот беше можност за дружење, запознавање и испраќање важна порака дека спортот треба да биде достапен за сите.
Но, календарот на клубот не завршува со натпреварите.

Во него е и кајакарскиот маратон „Весламе за ретките“, на релација Струга-Охрид. На маратонот најавено е и учеството на Роман, кој заедно со својата најголема животна поддршка, мајка му Ивана, и тренерот Виктор, во групен чамец ќе се обиде да ја извесла целата маратонска дистанца.

За крајот на годината, во ноември е планиран и меморијалниот пливачки митинг за пионери и пливачи со попреченост „Кире Ѓоргон 2026“. Членовите на пливачката секција на клубот таму повторно ќе имаат можност да се натпреваруваат, но и да бидат дел од еднаква спортска приказна во која дружењето, радоста и чувството на припадност се исто толку важни колку и самиот резултат.

Tags
Роман Лескароски
Ивана Лескароски

Најнови

  • Роман ја започна приказната, сега таа е за сите деца: Отворен клуб во Струга за болни и дечиња со попреченост

    Thu, 08/20/2026 - 00:50
  • Наташа Малинкова со сопругот и ќерките Султана и Емилија на одмор во Грција

    Wed, 08/19/2026 - 22:09
  • „Генерациско дуо, добро вино, квалитетна берба 63-та“: Дарио Панковски позираше со врсникот Игор Џамбазов и се пошегува

    Wed, 08/19/2026 - 14:56
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.