Родители, внимание: На македонскиот пазар пласиран „APTAMIL“ производ со токсин, веднаш се повлекува
Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) извести дека на македонскиот пазар била пласирана формула за доенчиња со присуство на токсинот цереулид (cereulide) и итно се повлекува од пазарот.
Се работи за APTAMIL AR 2, ENG 24×400 g, серија 2027.01.02, во вкупна количина од 912 парчиња, со потекло од Ирска.
„Апелираме до потрошувачите кои го имаат купено производот со наведениот лот и рок на употреба истиот да не го употребуваат или да го вратат на местото каде што го купиле“ – велат од АХВ.
Со вчерашната вонредна контрола било констатирано дека целата увезена количина од 912 пакувања веќе била дистрибуирана на македонскиот пазар, т.е. нема преостанати во магацинот на увозникот.
Контролата била направена откако Агенцијата добила известување преку системот Rapid Alert System for Food and Feed на Европската Унија.
Поради присуство на токсинот cereulide низ Европа се повлечени повеќе производи на „Nestle“, а од АХВ велат дека ја следат состојбата и доколку има потреба, навремено ќе реагираат за да ги заштитат бебињата.
Најчестите симптоми на можна инфекција со цереулид се повраќање и дијареја кратко време по консумацијата на млекото (30 минути до 3 часа).