Пример за чесност: 14-годишниот Илија пронајде 46.000 денари и му ги врати на сопственикот
Во време кога сè поретко слушаме за позитивни примери во нашето општество, Илија Гигов стана светла точка.
14-годишниот тинејџер од Велес пронашол банкарска книшка и 23 банкноти од по 2.000 денари, односно вкупно 46.000 денари. Чесниот пронаоѓач веднаш им кажал на своите родители, а средствата брзо му биле вратени на вистинскиот сопственик.
На Денот на македонската полиција, 7 Мај, СВР Велес му оддаде признание за неговиот хуман гест.
Од СВР Велес истакнуваат дека младиот велешанец со својот пример покажал дека „чесноста, одговорноста и човечноста се вредности кои немаат цена“.
Еве ја нивната објава:
СВР-Велес, Денот на македонската полиција – 7 Мај, реши да го одбележи со гест на укажување искрена благодарност и восхит на 14-годишниот Илија Гигов од Велес, кој со своја лична постапка покажа дека најважни одлики во животот на еден човек се чесноста, одговорноста и добрината.
Пред неколку денa, овој мал јунак со големо срце одржа лекција како за своите врсници, така и за возрасните. Имено, движејќи се кон училиште, Илија пронајде банкарска книшка и 23 банкноти од по 2000 денари. Без размислување веднаш ги известил своите родители, пронајдените средства ги пријавија во полиција и истите веднаш беа вратени на сопственикот.
Илија со само 14 години со својата хуманост и добронамерност покажа високо ниво на морални вредности вредни за почит и благодарност. Неговата постапка претставува светол пример и инспирација за сите нас.
Гестот на Илија уште еднаш потврди дека хероите не секогаш носат наметки, понекогаш тие се скромни деца со големо срце.