Прегратки, игра и химната „Гуш и бац“ во еден глас: Инклузивниот настан „Другарството е богатство“ со моќна порака
Насмевки, детски џагор и прегратки на сите страни, така вчера помина седмиот по ред инклузивен настан во организација на Здружението „Аутизам ААМК“, кој се одржа на Школка и уште еднаш покажа дека инклузијата најдобро се учи преку игра, дружба и љубов.
Просторот беше исполнет со деца и родители кои заедно учествуваа во најразлични спортски, забавни и едукативни активности, музички и ликовни работилници, но и уживаа во бројни сценски настапи.
Уште на самиот старт, секое дете добиваше флаер (мапа за авантурите кои го очекуваат), на кој беа наведени сите активности, а со секоја исполнета игра или дружба водена од многубројните неуморни волонтери, се собираше нов печат. На крајот, за трудот следуваше и симболична награда, која дополнително ги израдува најмалите.
Од почеток до крај владееше весела атмосфера и заедништво, а токму тоа беше и главната порака – дека децата со атипичен развој сакаат да играат, да се смеат, да пеат и да другаруваат исто како и сите други деца.
Со свој сценски настап на Школка се претставија Бојана Ѓузелова, Петар Радевски, Ива Ракиџиева, Дорис Димовска, Dancers United, Мила Николовска, Марија Савеска, Блаже Трпковски, Нела Манчевска, Калина Симоновска, Калина Кналијан Станкова, Димитар Иваноски, Зои Цветковиќ, учениците од ОУ „Петар Поп Арсов“, Леон Мемиш Апостоловски, Даце Николовски заедно со ученици од ОУ „Блаже Конески“, Дени Жерновска, Танцово студио Еурека, Дино и Ансамбл „Студио Фолклор“.
Секој настап донесе посебна енергија, а разиграната публика со громогласни аплаузи ги поддржа сите учесници кои испратија силна порака за прифаќање, почитување и другарство.
„Главниот виновник“ за оваа прекрасна приказна, Денис Јанкуловски, познат и како Космонаутко, не ја криеше својата среќа и за Фемина изјави:
„Настанот помина прекрасно, одлично посетено, многу деца, многу насмевки, прегратки, многу споделена љубов. Многу игра, забава, дружба и она што беше и целта - ЗАЕДНО. Како и секоја година, така и оваа, сите ние на Школка, а најмногу децата покажуваме и докажуваме дека инклузијата не само што е потребна, туку е и можна, нашиот начин е преку игра и забава. Според мене тоа е еден од најдобрите начини да се покаже дека секој сака, секој може да биде дел од секојдневието. Начинот на кој може, треба ние да го дознаеме, препознаеме, а не да гледаме што не може. Ниедна попреченост не е целосна спреченост. Јас и целиот тим, кои го организираме овој настан секоја година, а од година во година не има сѐ побројни, сме презадоволни, затоа што токму децата и нивните семејства кои доаѓаат на Школка се задоволни - тоа нас ни е ветер во грб за понатаму да продолжиме најмалку со исто темпо.“
Тој посебно ја издвои новата активност - Детско ТВ катче, каде децата пред камера зборуваа за другарството и инклузијата, како и што им недостасува и сакаат да видат следната година на Школка.
Најемотивен момент, кој ги сплоти сите присутни дента, беше кога сите заедно ја испеаја химната „Гуш и бац“ во придружба на Мијата.
„Денис треба да биде заштитен како национално богатство!“ - кажа емотивно пејачката, препознавајќи ја огромната пожртвуваност и љубов која тој ја вложува во овој настан години наназад.
„Сите сме различни, но и многу слични. Не ја гледајте попреченоста, туку можноста. Гледајте со срцето, дознавајте, запознавајте, помагајте, другарувајте“ – порача Денис.
Автор: Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
Фото: Ерина Богоева / Femina.mk