Празнична магија во Филхармонија: Sarah Mace and the Girlzz приредија предновогодишен концерт за паметење
Sarah Mace and the Girlzz со синоќешниот предновогодишен концерт во Големата сала на Македонска филхармонија му подарија на Скопје вечер исполнета со празнична магија.
Спојувајќи ја елеганцијата на концертната сцена со современа вокална енергија, женскиот квартет создаде атмосфера која ја внесе публиката во божиќното расположение и ја претвори музиката во заедничко празнично доживување.
Сара Мејс заедно со Ана Петановска, Калина Велковска – Кали и Теа Богатинова настапија во придружба на Божиќниот оркестар, под диригентската палка на Иван Еминовиќ. Концертот понуди современа изведба на познатите божиќните нумери и создаде богата слика која целосно ја исполни концертната сала.
Вечерта доби и дополнителна сценска магија со појавувањето на Дедо Мраз, кој внесе ведрина и детска радост во салата.
Особено впечатлив момент беше изведбата на новата божиќна композиција „Нека трепка“, кога на сцената им се придружија девојчињата кои се појавуваат во видео-спотот – The little girlzz: Илина, Ангела, Мила и Ника, чиј настап донесе искрена емоција и силна симболика на празничната порака.
Покрај музичките изведби, вечерта беше збогатена и со искрени обраќања кон публиката – кратки воведи и лични осврти кои ја доловија симболиката на композициите, претворајќи ја концертната сала во простор каде што празничната радост се споделуваше преку музиката.
Караванот „Нека трепка“ продолжува да ја шири празничната атмосфера и ќе биде заокружен денеска, со настап на новогодишниот базар во Крива Паланка, каде што публиката ќе има можност уште еднаш да ја почувствува радоста и магијата на празниците преку музиката.