• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Занимливости

„Празничен Париз и магичен Дизниленд... Солзите на синот ни беа потврда“: Кристина Талеска-Големтеова за семејното патување

3 јануари 2026, 19:35
  • cподели
Кристина Талеска-Големтеова на патување во Париз и Дизниленд

Празничните патувања секогаш се поспецијални кога се споделени со најблиските. За Кристина Талеска-Големтеова неодамнешната посета на Париз и Дизниленд не беше само уште една чекирана дестинација, туку семејно доживување исполнето со радост, смеа и спомени што се паметат засекогаш.

Заедно со сопругот Горан и синот Калин, познатата ТВ новинарка од МРТ ја доживеа новогодишната магија на Градот на светлината и бајковитата атмосфера на Дизниленд низ детски очи, на најубавиот можен начин.

За Фемина, Кристина зборува за празничниот Париз, магијата на Дизниленд, организацијата на едно вакво семејно патување и за моментите кога, барем накратко, и возрасните повторно стануваат деца.

Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Париз и Дизниленд во празничен период звучат како совршена комбинација. Како изгледаше ова патување низ вашите очи, но и низ очите на вашиот син Калин?

Париз ни беше дамнешен план и постојано го одложувавме патувањето за сметка на некоја друга дестинација, а сега сфаќам и зошто универзумот така ги нареди коцките.. И Париз и Дизниленд бараат многу енергија, одење и трпение за да можат да се доживеат вистински, а нивната посета со дете на 4 и дете на 11 години колку што во моментов има нашиот син, е сосема поинакво доживување... 20 илјади чекори беше дневниот просек, кој верувајте не го ни почувствувавме, бидејќи попатно беше исполнет со многу радост, новогодишна магија на секоја уличка во Градот на светлината, мали гастрономски радости и многу детска смеа која го направи уживањето уште поголемо.

Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Каква беше празничната атмосфера во Париз и во кој момент најсилно почувствувавте дека сте дел од таа магија?

Париз за Нова година не е само патување, тоа е доживување што останува како чувство долго по враќањето дома. Градот едноставно „зборува“ со новогодишни декорации и украси на секоја уличка, прозорец и продавница... Секој агол буквално „дише“ во празничен ритам. А, крстарењето по Сена за добредојде и првото зајдисонце по кое целиот град блесна ни посакаа „добредојде“ во магијата од која се чини уште долго ќе сумираме впечатоци.

Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Дизниленд во овој период има посебна енергија. Како изгледа паркот за време на празниците и по што најмногу се разликува од „обичните“ денови?

За Дизниленд често велат дека е најсреќното и најмагичното место на светот. Е, ако на тоа му додадете уште илјадници светилки, празнична музика и тематски детали, ете го одговорот како изгледа за време на празниците. Разликата од „обичните“ денови е во интензитетот, не само визуелен, туку и емоционален. Сè е поинтензивно, емоциите, насмевките, чувството на заедништво што го прави искуството уште помагично, особено кога го доживувате како семејство.

Во една од објавите на социјалните мрежи на шега споделив фотографија во која напишав „Кога одиш во Дизниленд за син ти, а ти си повозбуден“ ( И искрено, не бев далеку од вистината, затоа што Калин се радуваше и уживаше во секој миг, а со него и јас и сопругот заборавивме дека сме возрасни и си дозволивме еден цел ден радост и чувство на безгрижност).

Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Празничните паради, декорации и светлосни шоу-програми се заштитен знак на Дизниленд. Што беше највпечатливо за вашиот син, а што ве изненади најмногу вас?

Највпечатливо за Калин беше самата близина и дофатливост на Дизни ликовите од цртаните, можноста да ги прегрне, да поразговара и од нив да добие „вистинска“ реакција. Празничната парада пак, беше кулминацијата на радоста и за него, но и за нас. Ќе излажам ако кажам дека срцето не ми затрепери на Мики, Мини и Плутон, цртаните ликови и од моето детство. Дополнително фасцинантно за мене беше сознанието како добра организација и сериозно смислен концепт може да направат бајка која ќе живее со години, носи туристи од целиот свет и прави неверојатно голем профит.

Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Повеќето луѓе го опишуваат Дизниленд како „најсреќното место на Земјата“. Дали ова важи особено за празничниот период и дали мислите дека тоа е само маркетинг или навистина така се чувствува?

Сè додека не го посетив Дизниленд, нема да лажам дека и јас се уверував себе си дека во голема мера станува збор за многу добар маркетинг. Но, кога на едно место ќе видите толку многу луѓе кои се смеат, забавуваат, создаваат спомени, а патем посетеноста не опаѓа, туку се случува токму спротивното, па бројни посетители се враќаат и по неколку пати, ќе сфатите дека Дизниленд е едноставно неверојатен „мајстор“ за радост и не случајно го опишуваат како најсреќното место на Земјата. Празничниот период пак, дополнително им дава интензитет и на чувствата и на емоциите. Па, ако размислувате кога да се посети Дизни, мојот предлог без двоумење е периодот околу Новогодишните празници.

Поради големата посетеност за време на празниците, како успеавте да ја организирате вашата тура? Имавте ли некои „трикчиња“ за да избегнете долги редици и да го извлечете максимумот од денот?

Секако, моето прво правило е дека без добра организација и однапред направена агенда, не се тргнува на патување, особено со дете. Иако секогаш има изненадувања во однос на планираната агенда, сепак за посета на знаменитости, музеи или тематски паркови како Дизни, билети купувам секогаш однапред онлајн. Така штедам и време и нерви (не верувам дека постои период во годината кога во Дизниленд нема метеж, но ние дојдовме кусо по отворањето, па за среќа влеговме многу брзо).

Кога купував билети ја симнав и официјалната апликација на тематскиот парк што и не ни помогна многу во однос на избегнувањето на метеж пред популарните атракции, но пак ни помогна да ја составиме агендата и да ги подредиме приоритетите за тоа што сакаме да видиме.

Најважните возења ги направивме во претпладневните часови, а во останатиот дел од денот, комбиниравме со Дизни парадата, прошетка и фотографирање низ бројните тематски паркови што се покажа како успешен план, бидејќи како минува денот, енергијата и трпението се сé помали што се забележуваше помеѓу посетителите, особено оние со помали дечиња кои чекаа со часови ред за едно возење.

Па кога сме кај децата, уште една сугестија за родителите: Ако во патувачката агенда ви е Дизни, реализирајте ја кога детето ќе биде малку повозрасно, од неколку причини. Првата и најважна е што ќе се поштедите од стрес, а верувале или не дечињата многу брзо се заситуваат и од шаренило и од гласна музика и од забава, причина поради која паркот беше исполнет и со бројни расплакани деца и нервозни родители кои едноставно очекуваат едно, но заморот носи сосема друго чувство и емоција. А втората е што големите атракции, како ролеркостерите по кој е препознатлив Дизниленд, се отворени за дечиња над 10 години, па уживањето ќе ви биде комплетно доколку може да искористите што поголем број на забавни атракции.

Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Како новинар, сигурно секогаш внимавате на детали. Кое мало, но значајно нешто во Дизниленд или Париз ќе ви остане како најдраг спомен од ова семејно патување?

Париз е со сигурност една од најфасцинантните европски метрополи. Градот на љубовта, препознатлив по знаменитостите, уметноста, високата мода и квалитетното вино и мене како и милиони туристи од целиот свет ме „купи“ на прва. Но, тоа со што градот ме освои и секогаш ќе ме враќа назад се малите нешта кои најчесто ги креираат најголемите спомени. Срдечноста на парижаните, трпението кон туристите навистина ме изненади, затоа што од Македонија тргнавме со убедување дека не треба да очекуваме многу од домаќините кои се едноставно изморени од туристи. А кога се чувствуваш добредојден, лесно е да се опуштиш и вистински да уживаш во сė што Париз може да понуди. И тоа се сцени кои ги чуваме како важна меморија која веројатно е позначајна од било која голема атракција по која милиони туристи секоја година доаѓаат. Впрочем и солзите на Калин на крајот на патувањето ни беа потврда дека со сопругот сме го направиле вистинскиот избор и најдобрата агенда при посетата на Градот на светлината.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд
Tags
Дизниленд
Кристина Талеска-Големтеова

Најнови

  • Кристина Талеска-Големтеова за патувањето во Париз и Дизниленд

    „Празничен Париз и магичен Дизниленд... Солзите на синот ни беа потврда“: Кристина Талеска-Големтеова за семејното патување

    Sat, 01/03/2026 - 19:35
  • Шминкер од Белград создава неверојатни мејкап трансформации, докажувајќи дека убавината не познава возраст

    Fri, 01/02/2026 - 22:25
  • Модна битка: Александра Пријовиќ во фустан од илјадници евра во кој пленеше и Жизел Бундшен

    Fri, 01/02/2026 - 19:05
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.