Почина актерката Ленче Делова, која ќе ја паметиме по улогите во „Чук-чук Стојанче“, „Салон Хармони“ и „Во светот на бајките“
Ленче Делова го напушти овој свет.
Истакнатата македонска актерка почина на 77-годишна возраст. Жалната вест ја соопштија од Драмски театар Скопје, каде настапуваше повеќе децении.
Со длабока тага и неверување ја примивме веста дека почина нашата драга колешка и актерка, Ленче Делова.
Нејзиниот талент, топлина и насмевка ќе останат засекогаш во нашите срца и спомени. Театарот загуби уметник, а ние – пријател и прекрасен човек.
Почивај во мир.
Искрено сочувство до семејството и најблиските – стои во нивната објава.
Делова е родена на 15 јуни 1948 година во Скопје. На сцената на Драмскиот театар настапуваше уште од 1964 година како глумец-аматер, а од 1970 година беше постојан член на театарот, каде работеше до пензионирањето во 2013 година.
Публиката ја памети по бројните телевизиски и филмски остварувања, особено во сериите: „Салон Хармони“, „Ајде да се дружиме“, „Чук-чук Стојанче“ и „Во светот на бајките“, но и во филмовите „Диво месо“, „До балчак“, „Илинден“ и „Пред дождот“.
За својата работа, Ленче беше добитничка на повеќе награди.
Наградата „13 Октомври“ ја доби за улогата на Офелија во „Хамлет“, за улогата во „Ни ќар – ни зијан“ ѝ припадна наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот „Војдан Чернодрински“, а на истиот фестивал во 2006 година беше почестена и со наградата за животно дело.
Погребот ќе се одржи денес.
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје.
Со почит,
Драмски театар Скопје