„По години пријавувано семејно насилство, ги загубив внуката и сестрата“: Потресни зборови на братот на жената која почина со мало дете по пад од зграда
Македонската јавност денеска ја потресе ужасна вест. Згаснаа животите на млада мајка и нејзината мала ќерка по пад од балкон од шести кат на зграда во скопската населба Тафталиџе.
Засега нема никакви официјални информации за случувањата кои претходеа на трагедијата, а од Обвинителството информираат:
„Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот. Повеќе детали од дејствијата во текот на утрешниот ден“.
Часови по трагедијата, се огласи братот на жената чиј живот заврши прерано. Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Александар Стојаноски тврди дека неговата сестра била жртва на семејно насилство и дека непостапувањето на институциите резултирало со смрт на два млади животи.
Неговата објава во целост:
Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство.
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем ... После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече - вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто ... вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем!