По 15 години борба со неплодност, пожарникар посвои бебенце оставено во кутија за напуштени деца
Пожарникар, кој со саканата повеќе од една деценија се обидувале да добијат свое дете, стана татко на сосема неочекуван начин.
Приказната за неплодноста на Крис и Џенеј Мартинез добила неочекуван пресврт кога новороденче било оставено во т.н. „safe haven“ кутија токму во неговата противпожарна бригада и тој веднаш знаел дека сака да му биде татко.
„Од моментот кога го видов, знаев дека сакам да му бидам татко“ – раскажал тој.
Сè започнало на 6 февруари 2024 година, по една тешка ноќ за Крис. По интервенција на пожар во кој бил и повреден, се вратил во станицата, без да претпостави дека наскоро ќе му се промени животот. Набрзо дознал дека во специјалната кутија за безбедно оставање бебиња има новороденче.
Бебето било во сериозна состојба, со проблеми со дишењето и веднаш било пренесено во болница, каде што поминало речиси два месеци на интензивна нега.
„Имаше пет различни дроги во неговиот организам и уште низа други работи. Мораше да остане во болница речиси два месеци“ – рекол Крис.
Во текот на целиот период, Крис и Џенеј биле покрај него.
„Секој ден бевме таму за да не биде сам на овој свет. Беше многу кревко и се заљубив во него. Му го дадов првото шише млеко и само го гледав во очите. Љубовта беше инстантна, знаев што сакам – рекла Џенеј.
Партнерите, кои претходно безуспешно се обидувале да имаат дете повеќе од 15 години, токму во тој период станале сертифицирани згрижувачи.
„Тајмингот беше совршен. Беше судбина“ – рекол Крис.
Тоа им овозможило да го земат бебето кај себе додека трае процесот на посвојување, процес кој воопшто не бил лесен.
„Немаше идентитет, немаше извод, немаше ниту матичен број. Беше тешко луѓето да не го викаат на име... Тој не е никој, тој е некој. Тој е Мартинез“ – рекла Џенеј.
Конечно, на 10 март 2025 година, нивната борба завршила со среќен крај и посвојувањето било официјализирано, а малото момче го добило името Микел Грејсен, кое има посебно значење за семејството.
Иако денес живеат живот каков што отсекогаш посакувале, тие не ја забораваат жената која го донела најтешкиот избор.
„Не можам ни да замислам колку ѝ било тешко. Таа сакала подобар живот за него“ - рекла Џенеј, додавајќи дека е благодарна што бебето било оставено на безбедно место.