Од Охрид до Чикаго, па во детските срца: Забавната „Тетка Калина“ за мајчинството и феноменот „Дарко Биберко“
Кога ќе го слушнете името Калина Нешкоска Серафимоски, можеби нема веднаш да ви прозвучи познато. Но, ако сте родител на мало дете, доволно е да кажеме „Тетка Калина“, за инстантно да ви „светнат“ насмевката, гласот и песните кои децата ги пеат дома, во автомобил или во градинка.
Заедно со сестра ѝ Невена, шармантната креативка стои зад популарниот серијал „Дарко Биберко“, кој преку разиграни и едукативни песни го доближува македонскиот литературен јазик до најмладите. А зад сцената, Калина е и сопруга на Александар, мајка на Антониа Јана, веган и професионалец во маркетинг сферата.
Нејзината животна приказна почнува во Охрид, а продолжува во Чикаго, каде што по шесто одделение со семејството започнува ново поглавје, од нула. Токму таму се продлабочува љубовта кон музиката, присутна уште од детството. Со сестрата Невена, чие музичко образование ја надополнува нивната заедничка пасија, како и со братот Наум, беа дел и од една од најновите епизоди на „The Simpsons“, „Abe League of Their Moe“.
„Дарко Биберко“, инспириран од приказните што мајка им им ги раскажувала како мали, а создаден по ликот на нејзиниот внук од брат, денес е детски бренд кој шири позитивност во многу македонски домови ширум светот.
Со Калина разговаравме за креативниот хаос, животот меѓу две култури и длабочината која ѝ ја донесе мајчинството.
Твоето детство започнува во Македонија, а продолжува во САД. Кој е најсилниот спомен кој и денес го носиш од тој „стар“ живот и дали некогаш ти недостигаше чувството на припадност додека растеше далеку од татковината?
Најубави спомени ми се активностите по училиште. Одев во музичко училиште и учев клавир и солфеж. Исто така, поминував многу време во „Кловер“, приватното училиште за странски јазици на моите родители. На англиски и солфеж одев со најдобрата другарка Бисера, и двете одевме на часови со ролери.
Денес, кога луѓето те препознаваат како креаторка, музичарка и „тетка Калина“, која е Калина приватно, надвор од сцената и проектите?
Надвор од сцената, сум пред сѐ мајка и сопруга. Работам од дома во дигитален маркетинг. Веган сум и ме интересира готвење и здрава исхрана. Обожавам да експериментирам со нови рецепти.
Неодамна стана мајка. Како изгледаше првиот момент кога ја зеде ќерка ти во раце и дали во тој миг нешто суштински се промени во тебе?
Кога ми ја ставија ќерка ми на гради, се почувствував како цел свет да ми е во раце
Никој не може да ти опише какво е чувството да створиш живот, да го носиш и растеш во тебе 9 месеци. Јас уште бремена го имав тоа чувство дека сѐ ќе дадам од себе за своето уште неродено дете. Не можев да го сфатам тоа да сакаш некого со цело срце, а сѐ уште не го познаваш, ниту знаеш како тој изгледа.
Кога ми ја ставија ќерка ми на гради, се почувствував како цел свет да ми е во раце. Имав милион емоции, што единствено можеа да се опишат со солзи-радосници. Во тој момент, цел свет ми се промени и знаев дека од тој ден натака, сум мајка, нешто што сѐ уште не ми се верува.
Дали мајчинството ти донесе ново разбирање за тоа колку е важно детето од најмала возраст да го слуша и чувствува мајчиниот јазик и културата?
За мене, никогаш не беше во прашање дали детето мое ќе зборува македонски, но имањето на македонски материјал, тоа многу ќе го олесни. Ќерка ми сѐ уште не зборува, но кога ќе почне, знам дека нови зборови многу полесно ќе се учат преку песнички.
Дали твојата ќерка го гледа „Дарко Биберко“ и како реагира кога ќе го слушне твојот глас или ќе те види на екранот?
Сѐ уште не ѝ уклучувам телевизија, зошто е премногу малечка. Ги пуштам песните на „Дарко Биберко“ на „Спотифај“ и ѝ правам шоу во живо.
Од каде се роди идејата за „Дарко Биберко“? Имаше ли конкретен момент кога сфати дека ова не е само идеја, туку мисија?
Идејата за „Дарко Биберко“ дојде од приказните на мајка ни
Идејата за „Дарко Биберко“ дојде од нашата мајка. Од мали ни раскажуваше приказни за малото и силно дете Дарко Биберко кој можел да направи сѐ што ќе наумел. Многу ни беше мило што можевме да ја оживееме таа идеја. Кога видовме колку позитивно беше прифатено од децата и од родителите, и дека бараат нови епизоди, сфативме дека „Дарко Биберко“ ќе биде шоу што луѓе ќе го паметат како „Бушава Азбука“.
Има ли лична или симболична приказна зад „Дарко Биберко“ и што претставува тој лик за тебе?
„Дарко Биберко“ беше нацртан според изгледот на нашиот внук, Дамјан, а приказната за ликот, како што напоменав, беше измислена од страна на мајка ми. Суштински, ликот „Дарко Биберко“ е весело дете кое ги цени и применува македонските традиции и култура и дете што се гордее со неговата македонска националност.
Кога започнавте, дали верувавте дека проектот ќе допре до толку многу деца и семејства ширум светот, или успехот ве изненади?
Не очекувавме „Дарко Биберко“ да направи толку голем бум
Не бевме подготвени „Дарко Биберко“ да направи толку голем бум! Никогаш не очекувавме дека ќе добиваме пораки од родители, каде што ни кажуваат дека децата кои што имаат тешкотии и забавен говор можат да ги кажат зборчињата од нашите песни. Не бевме подготвени „Тетка Калина“ да биде препознаена на улица во Македонија, а дури и Чикаго. Немавме претстава дека ќе добиеме и толку многу видеа од деца каде што играат на песничките и од родители што се благодарни на нашиот труд.
Што е најтешкиот дел од создавањето содржина за деца, креативноста или одговорноста дека влијаете врз нивниот развој?
Имаме многу идеи, најтешко е собирањето на донации/спонзорства
Најтешкиот дел е собирање на донации/спонзорство и спојување на една епизода - дизајн, анимација и видеографија. Со сестра ми Невена имаме толку многу идеи, имаме напишано и снимано толку многу песни, но финансиите секогаш ни недостасуваат за да се обработи крајниот продукт.
Вашата работа ве доведе и до соработка поврзана со култната серија „The Simpsons“. Какво беше чувството да се биде дел од нешто што е глобален симбол на поп-културата?
Имавме преголема чест фамилијарно да бидеме дел од The Simpsons“
Толку ненадејно ни беше зададен тој проект, и толку набрзина се снимаше, што се чувствувам како низ сон да ми помина. Израснавме со „The Simpsons“ и имавме препреголема чест фамилијарно да бидеме дел од тој проект.
Колку мајчинството ти ја продлабочи свеста за тоа што сакаш да оставиш како трага, не само како уметник, туку и како родител?
Со мајчинството, често размислувам што оставам зад себе, како родител и уметник
Мајчинството ми даде нова смисла и најважна улога во животот, да бидам мајка пред сè. Често размислувам за тоа што оставам зад себе, и како родител и како уметник. На многу луѓе им е примарно да остават пари и имот на децата, нормално тоа е важно, но мислам дека кога ќе оставиш книга, поема, песна, цртеж, или филмска улога, му оставаш на детето дел од себе со кој може да се поврзе на поинаков, подлабок начин. Како трага што му дозволува повторно да те сретне, низ тоа што си го создал.
Кога си во Македонија, што најмногу те враќа во детството – некое место, звук, вкус или чувство?
Најсилно ме враќаат во детството мирисот на топло лепче и мирисот на Охридското езеро
Најсилно ме враќаат мирисите и звуците: свежината на утрото кога одев на училиште и мирисот на топло лепче од пекарите. А најдлабоко ме допира мирисот на Охридското езеро и звуците на неговите бранови. Иако сум живеела покрај Атлантскиот океан и сега живеам до езерото Мичиген, тоа чувство е неспоредливо.
Те препознаваат ли децата како „Тетка Калина“ и кој е најемотивниот момент кој си го доживеала поради таа препознатливост?
Најемотивно ми е кога родители на деца со говорни потешкотии споделуваат дека дечињата ги научиле првите зборови преку „Дарко Биберко“
Бидејќи нашата публика е составена најмногу од деца до 5 години, тие сè уште не ме препознаваат, но нивните родители им објаснуваат која сум. Најемотивни ми се моментите кога родители на деца со говорни потешкотии ми споделуваат дека нивните деца ги научиле првите зборови преку песните на „Дарко Биберко“.
Дали некогаш чувствуваш притисок да бидеш пример, и како јавна личност, и како мајка, или тоа го доживуваш како привилегија?
Чувствувам одговорност секогаш да се изразувам литературно
Привилегија е да се биде и мајка и јавна личност, особено кај децата. Но, да се биде јавна личност носи и голем притисок. Често имам чувство дека секој збор ми се анализира под микроскоп. Бидејќи темите на „Дарко Биберко“ се поврзани со образование, чувствувам одговорност секогаш да се изразувам литературно, а охридскиот, кој го говориме дома, и животот во Америка, понекогаш го прават тоа предизвик.
Кога твојата ќерка еден ден ќе порасне и ќе праша зошто си го создала „Дарко Биберко“, што би сакала да ѝ одговориш?
Од една песничка, „Колку Банани“, „Дарко Биберко“ се претвори во мисија. Серијалот го создадовме со тетка ѝ, за да им помогнеме на децата од дијаспората да бидат поблиску до македонската култура и јазик, а воедно да им овозможиме и на децата во Македонија да имаат детски серијал на македонски јазик на „YouTube“.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk