„Нозете ми се блокираа, мислев дека ќе се откажам“: 22-годишната Ана од Кочани за неверојатниот подвиг да го заврши Ironman триатлонот
На само 22 години, Ана Накова веќе си поставува цели за кои на многумина им се потребни години за да се осмелат да ги остварат. Три години живее и работи во Утрехт во Холандија, а љубовта кон спортот, од рекреативно трчање ја одведе до еден од најголемите физички предизвици – IRONMAN 70.3.
По 7-месечни интензивни подготовки, младата девојка од Кочани застана на стартот на својот прв триатлон, свесна дека ја очекуваат 1.900 метри пливање, 90 километри возење велосипед и 21,1 километар трчање. Но, не очекуваше дека уште во првиот дел ќе стигне до момент кога ќе помисли да се откаже.
Сепак, со огромна упорност, поддршка и желба да стигне до целта, Ана успеа да го заврши предизвикот. За своето спортско патување, најтешките моменти, подготовките и плановите за својот прв целосен Ironman триатлон, таа раскажува за Фемина.
Од каде се роди идејата на само 22 години да се впуштиш во ваков голем спортски предизвик?
Идејата се роди постепено, искрено, бев зачудена колку културата за трчање е толку развиена тука, а за велосипедизмот не мора ни да спомнувам, тоа веќе сите го знаат. Прво започнав со трчањето и мојата прва 10 километри трка ја пријавив само после две недели трчање. Бев пресреќна, и многу возбудена затоа што го осетив тоа чувство на старт линијата кое не може да се опише. После тоа нормално се роди желбата за повеќе, истрчав неколку полумаратони пред да добијам храброст да се пријавам за овој досега за мене најтежок физички и спортски предизвик.
Како изгледаа подготовките за натпреварот и колку време се подготвуваше за овој подвиг?
За оваа трка IRONMAN 70.3 или половина дистанца од целиот Ironman ја спремав околу седум месеци сериозно. Се пријавив во јануари и веќе неколку месеци се занимавав само со тоа. Бев свесна дека ќе треба да се откажам од многу работи, како на пример често излегување со пријателите, пауза од многу патување и сѐ тоа, дури и кога патував секогаш прво пакував патики за трчање и наочари за пливање.
Моите подготовки се состоеа од еден до два тренинзи пливање неделно, два до три тренинзи велосипед и два до три тренинзи трчање. Плус теретана на сето тоа за да го зајакнам моето тело и избегнам било каква повреда.
Имаше ли момент за време на трката кога си помисли дека можеби нема да успееш да стигнеш до целта? Што ти беше најтешко на самиот Ironman?
Не можам да лажам, морам да кажам дека, да, имаше. На првиот дел од трката, односно на пливањето имав многу проблеми, физички, но и психички. Ми беше прв триатлон, немав искуство и мислев дека немам доволно време да завршам на време. Тоа ми предизвика уште поголем притисок и сакав да се откажам. Имав преголеми болки и грчеви во листовите на двете нозе. Тотално се блокираа и застанав.
Стварно мислев дека тоа е крајот за мене таму. Имав уште само неколку метри до крајот, не бев сама и волонтерката ми пружи многу голема помош. Ме охрабри да дадам сѐ од себе до крајот и дека таа ќе биде до мене. Испливав до крајот, буквално само со раце. Бев свесна дека тоа не е мојот максимум, но во тој момент не можев да сменам ништо. Само да продолжам да се борам. За среќа успеав да ја поминам транзицијата во дозволеното време, и од тој момент знаев дека сега треба да дадам сѐ од себе и пливањето да го оставам позади себе.
Додека најтешко беше трчањето, во секој случај, после 90 километри на точак, нозете тотално откажаа.
Но умот остана да ме води до крајот.
Како се чувствуваше по завршувањето на овој голем предизвик? Како се чувствуваш сега кога потстивнаа емоциите?
Не знам како се чувствував, тоа беа сплет на емоции кои не можам сѐ уште да ги опишам. Тоа беше најубавиот „финиш лајн“ што моите нозе некогаш поминале. Преубава енергија, преубава поддршка од сите таму. Кога еднаш веќе ќе пристигнеш на крајот, само си благодарен што си успеал, затоа што само ти знаеш низ што си поминал претходните неколку саати. Емоциите сѐ уште не се скроз стивнати, искрено сѐ уште додека зборувам и раскажувам често и самата се прашувам дали тоа стварно беше најлошиот или најубавиот ден во мојот живот.
Кои се твоите идни планови?
Мојот план за во иднина е нормално, цел Ironman. За кој треба да вложам многу повеќе од тоа што го вложив сега. На некој начин, кога се занимаваш со нешто вакво, дури и како хоби, а не професионално, ти станува дел од секојдневието и треба да вложиш многу време во него. Часовите работа што треба да ги вложиш за да бидеш само „Average“ (просечен) во ова се нереални.
Кое е твоето животно мото?
Животно мото ми е да го правиме тоа што нѐ исполнува и што нѐ прави среќни, стварно животот е премногу краток за нешто што не ни е битно или нѐ прави тажни.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk