„Нека земе и стан и сѐ, само ќерка ми да ми ја остави“: Потресно сведочење на мајката на Ивана, која се самоуби со малата ќерка
Македонската јавност будно го следи судењето на Стојанче Јовановски, чија сопруга Ивана се самоуби држејќи ја во прегратка нивната 6-годишна ќерка Катја откако долги години беше жртва на семејно насилство.
Во судницата денеска одекнаа зборовите на мајката на Ивана, Љубица Стојановска, која посведочи за континуирано физичко малтретирање и пред очите на детето, тешки психолошки навреди, понижувања и финансиско искористување, кои Ивана со години се обидувала да ги сокрие зад лажните оправдувања за модринките на нејзиното тело.
Иако Љубица се сомневала дека ќерка ѝ трпи семејно насилство и честопати гледала модринки по нејзиното тело, Ивана на почетокот не ѝ признавала дека е малтретирана.
„Се сомневав ама не ми признаваше. Велеше ‘ќе биде во ред’. Во ниту еден момент не го прашав зет ми што-како, сметајќи дека тие сами ќе си го решат“ – сведочеше Љубица.
Малата Катја во еден наврат ѝ споделила дека била сведок на напад.
Катја ми кажуваше: „Бабо, јас ќе ти кажам ама не кажувај: ‘мамa чучнуваше доле, а тато ја шутираше и ја удираше’. Дури мојата Катја, 6-годишна, ги користеше зборовите ‘дро*о, ку*во, ку*виште’ и велеше тато така ѝ кажуваше на мама.“
Љубица се наврати и години наназад, на инцидент од 2021 година, кога Ивана преплашена рекла: „Нека земе и стан и сѐ само ќерка ми да ми ја остави“:
Во почетокот беа под кирија, јас секогаш се наоѓав да им помагам како мајка. Тој работеше достава на храна, а ќерка ми работеше во „Масимо Дути“. Ќерка ми сакаше да имаат свој стан, секогаш имаше позитивен став за својот сопруг. Многу кратко се знаеја пред да стапат во брак. Остана бремена и како родител не знаевме ништо. Тогаш таа ни кажа дека имал некои судења за него, за некое дело. И јас како родител што сака да помогне и го поминавме тоа. Да ви кажам искрено, помогнавме да се заврши работа да добие условна.
Потоа успеаја, уплатија стан, убав беше почетокот, јас многу ретко го кажував по име, секогаш со „сине, синко“. Се радувавме, средуваа стан, имале проблеми, но никогаш мојата Ивана не го кажуваше тоа. Некогаш ќе ја видев на рацете модра, со модро око, рече дека паднала од тротинет.
Малата Катја беше две години кога ми се јави зетот, во еден ноќе, извинете за изразот, „тетка Љубица дојди да си ја земеш ќерка ти, Ивана ку*ва“. Некој ноќе така да ти каже, јас за 10 минути стасав до нивниот стан. Беше многу нервозен и јас дојдов и викам „кажи, синко, што е работава“, Ивана седеше во дневна и ја гушкаше малата. Стојанче беше многу лут шеташе нервозен и зборот што ми го кажа не можам да го преболам и првпат го кажав на обвинителката и адвокатката.“
Ми кажа дека мојата Ивана, искрено ќе ви кажам, ‘барала поголем да ја задоволи, а ја вика досега никаде не сум го ставил кај друга жена’.
Кога дојде полиција, го извадија надвор во ходник да разговараат. Eден полицаец беше со нас во соба. Ивана беше многу исплашена, пред да дојде полицијата тој ја удри, но јас застанав меѓу нив. Ја удираше со боксови, Катја беше во раце на Ивана, тој ја удираше... Ивана беше исплашена и само викаше „нека земе и стан и сѐ, само ќерка ми да ми ја остави“.
Полицијата им рече „ајде смирете се малку, да биде сè во ред“. И си заминаа.
Ивана непрекинато живеела во страв и со закани дека ќе остане без Катја.
Секогаш се плашеше да не ѝ ја земе Катја, бидејќи таа работеше во приватни фирми, а благодарение на мене, јас го вработив во Пожарна. Живееше со моето дете и сакав да помогнам да има стабилна работа. На ќерка ми секогаш на прво место ѝ беше Катја. На почетокот, кога зедоа стан, беше на нејзино име, таа го плаќаше редовно кредитот. Потоа по некое време, на негово барање, беше на пола-пола на документот за сопственост. И до последен момент Ивана ги плаќаше сметките, кредитот, телефоните – сведочеше Љубица.
Уште еден потресен инцидент беше опишан во судницата. Имено, непосредно пред да започнат постапка за развод во август минатата година, Ивана, Стојанче и Катја се враќале од свадба во Штип. Кога Ивана го згрешила патот, започнала караница и Стојанче ги избркал од автомобилот, а потоа и физички ја нападнал Ивана.
Прераскажувајќи ѝ на баба си, Катја рекла: „и мене, бабо, ме удри“.
Стојанче ги оставил на автопат во 1 часот по полноќ, по што Ивана се јавила и кај свекрва ѝ и кај свекор ѝ за помош.
„Ивана се јави на свекрвата дека е оставена на автопат, да дојде да ја земе. Мајката на Стојанче рекла дека ја боли стомак и не може да ја земе. Се јавила Ивана кај свекорот и тој кажал ‘не можам да дојдам’. Мојот син, пак, беше на одмор, па се јавила на Мартин Саздов, кој живее во Aвтокоманда и тој отишол да ги земе од автопат и ги однел кај него дома. Им благодарам на Мартин и на неговите мајка и татко што ја прибрале. Сабајлето околу 7 ми се јави Ивана, ми побара резервен клуч од станот, јас го имав, оти одев кај нив кога одеа на одмор, за да влезе во станот. Рече дека ќе дојде сестрата на Мартин и јас нејзе ѝ го дадов клучот. Ивана влегла во станот, си зела некои работи, облека и дојде кај нас дома. Му рече на татко ѝ, тато, веќе не можам да издржам. Татко ѝ виде дека има модрици и ѝ рече ова е твоја куќа, колку сакаш остани“ – образложи Љубица и појасни дека Ивана останала кај нив од август до Св. Никола во декември кога повторно се вратила да живее со Стојанче.
Оттогаш контактите им се проретчиле и имале само неколку кратки средби, бидејќи Ивана се плашела од реакцијата на Стојанче.
Ивана ми се јави на 15 јануари, рече дека воопшто не ѝ е добро и дека ќе дојде Цветанка да ме носи на лекар. Тоа беше попладне кон 6 часот. Прашав дали да дојдам и јас. Ивана рече не, ќе завршиме, а Катја ќе ја чува Стојанче. Моето срце не издржа, се спремив и пред нив стасав на Ургентен на Клиника. Дојдоа и Ивана и Цветанка, а со нив беше и Катја. Ја прашав Ивана зошто дошла и Катја. Рече дека Стојанче си излегол и немало кому да ја остави. Ивана имаше болки во стомакот, нагон за повраќање. Нè пратија на Инфективно, ама јас работев 35 години на ортопедија, на анестезија и замолив во Ургентен добро да ја прегледаат. Ја пратија на гастро, ѝ направија ехо, им беше сомнително, акутен абдомен, нешто акутно, треба итно да се реагира. Ѝ рекоа – имаш темпирана бомба, мора да лежиш во болница. Па бевме на гинеколог, гинеколошки сѐ беше добро, направивме лабораторија, имаше високи вредности, еден млад лекар ѝ рече дали можете да одите со овие резултати во „8 Септември“, реков не, јас сум работела тука, ако може тука да биде хосптитализирана. Ја хоспитализираа околу 1 часот ноќе, почнаа со терапија, па јас го викнав син ми да ме земе. Одев да ја видам секој ден, нејзе секогаш ѝ беше во мисла Катја како е – сведочеше Љубица.
На прашањето од Обвинителот од што се болките, таа одговори:
Лекарите рекоа дека од удар се прави хематом внатре во абдоменот, а кога хематомот се разградува тоа е многу акутно. Советуваа да остане, рекоа некогаш може да се минути во прашање да мора да ја отвараат и да интервенираат.
Кога беше прашана за Катја во тој период, Љубица раскажа:
Ивана беше 4 дена во болница. Еден или два дена сестра му на Стојанче остана кај нив дома за да ја чува Катја и да ја носи во школо. Претпоследниот ден ја зедов од школо, купив нешто за јадење за Катја и за Стојанче, а Цветанка ја однесе Катја кај Стојанче дома. Последниот ден отидов со сестра ми во болница и дознав дека Стојанче ја турнал Ивана по скали. Отидов, беше празна собата, дојдоа Ивана и главната сестра, прашавме што е работата. Нѐ внесоа со Ивана во една соба, дојде и полиција. Кажаа дека Стојанче бил на посета, излегле на влезот на одделот, се расправале, сакал да ѝ ги земе телефоните за да види со кого комуницира. Самата Катја кажа дека Стојанче ја турнал, а ги видел и еден болничар. Ја турнал по скали пред Катја. Болничарот се стрчал да ја прифати Ивана и веднаш ја снимиле дали има скршеница, а Катја ја прибрале сестрите. Катја им рекла на сестрите дека во претходниот ден Стојанче ја заклучил и отишол да вежба. Ја прашале дали сака да јаде, рекла дека досега јадела само тоа што ѝ го купила баба ѝ, претходниот ден. Била гладна. Додека биле зафатени со Ивана, Стојанче се вратил во болницата, ја зел Катја и избегал.
Ивана беше многу исплашена, дојдоа од социјално, Ивана само велеше Катја да ја најдете. Стојанче беше недостапен на телефон, полицијата го бараше. По еден час се јави Цветанка, рече дека Катја е со Стојанче. Тогаш Ивана се смири. Другиот ден бараше на своја одговорност да ја напушти болницата, иако ситуацијата со стомакот не ѝ беше средена. Ја однесовме со сестра ми Ивана во нивниот стан, Ивана пред врата ни рече да си одиме, ако е Стојанче дома, да не направи проблем.
Јовановски е обвинет за кривичните дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство.