„Насилството не е приватна работа, имаме одговорност да реагираме“: Ана Аврамоска Нушкова за насилство врз жените во Македонија
„Секој пропуст може да чини живот, а секоја слушната приказна може да значи спасена жена.“
По повод 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените, повторно се отвора едно од најболните и најтешките прашања за нашето општество: колку навистина сме подготвени да ги заштитиме жените кои секојдневно живеат со страв? И покрај подобрената законска рамка и долгогодишните напори на граѓанскиот сектор, бројките, приказните и трагедиите што ги слушаме сведочат дека патот до вистинска безбедност и институционална функционалност е сè уште долг.
Токму затоа разговаравме со Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, организација која секојдневно е на првата линија таму каде што стравот, повреденото достоинство и тишината се претвораат во борба, поддршка и обид за нов почеток.
Во разговор за Фемина, Нушкова ја прикажува реалната слика за состојбата со родово базираното насилство во Македонија и упатува порака до сите жени кои живеат зад затворени врати – дека помошта постои, дека не се сами и дека нивниот живот има вредност која никој нема право да ја уништи.
Каква е реалната состојба со родово базираното насилство во Македонија денес? Има ли подобрување или напротив, забележувате раст на случаите?
Бројот на пријави на родовото базирано насилство расте
Родовото базирано насилство останува сериозен и системски проблем во Македонија. Иако законската рамка е подобрена, меѓу другото со измените на Кривичниот законик од февруари 2023 година, кои ги зајакнаа одредбите поврзани со насилството врз жени, како и со донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, сепак примената, односно имплементацијата, сè уште заостанува зад нормите. Она што го гледаме преку нашата работа е дека бројот на пријави расте. Дел од растот се должи на поголема свесност и доверба на жртвите да побараат помош, но дел укажува и на тоа дека ризиците не се препознаваат и адресираат доволно рано, а институционалните реакции често се доцни или некоординирани.
Најкритичните точки во постапувањето на институциите остануваат проценката на ризик, координацијата меѓу надлежните институции, како и доследната примена на привремените заштитни мерки.
Како вие најчесто им помагате на жртвите со советување, правна помош, згрижување или имате интегриран пристап?
Пристапот фокусиран на жртвата мора да стане стандард, а не исклучок
Нашиот пристап е целосно фокусиран на жртвата, а тоа значи дека секоја жена која ни се обраќа се сослушува, се разговара со неа и ја добива поддршката според нејзините конкретни потреби, а не според формални процедури. Во сите фази, од првиот контакт до нејзината стабилизација, ја ставаме безбедноста и достоинството на жената во центарот на процесот.
Како Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, ние директно раководиме со советувалиштата во Скопје, Битола и Тетово, каде што обезбедуваме бесплатна, доверлива и сеопфатна поддршка. Жените добиваат психолошко и социјално советување, правна помош и застапување, придружба пред институциите, итна безбедносна проценка и изработка на индивидуален план за заштита и понатамошно зајакнување.
Поддршката што ја нудиме не е краткорочна, ниту формална. Жените ги следиме низ целиот процес, од првиот повик, преку пријава на насилството и обезбедување на мерки за заштита, до фаза кога се чувствуваат стабилни, подготвени и економски посилни. Покрај директната работа со жртвите, ние континуирано делуваме и системски. Иницираме состаноци со институциите, следиме како постапуваат службите и поднесуваме конкретни предлози за подобрување на праксата таму каде што се јавуваат пропусти. Нашата цел е да обезбедиме систем кој реагира брзо, координирано и со почит кон секоја жена, бидејќи пристапот фокусиран на жртвата мора да стане стандард, а не исклучок.
Фемицидот во Велес ја потресе јавноста, особено затоа што жртвата Росица повеќепати го пријавувала насилникот, а институциите не реагирале навреме. Како го коментирате овој случај?
Фемицидот речиси никогаш не е „ненадеен“ настан, тој е резултат на ескалација
Случајот во Велес е трагичен потсетник дека предупредувачките знаци не смеат да останат на хартија. Кога една жена повеќепати пријавува насилство, тоа е повик за итна, координирана и одговорна реакција од сите надлежни институции. Системот мора да обезбеди навремена проценка на висок ризик, да изрече и следи мерки за заштита кои навистина се спроведуваат и да обезбеди постојана комуникација меѓу полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа.
Фемицидот речиси никогаш не е „ненадеен“ настан, туку тој е резултат на ескалација која може да се предвиди ако се читаат сигналите и ако институциите делуваат навреме и одговорно. Затоа, бараме воспоставување на јасни линии на одговорност и механизми за внатрешна контрола, каде секоја пропуштена реакција ќе биде евидентирана, анализирана и санкционирана.
Овој случај мора да биде поттик за промена во институционалниот пристап. Потребна е вистинска, а не само формална примена на законите, што значи секоја пријава за насилство мора да се сфати сериозно и да се третира како итен случај, бидејќи зад секој сигнал може да стои живот во опасност. Само со систем кој реагира навремено и ја става безбедноста на жените во центарот на своето постапување, ќе можеме да зборуваме за вистинска заштита, а не за пропусти кои чинат живот.
Каква порака испраќате до жените кои сè уште живеат во страв, но немаат сила да побараат помош?
Насилството не е приватна работа. Сите имаме одговорност да реагираме кога гледаме неправда или насилство
Најважно е жените да знаат дека не се сами и дека насилството никогаш не е нивна вина. Секоја жена има право на живот без страв, контрола и понижување. Помошта постои и секој чекор кон неа, колку и да изгледа мал, е чин на храброст, не на слабост. Понекогаш првиот чекор е само разговор, споделување со блиска личност или повик за поддршка до релевантни институции. Важно е да знаат дека излез секогаш постои и дека секое пријавување може да спаси живот.
До општеството имаме јасна порака: насилството не е приватна работа. Сите имаме одговорност да реагираме кога гледаме неправда или насилство околу нас. Да поддржиме, да веруваме и да не вртиме глава, тоа е најважниот прв чекор кон општество во кое жените живеат без насилство и страв.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk