• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Најсилно ја паметам нездравата контрола на татко ми, проследена со изливи на бес и кршење“: Ивана Белчева отворено за писихичко насилство

10 јуни 2026, 12:30
  • cподели
Ивана Белчева

Домот треба да биде тврдина на безбедноста, но за многумина е невидлив затвор создаден од психичкото семејно насилство кое се храни од стравот, срамот и молкот.

Како заложник на една ваква реалност, Ивана Белчева ја премолчувала својата болка четири децении. Нејзиното детство било обележано со немир и постојано бегство од изливите на бес на нејзиниот татко. Носејќи ја тежината на длабоките трауми предолго време, таа конечно сфатила дека молкот повеќе не е решение, особено кога истата неправда почнала да надвиснува и над нејзиното дете.

Белчева, која денеска е среќна сопруга на Филип и посветена мајка на Ирис, за Фемина детално ја раскажува својата животна приказна. Како активистка и неуморен борец за правда, зборува за психичкото семејно насилство, за стравот со кој живеела, но и за борбата да се прекине стигмата околу оваа тема. Преку својот манифест и јавното сведоштво, таа стана глас за многу жртви кои сè уште шепотат во темнината, докажувајќи им дека вистината е единствениот излез.

Ивана Белчева
Ивана Белчева

Денес отворено зборувате за психичкото семејно насилство кое сте го трпеле од вашиот родител. Што најјасно паметите од вашето детство?

Тенка е границата помеѓу заштита и контрола

Психичкото семејно насилство е реален проблем кој тешко се забележува од жртвите, бидејќи е тенка границата помеѓу заштита и контрола. Навраќајќи се на моето детство, најсилно ја паметам нездравата и постојана контрола која беше проследена со изливи на бес и кршење на покуќнината, проследена со чувството на страв, кое остана врежано до мојата 40-та година.

Ивана Белчева

Кога за првпат почувствувавте дека односот во домот не е „нормален“? Што точно се случуваше?

Постојаниот стрес и плач на мајка ми, неприсутноста во домот на татко ми ми ја формираа сликата дека нашето семејство е различно

Уште од многу мала 4-5 години ги паметам бурните кавги и викотници кои ги предизвикуваше татко ми, и како одговор на тоа, јас имав постојано една желба кога како деца закопувавме желби под камен – „да се смират тато и мама“. Постојаниот стрес и плач на мајка ми, неприсутноста во домот на татко ми, полека ја формираа мојата слика, дека нашето семејство е различно. Но, „нормалноста” за семејството и прифаќањето дека нешто навистина не е во ред дојдоа подоцна, во адолесцентите години, кога имав можност да ги запознам семејствата на моите пријатели, каде такви инциденти не се случуваа. Најпрво ми беше срам и ретко споделував што ни се случува дома, но кога неколку од нив беа сведоци на изливите на бес од татко ми, почнав полека да споделувам и да се отуѓувам од моето семејство.

Ивана Белчева
Ивана Белчева во прегратката на својот дедо
Ивана во прегратката на нејзиниот дедо, кој го изгуби кога беше многу мала

Како изгледаше секојдневието во вашето семејство?

Додека растев, битно беше да не го разбудиме гневот кај татко ми

Сите три, јас, сестра ми и мајка ми, имавме научено дека ако потребите на татко ми се задоволени, и ако не му се активира потребата да прави нешто што тој сака без нас, денот ќе биде мирен. Битно беше да не го разбудиме гневот во него. Бидејќи доколку тоа се случеше, нашиот глас веќе беше замолчен и единствено што можевме е да ги слушаме неговите монолози, без можност за спротивставување, бидејќи тоа дополнително го разлутуваше и почнуваше да крши. Дури и при една од нашите последни средби пред да го пријавам, ме седна и ми рече „Сега ќе ме слушаш без да ме прекинеш и без да правиш каква било фацијална експресија, а после ќе ти дозволам да зборуваш.“ (јас имав 40 години). Го ислушав, а кога ми дојде редот да зборувам јас, тој избувна, стана и си замина.

На кој начин се манифестираше психичкото насилство и како влијаеше врз вашата самодоверба?

Да се препознаете во жртва на психичко насилство е тешко, поради самиот факт што вие постојано се борите против неправдата, а сепак постојано сте послабата страна. Мојот одговор на насилството беше бегство, да бидам што подалеку, што подолго можам од мојот дом. Тоа главно се манифестираше со недоверба кон моите партнери, а недовербата произлегуваше од нарушената слика за себе и изолираноста од светот која постојано ја чувствував. Емотивно се повлекував од односите и мирот го наоѓав единствено во изолирани места каде бев сама или во спортови со висок степен на адреналин. Така правев баланс да издржам, но секогаш на крајот пукав и морав од поново да го почнам процесот, сѐ додека не решив дека ми е потребна стручна помош.

Ивана Белчева
Ивана Белчева

Зошто, според вас, беа потребни повеќе од 40 години за јавно да проговорите за тоа?

Оние кои се моето поблиско опкружување ја знаеја мојата состојба, не го криев тоа од мојот круг на луѓе. Но, да стигнете од мал круг на луѓе до поширока јавност има повеќе фактори.

Најпрво, не треба дете да го пријавува својот родител, тоа требаше да го направи мајка ми многу порано за да нè заштити и нас. Но, таа немаше сила, живееше во страв и почина на 59 години. Јас тогаш имав шестмесечно бебе, и самата растргната помеѓу две животни состојби, одлучив на татко ми да му дадам уште една шанса, бидејќи остана сам. Шанса која тој ја претвори во апсолутна контрола преку мојата ќерка. Со сѐ што се носев во детството, сега беше манифестирано преку моето дете и тука го направив чекорот. Јас не се штитев себе си, ја штитев ќерка ми, не сакав да дозволам таа да помине низ ништо што сум поминувала јас.

Кога се препознав како жртва, не знаев што е следен чекор, немаше упатство

А што се однесува до јавноста, кога во законот се препознав како жртва и кога бев во многу лоша психичка состојба, јас не знаев што е следен чекор. Немаше никаде упатство што да се прави следно освен пријавување во центарот за социјални работи, за кој слушав многу лоши искуства. Така тргнав сама, чекор по чекор, од врата на врата, со законот во раце да го најдам патот. И кога се случи фемицидот со Росица, знаев дека сме дојдени до точка на вриење и дека морам да почнам да зборувам за она што сум го поминала. Така излезе манифестот за пријава на психичко семејно насилство. И мојот прв јавен исказ.

Ивана Белчева
Ивана Белчева со сопругот и ќерката

Кога беше пресудниот момент да одлучите дека повеќе не сакате да молчите?

Кога го пријавував случајот, во полиција не знаеја како да го заведат како психичко насилство

Пресудниот момент беше тоа што физичкото семејното насилство во нашето општество беше неслушнато, а психичкото воопшто не постоеше. Кога го пријавував случајот, иако со мене имав цела папка извештаи од стручни лица, психолози и психијатри, во полиција не знаеја како да го заведат како психичко насилство. Тогаш сфатив дека ова е тема за која мора да почне да се зборува. И да се прекине стигмата на срам на жртвите и да се префрли срамот на сторителите.

Колку беше тешко да се направи првиот чекор и да се пријави насилството?

Состојбата на страв во која се наоѓав, упатените закани, одземената работа, ме донесоа до точка до која или ќе направев следен чекор да си помогнам себе си или ќе влезев во состојба на самосожалување и ќе се препуштев на тоа некој друг да ми ја крои судбината. Јас одлучив да се борам, но овој пат не сама, туку бев решена да ги вклучам институциите, бидејќи закон постоеше. Сега редот беше на нив, низ разговор со сите да добијам заштита како граѓанин на ова општество. И тоа се случи, низ системот со секој кој се среќавав ме посочуваше на следното скалило, на следниот чекор за пријавата да не биде само вербално, туку издржана и со докази за психичко насилство, врз мене, мојот сопруг и моето дете.

Со какви реакции се соочивте од институциите и од околината?

Можеби беше среќа во целата таа несреќна ситуација, но во сите институции во кои влегов разговарав со жени, тие ме ислушаа, ме разбраа и ми дадоа поддршка. Затоа и продолжував понатаму, забележував дека системот се буди, но му треба јавен глас.

А што се однесува до околината од секого добивав поддршка, сочувство и разбирање. Оние кои тоа го сакаа, останаа тивки и тоа исто го почитувам. Само две жени ми се спротивставија. Една инфлуенсерка која површно го познаваше татко ми, а мене воопшто не ме познаваше се осуди да ми каже да се засрамам за манифестот, на која најљубезно ѝ одговорив дека оној кој не живеел со нас дома, нема зошто да зазема негативен став. И уште една негова блиска пријателка која не се сложуваше со мојот став, бидејќи да признаеш дека си била дел од сето тоа е соучество, па макар и да си молчел.

Дали чувствувавте страв, вина или сомнеж пред да ја донесете таа одлука?

Мојата пријава се случи три месеци откако започнав со разговори со психолог во Центарот за семејно насилство - „Хера“, и во меѓувреме собрана документација. Така што, вина и сомнеж не постоеја, бев силно решена да се спротивставам на понатамошните обиди за контакт и манипулации. А што се однесува до стравот, да, тој постоеше, најмногу од неговата контрареакција, случајна средба или обид за користење на неговите моќни пријатели за мое замолчување. Затоа одев многу полека, чекор по чекор, без брзи реакции и во консултација со стручни лица.

При пријавата ме придружуваше психолог од „Хера“, која ми ја даваше потребната заштита кога се пријавуваат вакви случаи.

Ивана Белчева

Напишавте и манифест за пријавување на психичко семејно насилство. Што ве мотивираше да го создадете? Која е неговата главна порака?

Мојата главна цел беше помош при избор на чекори и начин како да се започне и препознае состојба на психичко насилство. Можноста насилството да се пријави и во здравствените институции и преку граѓански организации.

Дали сметате дека манифестот придонесе за поголема свесност и охрабри други жртви да проговорат?

Да, со сигурност знам по излегувањето на манифестот, уште првата недела се јавија 5-6 жени кои се повикаа на него. Дури и телефонски и на социјалните мрежи имаше голем број на луѓе кои ми пишуваа и ми побараа совети. Така што, свесноста е поттикната, ќе треба уште да се зборува за темата, за да се ослободиме од оковите.

Дали ви се обратиле луѓе кои ви кажале дека токму вашата приказна им помогнала?

Повеќе ми се обраќаат во форма на дополнителна помош, следен чекор или поддршка за јавното зборување.

Откако ја споделивте вашата приказна, дали забележувате промени во односот на јавноста и институциите кон психичкото насилство?

Психичкото насилство сè уште не е доволно препознаено од самите жртви

По првото јавно излегување, по случајот со Росица, темата се размрда, дури и агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, снимија реклама токму за пријава и препознавање на психичкото насилство. Но, истиот ефект го немаше во МВР, таму постојано слушавме за непроцесирани случаи. Дури и случајот со Ивана и Стојанче, кој јас го пријавив не се водеше воопшто како семејно насилство. За жал, дури по смртта на Ивана, активирањето на медиумите и протестот за 8 Март, работите повеќе се променија. Сега и самите сме сведоци колку многу случаи на дневно ниво се пријавени како семејно насилство.

Но, психичкото насилство за жал уште не е доволно препознаено од самите жртви. Затоа, останува на нас што повеќе да зборуваме и пишуваме за него, да допре до што повеќе луѓе. Затоа што психичкото насилство е претходник на физичкото, мораме да делуваме порано.

Дали денес жртвите имаат поголема поддршка отколку порано? Што, според вас, сè уште недостига во системот?

Со сигурност знам дека е зголемен бројот на жртви кои побарале помош во граѓанските организации за семејно насилство и помош им е понудена. Но, не е доволна, потребен ни е сериозен системски пристап кој ќе работи преку социјалните служби и ќе биде сериозен столб на добросостојбата на нашите граѓани. За тоа подетално зборуваат и веќе е направена анализа на трошоци од адвокатката Неда Чаловска и Елена Димушевка.

Исто така, многу е важна реинтеграцијата на сторителите по стореното дело и отслужената казна, која во моментов многу малку од нив ја добиваат.

Бевте сведок во случајот со Ивана и Катја, кои трагично ги загубија животите поради семејно насилство. Како го доживеавте тој случај? Како се чувствувавте кога видовте дека едно мало девојче минува низ слична болка како вашата?

Плачот на Катја сѐ уште одекнува во моите мисли, јас се вмешав во нивната кавга само за да го заштитам детето

Тоа беше капката која ја прели чашата. Плачот на Катја сѐ уште одекнува во моите мисли, јас се вмешав во нивната кавга само за да го заштитам детето. Се видов во него, а воедно го видов и моето дете во таков плач. Раната која ја носите како дете жртва на семејно насилство никогаш не зараснува, само се учите да живеете со неа и кога ќе видите како пред вас се случува таква неправда, силата која ја добивате во мигот е огромна. Станувате свесен дека сега сте возрасна личност и сега можете да зборувате. И затоа мојата борба продолжува за сите деца, колку многу штета се прави на невиниот детски живот со нерешените трауми на нивните родители. Поради тоа, мораме да ја подигнеме свеста за семејното насилство, бидејќи тоа потекнува од стари наследни трауми кои ги носи секој од нас.

Дали сметате дека системот можел да направи повеќе за да се спречи трагедијата?

Да, тука грешката ја гледам директно во институциите кои не постапиле. На толку многу пријави, плач, физички повреди и сето тоа во присуство на малолетно дете, институциите многу одамна требале да реагираат. Најпрво да ја заштитат Ивана од Стојанче и да ѝ ја дадат потребната заштита и поддршка. А потоа да го отстранат детето од средина која ја нарушува нејзината добросостојба. Да се постапеше порано, сигурна сум дека целата ситуација ќе имаше поинаков исход.

Како изгледаше процесот на заздравување по сите овие години молк? Дали денес чувствувате дека сте ја вратиле контролата врз сопствениот живот?

Најтежок момент беше прифаќањето дека сум жртва

Најтежок момент во целиот процес за мене беше прифаќањето дека сум жртва. Исто и првиот пат кога пред непозната личност ја кажував мојата состојба. Потоа, интензитетот се намалува, поддршката се зголемува и почнуваат да се наоѓаат решенија на проблемот. Тука почнав полека да се консолидирам и смирувам, да наоѓам убавина во секојдневието и да уживам со моето семејство. Во однос на времето поминато во молк, овие неколку месеци брзо поминуваат, внатрешниот систем го враќа својот мир. Се пронајдов во друга работа, која многу повеќе ми одговара на карактерот и времето. Плачот и тресењето исчезнаа, можам нормално да зборувам и да дискутирам со партнерот и со сите мои блиски пријатели. Веќе не се кршам и не се плашам, исчезна стравот. А од најголема помош за справување со стравот ми беше јавното излегување и поддршката на заедницата. Знаете дека повеќе не сте сами.

Каков е вашиот живот денес? Која е Ивана Белчева денес?

Денес сум мајка на Ирис, која ужива во времето поминато со неа во разни активности дома и во природа. Сопруга на Филип, на кого сум му неизмерно благодарна за разбирањето, трпението, безброј поминати саати во разговори и безусловната поддршка и заштита.

И се разбира магистер по архитектура, која ужива во создавањето на просторот, кој секогаш ја отсликува состојбата во која се наоѓа човекот. Работам на теорија за психопросторот, колку просторот кој нè опкружува влијае на нашата психа, и обратно. Спој на мојата професија и мојот интерес кон психологијата.

Ивана Белчева
Ивана Белчева
Ивана Белчева со сопругот и ќерката

За што најсилно се залагате како активистка? Што ве мотивира да продолжите да зборувате и да се борите за другите?

Мојата највисока цел е свеста, да ја поттикнеме, разбудиме и освестиме нашата заедница за постоењето на психичкото семејно насилство. Навременото препознавање и тоа дека со стручна помош е голема веројатноста дека проблемите ќе се решат. Тука спаѓаат разговорите со лицата од доверба и пријавувањето, зошто само со притисоци и зачестени пријави, ние сме тие кои делуваат на институциите да се прават промени.

И се разбира правата на децата, ние родителите сме тие кои треба да ги заштитиме нашите деца од стресни и загрозувачки состојби. Жртвите да пријавуваат и на децата да им се пружа сета потребна поддршка. Бидејќи децата се иднината на нашето општество.

Што би им порачале на луѓето кои и понатаму живеат во тишина и страв?

Молкот повеќе не е опција, никој не треба да живее како жртва

Молкот повеќе не е опција, стравот е состојба на дејство кое може да се случи во иднината. Ако сте во можност да пријавите, а се плашите од последиците, одете полека, со советување, со граѓански организации, со матичен лекар, доказите ќе бидат на вашата страна. Вистината е единствениот излез, никој во ова општество не треба да живее како жртва.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Ивана Белчева
семејно насилство
психичко семејно насилство

Најнови

  • Панел дискусија

    Панел дискусија во Diamond Mall: Македонското музичко издаваштво има потенцијал, но потребни му се поддршка, инфраструктура и видливост

    Wed, 06/10/2026 - 14:22
  • Нова книга на Милчо Манчевски

    Нова книга на режисерот Милчо Манчевски промовирана во Италија

    Wed, 06/10/2026 - 14:15
  • Џенифер Лопез во солзи на матурата на синот Макс: „Плачам два месеци“

    Wed, 06/10/2026 - 14:07
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.