• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„На првиот роденден наместо торта, Тара примаше хемотерапија“: Христина за ракот на ќеркичката и мајчинството

10 март 2026, 11:00
  • cподели
Христина Младенов со семејството

Кога животот ќе ја тестира границата на човечката издржливост, мајчинската љубов останува најмоќната сила која не познава пораз. Приказната на Христина Младенов, на социјалните мрежи позната како Христина Пан, е длабоко инспиративна и симбол на родителскиот пркос пред најсуровите животни бури.

По исцрпувачка борба со неплодноста, нејзиниот сон за потомство се остварува преку ин витро со раѓањето на близначките Хана и Тара. Но, неизмерната радост набрзо е засенета од дијагнозата Neuroblastoma Metastaticum кај малата Тара и со тоа, започнува незамислива битка за живот. По две години страв и надеж, слатката хероина, со звукот на ѕвончето на Детската клиника, означи победа над ракот и стави крај на мрачната етапа.

А како потврда дека чудата постојат, набрзо по природен пат младото семејство беше проширено со неодоливата Калија.

За Фемина, Христина споделува како изгледа мајчинството во сенка на болеста, колку болат разделбите од едното дете за да го спасиш другото и како изгледа новата „нормалност“.

Христина Младенов
Kога денес ќе погледнете наназад, што ви е посилно во сеќавањето – денот кога ја добивте дијагнозата или моментот кога Тара заѕвони на ѕвончето во Детската клиника?

Ух, пресилни се и двата моменти на различен начин. И ден-денес го памтам секој збор, запирка и точка на докторката кога ни ја соопшти дијагнозата и кога ни објаснуваше кој пат ќе мора да го одиме... Денот кога ѕвонеше Тара, тие неколку чекори додека ја качив на скаличката, ги одев како на облаци, тоа е и огромна среќа, ама и некој чуден страв, дали сонувам или е вистина?

Но сепак го избирам ѕвонењето, на тој ден се преродивме сите дома.

Кои беа првите симптоми кај Тара што ве натераа да почувствувате дека нешто не е во ред?

Првиот симптом беше црвенило во очите

Црвенило во очите, кое на почеток изгледаше како буквално да се боцнала со нешто во око, па пукнал некој капилар. За да со тек на време, тоа почна интензивно да се шири прво на едното око, па потоа на другото, а во исто време, големи темни кругови околу очите. Прелоша слика, што е еден од најчестите симптоми кај оваа болест.

Семејството на Христина Младенов
Како изгледаше вашата секојдневна борба тогаш, како мајка (со едно дете во болница, со друго далеку од неа), но и како жена која мораше да биде силна и кога немаше сила?

Тешко дека ќе ја опишам во неколку реченици. Првите две недели се изнаплакав за цел живот, а после тоа кога ќе прифатиш и кога ќе видиш дека немаш друг избор, се уклучуваш на најсилен „mood“ и се бориш. Тешко, но со текот на времето, со верба во Господ, учиш да живееш со тоа... Како ја гледав Тара дека со секоја терапија стануваше подобра, така имав сѐ поголема сила за да продолжам да се борам. Мојата тежина беше дупло поголема што Хана ја оставив дома на неполна година, беа буквално бебиња и двете.

Лекувањето ве однесе и во Турција и во Македонија. Што научивте од тој пат, не само за медицината, туку и за себе, за луѓето, за животот?

Дека имам луда и ненормална сила, храброст, дека не сум баш така мирна, тивка и наивна личност каква што сум била подолг период од мојот живот. Ме научи што е МАЈКА во буквална смисла на зборот, ме научи на многу животни лекции, ме остави со помал круг на пријатели, ама вистински што се тука до крај и благодарна сум на крај на денот. Јас секогаш викам дека сѐ е со некоја причина, иако некогаш многу боли...

Тара Младенов
Христина Младенов со ќерката Тара
Христина Младенов со семејството
Близначките поминаа долг период разделени, нешто што за нивната возраст е особено тешко. Како тоа влијаеше врз нив и како денес ја гледате нивната врска?

Кога се вративме дома, после три месеци, Хана воопшто не нѐ прифаќаше

Па ги раздели доста, посебно периодот кога јас и Тара бевме сами во Турција. Кога се вративме дома, после три месеци, Хана воопшто не нѐ прифаќаше, нѐ гледаше како некој да ѝ дошол на гости, потполно нѐ игнорираше. Сега, скоро после година дена, со многу љубов и работа, можам да кажам дека го имаме тој сестрински однос, играат, се гушкаат, се бараат една со друга, и од пред неколку месеци, Хана почна мене да ме вика „мама“. Тоа е ненормална болка за која ќе ме разберат мајките, ама мајките што поминале низ нешто слично.

Каков беше моментот кога Тара ја победи болеста и заѕвони на ѕвончето? Дали тогаш сфативте дека навистина започнува едно ново поглавје?

Уф, тој е момент измешан со многу емоции, среќа, радост, ама и некој чуден страв. Прашања дали е ова тоа тоа, ама чекај што ако ова вака, ова онака...

Ѕвончето е симбол да, на победа, на ново поглавје и камо да може да биде гаранција засекогаш. Секој ден се молам ниту едно дете да не стапне таму, тие што се таму да излезат и кај тие што заѕвониле, да ѕвони засекогаш тоа ѕвонче!

 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Hristina Pan (@hristinapan)

Дали по ова искуство се променија вашите приоритети и начинот на кој го гледате секојдневието?

И тоа како, да. За жал, животот мора да ти удри еден таков шамар за да те научи лекции кои тешко дека се учат на лесните патишта во животот.

Три сестрички
Ќерките на Христина Младенов
Како Тара денес го живее детството, дали има нешта што посебно ги цените откако поминавте низ таа борба?

Животот поминат во болница, може многу да те научи

Без да е свесна низ што поминала, фала му на Господ што не се сеќава на ништо од таму, денес е пресреќно дете што и тоа како му се радува на животот. Има страшна емпатија кон сите, шири позитивна енергија и нема некој лично што ја запознал, а да не падне на нејзиниот шарм и позитивна енергија. Уште не сум целосно опуштена, треба да дозавршиме уште некои контроли и да добиеме зелено светло за во градинка. Секој ден сме со плачки за да оди. Но, се трудам секој ден да ѝ го направам интересен и да надополниме за цело време поминато во болница.

Ценам сѐ, ценам за некој можеби мали, обични рутински и секојдневни работи, а за мене големи... Животот поминат во болница, посебно кога се работи за твоето дете, ако го прифатиш и разбереш свесно, на правилен начин, може многу да те научи.

Што значи за вас зборот „нормалност“ по рак  и дали воопшто постои истата нормалност како порано?

Секој ден се учиш и е лекција во новото „нормално“. Исто и нормално никогаш не може да биде, не само за Тара и ајде да речеме за мене, зошто јас бев цело време со неа, туку и за целото семејство.

Најмногу за сестра ѝ Хана, буквално две години растеше без нас, кога најмногу ѝ требавме. Кај неа, за жал, остави можеби и најмногу последици сето ова, на кои секојдневно работиме за да ги минимизираме истите, колку што е можно.

Христина Младенов со семејството
Христина Младенов со семејството
Кои симптоми, од вашето искуство, би им ги посочиле на родителите како аларм што не треба да се игнорира?

Мајчинската интуиција е страшна работа

Интуицијата е страшна работа, посебно на мајката. Јас точно се сеќавам на мигот и местото кога го видов првиот симптом кај Тара и кога сите ме убедуваа дека не е ништо и навидум навистина изгледаше така, нормално дека верував и сакав да верувам дека е така, но јас немав мир од тој момент.

Сѐ што ќе приметат кај своите деца, а не им изгледа нормално, нека го проверат и истражат, само да не се разбереме погрешно и да направам паника и таму кај што не е потребна.

Што би им порачале на родители кои токму сега ја водат својата битка на детска онкологија?

Господ не им дава вакви борби на слаби

Да останат силни какви што и се, на слаби Господ не им дава вакви борби. Да веруваат, да најдат нешто позитивно во секој ден, да не плачат пред децата и да се трудат да им го направат најубав што може престојот во болница. Верувам дека со љубов, трпение и поддршка се стигнува секогаш до светлото на крај на тунелот, таа темнина мора за нешто да е добра...

Денес сте мајка на три деца. Какви деца се Тара, Хана и Калија?

На ова ќе одговорам како секоја мајка, најдобри и најубави. :)

Христина Младенов со семејството
Христина Младенов со семејството
Христина Младенов со семејството
Колку доаѓањето на бебе Калија го промени вашиот живот? Како изгледа животот по болеста, со сите тие мали чуда околу вас?

Не постои поголема среќа од дом полн со деца

Калија е мојот, нашиот спас... Господ ни ја даде кога најмногу ни требаше, а никој не ја бараше, ниту па знаевме колку ни е потребна. Убедени дека не можеме да имаме деца по природен пат, Господ пак ни покажа колку е голем и колку треба да веруваме. Таа е нашиот најголем благослов. На сите во семејството ни даде нова радост, светлина, надеж, верба, љубов и нова димензија на животот. Не постои поголема среќа од дом полн со деца.

Христина Младенов со семејството
Христина Младенов со семејството
Првиот роденден на близначките го славевте во болница. Што значи за вас фактот дека овојпат роденденот на најмалата ќерка Калија го дочекавте сите заедно, како семејство?

На роденденот наместо торта, Тара примаше хемотерапија

Да, првиот роденден на Хана и Тара го „славевме“ во болница. На роденденот наместо торта, Тара примаше хемотерапија. Претежок ден беше, ама нека остане таму за да се радуваме на безброј други родендени за трите.

Првиот роденден на Калија го прославивме само со најблиските, ама се потрудив да изгледа како бајка и да го запаметат Хана и Тара. Реално, тие уживаа и се радуваа најмногу, затоа и се одлучив да го прославиме во игротека. Преблагодарна сум за секој нов ден.

Христина Младенов со семејството
Кога вашите ќерки ќе пораснат и ќе го разберат сето низ што поминавте како семејство, што би сакале да научат од вас, во какви луѓе да пораснат и кои вредности да носат низ животот?

Животот колку што е убав, толку знае да е и тежок

Да се добри луѓе, да се ценат, да бидат храбри и силни, зошто животот колку што е убав, толку знае да е и тежок...

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
 

Tags
Христина Младенов

Најнови

  • Гест за почит: Цвеќар од Врање ги израдува храбрите пациентки на онкологија на Денот на жената

    Tue, 03/10/2026 - 12:24
  • Христина Младенов со семејството

    „На првиот роденден наместо торта, Тара примаше хемотерапија“: Христина за ракот на ќеркичката и мајчинството

    Tue, 03/10/2026 - 11:00
  • Откриен идентитетот на жената која пукаше во домот на Ријана, пејачката го напушти Лос Анџелес

    Tue, 03/10/2026 - 10:45
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.