„Ми рече дека сум стара, не знам дали беше педофил, но му поверував“: Кристина Арнаудова сподели токсично искуство
Естрадата честопати знае да биде немилосрдна кон жените, наметнувајќи нереални стандарди и измислени „рокови на траење“. Дека блескавата сцена има и своја токсична страна потврдува Кристина Арнаудова.
На Instagram, познатата пејачка и хуманитарка сподели стара фотографија од плажа, а нејзината порака се фокусираше на горчливо искуство кое ја вознемирило. Арнаудова проговори за притисоците и ејџизмот (дискриминација врз основа на возраста) со кои се соочуваат жените.
Преку краток текст, таа откри дека токму во периодот кога настанала фотографијата, се соочила со обид за целосно уривање на нејзината самодоверба од страна на еден тогашен менаџер. Тој ѝ порачал дека таа е „веќе стара“ и дека фокусот се префрла на „нови девојчиња“ кои доаѓаат на сцената.
„Не знам дали беше педофил ама во тој момент стварно му поверував“ – напиша искрено Кристина, потсетувајќи се на ранливоста со која се соочила тогаш и на фактот колку лесно туѓите зборови можат да влијаат врз перцепцијата за себе.
Сепак, годините и нејзината биографија покажаа дека нејзината вредност не познава граници ниту возраст. Денес, како успешно реализирана жена, изведувач и движечка сила зад здружението „Проект среќа“, таа одлучи оваа случка да ја претвори во моќна животна лекција за сите жени кои се сомневаат во себе поради туѓите коментари.
„Пазете кого слушате, кој ви збори, кој ве сака, а кој ве труе. И не застанувајте!“ – порача таа.