Мајка на три синчиња се шокирала откако дознала дека наместо посакуваната ќерка, ќе има уште три момчиња.
Приказната на Хана и Џејкоб го обиколи светот и стана хит откако таа одлучи да ја сподели на TikTok.
Хана многу сакала да има ќерка и решила да се обиде да зачне со четврто дете со надеж дека желбата конечно ќе ѝ се оствари.
Но, судбината имала поинакви планови. На првиот ултразвук 29-годишната мајка доживеала изненадување какво што не ни замислувала. Таа дознала дека ќе добие не едно, не две, туку три бебиња.
„Најпрво помислив, добро, близнаци, тоа можам да го издржам. И во моето и во неговото семејство има близнаци, па си реков дека ќе се снајдеме“ – раскажала Хана.
Но, шокот не завршил тука. По кратка пауза, медицинското лице ѝ рекло: „Не врескај на ова што ќе ти го кажам… има и трето бебе.“
„Во тој момент бев целосно шокирана. Две деца се многу, ама три? Тоа е лудо! Веднаш ме фати страв. Мислам четири деца се многу, а сега ќе скокнеме на шест“ – рекла мајката.
Кога Џејкоб влегол во просторијата, на почетокот мислел дека станува збор за шега.
„Се смееше и не веруваше. Кога сфати дека е вистина, остана без зборови“ – раскажала Хана.
„Јас почнав да плачам, а тој да се смее и не престана со часови. Сигурно изгледавме чудно: јас плачам, тој се смее, а персоналот ни честита“ – додала таа.
Приказната брзо станала вирална откако Хана ја споделила на TikTok, каде видеото собра милиони прегледи. Луѓето од целиот свет испраќале пораки со поддршка, а некои дури споделиле и сопствени искуства со тројки.
Семејството подоцна организирало и откривање на полот, каде следувало уште едно изненадување – сите три бебиња се момчиња. Во истиот момент, Џејкоб ја запросил Хана, правејќи го денот уште понезаборавен.
„Се надевам дека нашата приказна ќе им измами насмевка на луѓето. Да посакаш едно дете, а да добиеш три е навистина смешна ситуација. Дефинитивно е момент: ‘Внимавај што посакуваш, бидејќи може да ти се оствари’“ – се пошегува Хана.
Таа додава дека и покрај предизвиците кои ги очекуваат, се обидува да гледа позитивно на сè: „Знаеме дека нема да биде лесно, ќе биде голема промена. Но верувам дека сè се случува со причина и дека овие бебиња се токму за нас.“