„Мајка ми со своето тело го покри креветчето на брат ми“: Исповед на Џина Папас Џокси за кобниот земјотрес во Скопје во 1963 година
Годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес секогаш враќа спомени на големата трагедија.
Ѓорѓе Васиќ, познат како Џина Папас Џокси, сподели емотивна приказна за кобниот 26 јули 1963 година, кога неговото семејство за влакно избегнало тажен крај. Низ сведоштвото за храброста на неговите родители, тој раскажува како мајчинскиот инстинкт и татковската храброст го спасиле неговиот брат Јовица, кој тогаш имал само осум месеци.
„Мајка ми со своето тело го покри креветчето на Јовица“ – откри македонскиот пејач.
Еве го неговиот текст:
Ова е брат ми Јовица.
Денес, кога се сеќаваме на катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година, не можам, а да не помислам колку малку недостигало никогаш да не го имам покрај себе.
Тој ден имал неполни осум месеци.
Утрото започнало сосема обично. Татко ми, Боро, станал малку порано и пеш тргнал на работа во ГП „Ратко Митровиќ“. Мајка ми Гина останала дома, во куќата во Мичурин, со брат ми, кој мирно спиел во своето креветче.
Не поминале ни десет минути од неговото заминување кога се слушнал страшен татнеж. Земјата почнала да се тресе. За само неколку секунди животите на илјадници луѓе засекогаш се промениле.
Татко ми веднаш се вратил назад. Кога влегол во куќата, ја видел мајка ми како со своето тело го покрива креветчето на Јовица, обидувајќи се да го заштити од сè што паѓало околу нив. Без размислување ги зграпчил двајцата и ги изнел надвор.
Подоцна раскажуваше дека еден од ѕидовите се навалил врз големиот регал. Токму тој регал го задржал ѕидот. Да не бил таму, тој ќе паднел право врз креветчето...
Понекогаш животот навистина го делат само неколку секунди, една мајчинска прегратка и една татковска одлука.
Денес брат ми стои до мене. И секогаш кога ќе дојде 26 јули, не се сеќавам само на големата трагедија што го погоди Скопје. Се сеќавам и на храброста на моите родители. На мајка ми Гина, која инстинктивно го покрила своето дете со сопственото тело. На татко ми Боро, кој наместо да бега, се вратил во куќата.
Нашето семејство имаше среќа. Многу други семејства ја немаа.
Во спомен на моите родители, Гина и Боро, и со длабока почит кон сите што ги загубија своите најмили во скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година.
Да не ги заборавиме. Никогаш.