Маја Кикириткова со насолзени очи и силна порака по судењето за сообраќајната несреќа: „Немаше возачка, не ни пружи помош, а е пожарникар“
Маја Кикириткова сподели силна порака по судењето за сообраќајната која минатата година ја доживеа со ќеркичката.
Македонската модна дизајнерка била во автомобилот со малата Ева кога 19-годишен шофер без возачка дозвола ја удрил, а потоа избегал без да им пружи никаква помош. Таа завршила со оштетувања на некои пршлени и дискус хернија, а подолг период посетувала физикална терапија за да закрепне.
Маја сподели дека дечкото кој ја удрил бил пожарникар и дека воопшто не покажал емпатија за време на судењето и покрај тоа што ја признал вината.
На Instagram Story, Кикириткова рече:
Само што се вратив од суд, значи завршивме со судењето во врска со минатогодишната сообраќајка којашто се случи на „Партизанска“. Мал апдејт за тие што не знаат: шофер ме удри, а јас бев во кола заедно со Ева и избега, не ни застана да ни пружи никаква помош.
Е сега, денес бев на суд, минатиот месец не се појави дечково... тој е дечко, лани имал 19 години, веќе е со наполнети 20 години. И притоа, нема возачка дозвола и притоа е пожарникар. Значи вработен пожарникар којшто не застана да пружи помош. Тоа е најголемата болка со тоа што се соочуваме, но јас терав до крај.
Доби казна којашто е забрана за полагање од една година и плус парична казна. Искрено, не очекував дека нема да покаже никаква емпатија спрема тоа што се случило. Тој ја призна вината, но во неговиот говор и во неговото однесување воопшто не се чувствуваше сето тоа.
Апел до сите млади луѓе, апел до сите родители всушност: учете ги вашите деца да бидат емпатични и одете до крај и терајте ја правдата до крај затоа што за сè постои решение“.
Маја е во брак со Александар и покрај ќерката Ева имаат и едно синче, 7-годишниот Лазар.