„Ја видов Ивана како стои со Катја во рацете на терасата и сфатив што ќе направи“: Сведочењето на Мартин Саздов на судењето на Стојанче
Кошмарни моменти од животот на покојната Ивана Стојаноска беа прераскажувани во Кривичниот суд на судењето на нејзиниот насилен сопруг Стојанче Јовановски.
Денеска сведочеше Мартин Саздов, пријател и колега на Стојанче кој подоцна започнал љубовна врска со Ивана. Тој бил пред зградата кога Ивана скокнала од балконот на шести кат, држејќи ја во прегратка 6-годишната ќерка Катја.
Пријателството на Мартин и Стојанче започнало откако двајцата биле вработени во Пожарната бригада. Но, се оддалечиле кога Мартин дознал дека Стојанче се гледал со неговата девојка.
Почнавме да излегуваме цело време, заедно со Стојанче, Ивана, Катја и по некое време и со мојата девојка. Престанавме да се дружиме со Стојанче кога дознав дека се гледал со мојата девојка. Кога дознав за тоа, пред година и половина-две, се тргнав од него - сведочеше тој.
Мартин се наврати на инцидент во август 2025 година, кога Ивана го контактирала за да ги земе откако Стојанче ги оставил на автопат сред ноќ.
Во август 2025, кога ми се јави Ивана во 1 ноќе со плачење, ми рече: „Извини што те барам толку доцна, немам кому да се јавам, можеш ли да дојдеш да нѐ земеш, ние сме пред Штип. Стојанче нѐ тепаше и нѐ исфрли од кола.“
Бев дома, спиев, станав, се облеков и отидов да ги земам. Ивана беше на 5 километри од Штип... Ми рече дека се кријат зад некоја банкина со Катја... ги видов од десната страна, Ивана беше целата раскубана, модра, плачеше.. плачеше и Катја. Ги зедов и отидовме кон Скопје – сведочеше Мартин.
Ивана му раскажала дека го згрешила патот, гледајќи во навигацијата, а Стојанче почнал да ја тепа и поради ударите, целата била со модрици.
Целата беше искубана и исплашена. Ивана ми рече дека ги исфрлил од колата како партали. Ми кажа дека надвор од возилото ја шутирал со клоци... – рече сведокот.
Мартин ги однел Ивана и Катја во неговиот дом и сакал да замине и да ги остави со сестра му, но Ивана го молела да остане.Ивана ми рече: „Те молам, не излегувај, не нѐ оставај, страв ми е“. Ме праша: „Може ли да те гушнам“, реков: „Може“. Потоа си легнаа со Катја, заспаа и јас утрината отидов на работа. Сестра ми утрото ги однела дома кај нив, затоа што Стојанче отишол на работа – појаснил Мартин.
Саздов сподели дека Стојанче ја тепал Ивана и пред негови очи. Иако го прекорувал да не го прави тоа, тој вели дека не можел да направи ништо за да го спречи.
По случката во Штип, Ивана поднела документи за развод и отишла да живее кај мајка ѝ. Со Мартин многу се зближиле и започнале врска, но Ивана постојано му повторувала дека Стојанче е „психопат“ и дека ќе ги убие и двајцата.
Стојанче дознал за нивната врска и започнал да ги следи, лажно го пријавувал Мартин за закани и сакал физички да се пресмета со него. Во еден наврат, Стојанче дури намерно удрил намерно во неговиот автомобил.
Во тој период почина татко ѝ... Ивана многу падна психички, се затвори во себе. Се обидував да ѝ помогнам, да не мисли, ја викав да излегуваме заедно. Но, по смртта на татко ѝ, не знам како и не знам зошто, ама претпоставувам дека била под закани и уцени, се врати да живее во станот со Стојанче. Ми велеше дека само станот ѝ останал како нешто нејзино, затоа што нејзините родители ја исклучија од оставинската на татко ѝ поради ситуацијата со Стојанче. Рече дека само сакала да си го врати делот од станот. Дека без тоа ќе остане на улица - објаснил тој.
Во обид да си го врати станот, Ивана се вратила повторно кај Стојанче и престанале да комуницираат со Мартин.
После некое време, пред Нова година, декември 2025, ми се јави Ивана, ми рече: „Мартин, Стојанче нѐ обвинува дека сме го наместиле со дрога“. Ѝ реков да не се секира, има институции, ќе си го решат случајот.
Ивана и Мартин ја обновиле комуникацијата и тој сакал да ѝ помогне да го врати долгот кој го имала поради Стојанче, но таа не сакала помош.
Ивана ми кажуваше дека сама плаќала сметки и кредит. Дека кога Катја тргнала на училиште самата купувала сѐ. Мене ми беше многу жал, отидов ѝ купив тетратки на Катја и сѐ што е потребно за прво одделение. Катја беше многу среќна – рече Мартин.
На прашањето дали Стојанче консумирал дрога, Мартин одговорил потврдно и признал дека многу се плашел за животот на Ивана, но не знаел како да ѝ помогне.
Секоја вечер кога ќе дошол дома, издрогиран, ја тепал пред Катја и ѝ се заканувал. Неколку дена пред 2 март се видовме, целата беше во модрици - рекол Мартин.
Во меѓувреме, како што рече Саздов, Стојанче ѝ се заканувал на Ивана дека ќе објави експлицитни видеа од неа.
Ѝ рекол дека јавно ќе ги објави видеата, дека ќе ја посрамоти, за тоа ѝ беше најмногу страв. Велеше каква слика ќе биде тоа за мене како родител на Катја - сведочеше Саздов.
На кобниот 2 март, Мартин отишол на работното место на Ивана, а таму се појавил и Стојанче кој почнал да ја тепа.
На 1 март, еден ден пред критичниот ден, вечерта ми пиша Ивана: „Мартин, те молам не ме оставај, многу ми е тешко, не можам да го издржам ова“. Сум заспал вечерта, не сум ѝ вратил. Сабајлето ја прочитав пораката, отидов веднаш на работа кај неа да ја видам. Ја видов како работи, ја повикав да излезе надвор. Се насмевна и рече: „Ќе дојдам за две минути“. Кога излезе надвор, разговаравме општо. Ја прашав зошто има заследено на Тикток некој униформиран полициски службеник, дали бара помош од него. Ми рече: „Не, другар ми е од порано“. Не верував. Ја прашав дали може да му се јавиме да го прашаме. Му се јави од нејзиниот инстаграм-профил, ја замолив да ми го даде да го прашам. Го прашав дали Ивана му се жалела нешто, но тој одговори негативно, дека си правеле најнормален муабет. Стоевме пред моето возило кое беше паркирано спроти нејзиното работно место. Ја молев да оди кај мајка ѝ, не дај Боже еден ден ќе ја убие. Но Ивана рече: „Не можам, Мартин, не можам да останам на улица со Катја, не можам да го оставам станот, Катја си ја бара собата“, сведочеше Саздов.
Наводно Стојанче бил толку нервозен затоа што верувал дека тие го „наместиле“ за да биде уапсен за поседување на дрога, а физичкиот напад бил многу агресивен.
Тој ми велеше „ку**ата ми кажа дека ти си ме наместил за дрогата“, но Ивана тврдеше дека тоа не е точно и манипулира. Пак ја тепаше, пак го оттргнав, му реков да влезе кај мене во автомобил. Ивана исто се качи на задното седиште, иако ја молев да оди на работа.
Се сврте со боксови, почна да ја дави. Ја навредуваше „к***о една, ќе видиш со кого си фати работа“. Велеше: „Немој да мислиш дека на Мартин му се плашам“. Со колената се качи на совозачкото седиште и почна да ја удира со боксови и да ја дави Ивана која беше на задното седиште. Таа се онесвести, јас сопрев, се свртев да видам дали е Ивана добра, а Стојанче ми рече: „Остави ја к*****а глуми, ништо не ѝ е, ќе ѝ го земам телефонот од раце да видам со кого комуницира“. Ивана се освести и Стојанче почна да се смее и рече: „Види ја к*****а како глуми“.
Кога стигнавме кај судот, излеговме од возилото. Јас и Стојанче тргнавме накај судот. Таа одеше позади нас. Кога стигнавме кај скалите кај судот, Стојанче пак сакаше да ја удри. Му реков: „Немој, ќе те пријави, ќе си направиш проблем“. Ивана тогаш ми се обрати дека Стојанче ме манипулира, дека таа никогаш не кажала оти јас сум го наместил Стојанче за дрога. Ѝ се свртев, намигнав, зашто знаев дека не кажала такво нешто. Кога влеговме во судот, Стојанче се пријави. Излеговме, Ивана стоеше до возилото и зборуваше на телефон. Кога стигнавме таму, Ивана го избриша разговорот од оној со кого контактирала. Стојанче ја прашуваше со кого зборува, а таа одговараше дека зборувала со мајка ѝ. Стојанче инсистираше да види, се посомневал дека Ивана го пријавува во полиција, тука ја навредуваше цело време. Таа не сакаше да му го даде телефонот за да не го скрши. Ми го даде мене за да му покажам од мои раце дека нема ништо.
Ивана побара да разговара со Стојанче на страна, јас се тргнав. Застанав пред автомобилот, тие разговараа. Стојанче ја удри со двете раце одеднаш во пределот на главата. Се затрчав, го тргнав Стојанче, Ивана го зеде телефонот, се јави во полиција на 192 да пријави насилство. Мислам дека цело време телефонот ѝ беше вклучен на 192 - сведочеше Саздов.
Стојанче се пријавил во судот, а по излегувањето повторно почнал да ја тепа Ивана. По пријава, дошла полиција, но им рекла да си го решат проблемот и заминала.
Садов тврди дека полицијата повторно била повикана и дошла на местото, но бидејќи Ивана не сакала да посочи кој ѝ се заканува, била предупредена дека ако уште еднаш добијат повик, ќе ѝ напишат пријава за „лажно пријавување кривично дело“.
Тројцата се упатиле кон училиштето на Катја, а Ивана им рекла дека потоа ќе си ги земе работите од станот каде живееле.
Ја земавме Катја, тргнавме кон станот. Додека се возевме, Стојанче ја навредуваше Ивана пред Катја. Ѝ се закануваше со зборовите „к***о една, ќе видиш што ќе ти направам, Катја ќе ти ја земам, да се губиш од станот, ништо не ми можете“. Го молев да не зборува пред детето. Се преправав дека разговарам на телефон за да не се караат. Кога стигнавме пред зградата на „Теодосиј Гологанов“, сакав да застанам пред зградата, да ги почекам долу. Но, Стојанче бараше да се паркирам со зборовите: „Не може к*****а да оди сама во мојот стан, ќе ме мести нешто“. Предложив да се качат Ивана и Катја сами, но Стојанче не даваше. Рече: „Нема да ја оставам к****а сама, ќе се качиме сите заедно“ - раскажа Саздов.
За моментите пред трагедијата, Саздов рече:
Катја ја гушкаше Ивана за ногата. Јас го фатив за рака Стојанче, го повлеков и му реков ќе седиме пред врата јас и ти, викаше: „К****а пак ќе ме мести, ќе ми земе нешто од дома, а јас го убедував дека едно ранче за Катја ќе земе. Ивана ја затвори вратата со внатрешниот клуч, замоли да добие 5 минути. Чекавме пред врата, не се слушнаа никакви гласови, заѕвонев на ѕвончето, до каде си, прашав, одговори: „Еве, за 5 минути“. Ја отвори вратата, ја држеше Катја во раце, рече: „Не сакаме да си одиме од станот, ќе легнеме со Катја да се наспиеме“. Му реков на Стојанче: „Ајде да се симнеме, нека се одморат“.
Стојанче викаше „ќе видиш што ќе ти направам“, Ивана беше со Катја во раце, гушнати. Ѝ велеше ќе ја сменам бравата, ќе го земам станот, ќе ти ја земам Катја, не ти го враќам дарот. Ивана само се насмеа и рече „прави што сакаш“. Влезе и заклучи. Јас и Стојанче се симнавме доле. Мислев дека ќе се предомисли, дека ќе се симне.
Јас во еден момент се посомневав да не направи нешто Ивана, му го реков тоа и на Стојанче. Тој рече „не, таа не се убива, не умира“.
Ивана му заѕвони на Стојанче, нешто зборуваа. Го прашав што е, а тој рече дека не ја разбрал. Го стави телефонот во џеб. Претпоставував дека му рекла дека нешто ќе направи, а тој си го стави телефонот во џеб и го исклучил звукот. Таа пак му ѕвонела, ама тој го стишил телефонот. Ивана ми се јави мене, рече „можеш ли да му кажеш на Стојанче да се јави на камера“. Му се јави, Стојанче ја вклучи камерата. Јас ѕирнав, ја видов Ивана како стои со Катја во рацете на терасата и сфатив што ќе направи. Викав „Ивана, немој да си направила глупост.“ Потрчав кон влезот и слушнав силен тресок. Истрчав да видам што се случува, ја видов Ивана целата во крв. Почнав да трчам, мислев Катја е горе, па ми текна дека е заклучено, па се вратив назад, а кога стигнав, ја видов и Катја. Викав ве молам викајте брза помош, не знаев што да направам - сподели Саздов и дополни дека Стојанче не ни отишол да ги види и веднаш започнал да трча подалеку.
Стојанче се надоврзал: „Јас истрчав да барам помош, немав храброст да ги видам“.