• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Занимливости

Ивана од Кичево креира новогодишни честитки за хумани цели и го донира секој денар: „Оние кои ги добиваат средствата се благодарни“

15 декември 2025, 12:43
  • cподели

Додека се засилува празничната еуфорија, приказната на Ивана Маркоска Докоска нè враќа на една речиси заборавена традиција. Некогаш, испраќањето новогодишни честитки по пошта беше мал, но значаен ритуал, доказ дека некој одвоил време, мисла и внимание за другиот. Денес, таа топлина ретко се чувствува, но Ивана повторно ѝ дава живот.

Имено, оваа девојка од Кичево, која сега живее и твори во Скопје, веќе пет години по ред создава хуманитарни новогодишни честитки по симболична цена од 50 денари. Зад нив стои една голема идеја: секој денар да заврши таму каде што е најпотребен.

Ивана раскажува за Фемина за моментот кога уметноста прераснала во хуманитарна мисија, за зелената димензија на нејзината работа, за довербата што ја гради со луѓето и за тежината, но и смислата на одлуката кому ќе му подари надеж. Таа потсетува дека вистинската магија на Нова година се крие во малите и искрени гестови.

Ивана Маркоска Докоска
Ивана Маркоска Докоска
Секоја хуманитарна акција започнува со една искра. Кога за првпат почувствувавте дека вашите илустрации може да станат повеќе од уметност?

Првпат ваква акција направив на крајот на 2020 година. Се чувствував чудно благословена во тој период – при толку економска нестабилност и опасност од зараза насекаде, јас ја имав привилегијата да имам работа која си ја обожавав, од безбедноста на домот и притоа најблиските членови на семејството да ми се здрави. Затоа, решив дека е убаво време да вратам на општеството. Дотогаш, веќе неколку години работев со графички дизајн и дигитална илустрација, па решив да направам убаво дело со тоа што најдобро го знам.

Хуманитарни честитки
Хуманитарни новогодишни честитки
Годинава честитките доаѓаат на рециклирана хартија, што е убав спој меѓу хуманоста и еколошката свесност. Што ве натера оваа акција да ја развивате и на „зелена“ страна?

Во секојдневието се трудам колку што можам да практикувам еколошки совесни навики – возам велосипед на секакво време, си носам шише за вода, селектирам отпад, купувам природни производи... Меѓутоа, за честитките претходните години не бев доволно информирана дека кај нас всушност има опција за еколошки принт и дополнително, секогаш гледав принтот да помине најевтино што може, бидејќи си одвојувам од домашниот буџет за тоа. Но, оваа година, благодарејќи на еко-заедницата „Yes for Less“, дознав за „Студио Контура“, кои ми понудија неверојатно фер цена за печатење на рециклирана хартија. Принтот излезе прекрасен и преквалитетен, така што имаме и еколошка, и хуманитарна, и естетска вредност. Испадна „win-win-win“ од сите страни.

Ивана Маркоска Докоска
Ивана Маркоска Докоска
Пет години по ред луѓето ве поддржуваат и купуваат честитки со доверба и љубов. Како изгледа за вас тој момент кога сфаќате дека вашиот личен талент има моќ да создава вистинска промена?

Го живеам детскиот сон да ги споделувам моите илустрации со толку многу луѓе

За мене, ова е еден исполнет сон. Иако отсекогаш цртам за свој мерак, долго време не си верував доволно на талентот за да мислам дека можам да сум професионална илустраторка. Учев други факултети, се обидував да се насочам кон други професии, но потребата да се твори и приликите да го правам тоа, сами си доаѓаа.
Да видам дека, по толку години, го живеам детскиот сон да ги споделувам моите илустрации со толку многу луѓе, навистина ме приземјува и ме прави да летам во исто време. Неизмерно сум благодарна на секоја порачка, порака, каков било позитивен фидбек. Довербата на луѓето ми е мотивација секоја година да го подобрувам стилот, да правам поубави илустрации и по секоја акција средствата да ги донирам на прави места.

Секој дизајн носи топлина, носталгија и надеж, а тоа ретко е случајно. Од што најмногу се раѓа вашата инспирација кога седнувате да ја создадете Нова година во илустрација?

Инспирацијата најчесто доаѓа од секојдневието. Спомени од детство, ситуации, разговори со луѓе... Годинава, на пример, иако ми беше професионално многу зафатена година, успевав скоро секој ден да си најдам слободно време да си читам книга, што ми е едно од омилените хобија. Оттука дојде едната идеја за честитка. Од друга страна, возот Ќирчо, кој е сам по себе легенда, ми е голема љубов и секако го имам илустрирано неколку пати. Јас доаѓам од Кичево и сите кичевчани многу го сакаме Ќирчо, а и многу кичевчани секогаш ми ги купуваат честитките, па логички ми беше да го илустрирам и во честитка. За другите идеи, обожавам животни, па секогаш гледам секоја година да илустрирам неколку „ситуации“ со верверички, птички, глувчиња, срнчиња, лисички... И, секако, секогаш илустрирам снег, со надеж дека ќе го поканам да ни поседи долго и да нè радува.

Хуманитарни новогодишни честитки
Хуманитарни новогодишни честитки
Парите од секоја акција ги насочувате таму каде најмногу треба. Како изгледа процесот на одлучување? Што ве води кога треба да изберете кому ќе му ја подарите оваа хуманост?

Одлуката каде ќе одат парите ми е најтешкиот дел од цела акција

Ова ми е најтешкиот дел од цела акција. Иако логистиката, организацијата, разнесувањето на честитки одзема еден тон време и енергија, кога ќе дојде до крајот, секогаш имам многу трема. Не сакам да гледам на барањата за хуманитарни акции како на пазар, па кога доаѓа време за одлука, гледам повеќе фактори. Прво, се водам според тоа колку пари сум собрала, дали можам да ги поделам или да ги насочам само на едно место. Ако за некоја кауза веќе се имаат собрано многу средства, гледам дека овие можам да ги насочам на друго место. Ако се работи за случај кој е временски поитен (пример, итна медицинска процедура), гледам да помогнам таму. Или, ако е понепознат случај кој, во морето на информации, не добил видливост, гледам да помогнам таму.

Хуманитарни новогодишни честитки

Постои и ризикот од лажни повици, па претпазлива сум добро да се информирам пред да ги насочам средствата. Сепак, јас ова не сметам дека се мои пари, туку пари од многу луѓе кои ми довериле мене да одлучам каде ќе појдат – јас сум само посредникот. Тешка и емоционална одлука е, но лицата или организациите кои на крај ги добиваат средствата, секогаш ме контактираат и се благодарни и полни со благослови. Никогаш немам собрано доволно средства за некому да му го покриеме целосниот трошок за нешто, но доволно е што сме помогнале за некои луѓе барем малку побезгрижно да поминат тежок период од нивните животи.

Ивана Маркоска Докоска

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
 

Tags
хуманост
Нова година 2025

Најнови

  • „Сестра ми умре?“: 10-годишната Матилда си играла пред да биде убиена пред очите на помалата сестра во масакрот во Сиднеј

    Mon, 12/15/2025 - 13:12
  • Државна лотарија

    Богати празници со „Лото 7“: 7-ка над 1.000.000 евра може да оствари повеќе од еден сон

    Mon, 12/15/2025 - 13:06
  • Ивана од Кичево креира хуманитарни честитки

    Ивана од Кичево креира новогодишни честитки за хумани цели и го донира секој денар: „Оние кои ги добиваат средствата се благодарни“

    Mon, 12/15/2025 - 12:43
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2025 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.