Испиша историја: Зоран Јовановски стана прв Македонец кој учествувал на Зимска параолимпијада
Зоран Јовановски испиша нова страница во историјата на домашниот спорт како прв претставник на Македонија на Зимски параолимписки игри.
Македонскиот параолимпиец настапи на Зимските параолимписки игри Милано – Кортина 2026 во дисциплината слалом во категоријата седење (мажи). 48-годишниот спортист успешно ја мина патеката во исклучително тешки услови со време од 1:33,58 минути. Иако неговиот резултат подоцна беше поништен поради промашена капија, самиот настап останува историски момент за македонските зимски спортови.
Зад овој успех стои долгогодишна работа и огромна посветеност, како на Зоран, така и на неговиот стручен тим, составен од тренерите Јане Стефанов, Петар Илиев и Вангел Тркаљанов, кои имаат значајна улога во развојот на параскијањето во земјава.