„Искреноста нема цена, а вистинската љубов победува сè“: Давид Темелков за бракот со Хрватката Елена
Помеѓу рефлекторите на сцената и спокојот на приватниот живот, Давид Темелков денес стои како уметник кој јасно знае што го движи напред – музиката, но и љубовта. Две сили што се надополнуваат и го обликуваат и како човек и како артист.
Во разговор за Фемина, познатиот македонски пејач со хрватска адреса, нè води низ неговите два најважни столба во животот. Првиот е сопругата Елена Јунг, хрватската водителка со која гради хармоничен дом далеку од очите на јавноста, полн со силна меѓусебна поддршка. Нивната приказна, која започна на концерт на Тони Цетински, пркосеше на секоја логика и на тие 1.200 километри далечина, за да кулминира со филмско запросување на сцената во Нова Градишка во 2021 година и прекрасна свадба две години подоцна.
Вториот столб е музиката, која по неговиот прв голем солистички концерт во Скопје, за него веќе e остварена животна мисија.
Од моментот кога „знаел дека се случува нешто посебно“, па сè до аплаузите кои уште му одѕвонуваат во срцето, Давид открива што значи да се биде сопруг, артист и човек кој цврсто верува дека вистинските вредности, како искреноста и посветеноста, секогаш го наоѓаат својот пат до целта.
Дали паметиш со што точно те освои сопругата Елена? Дали беше нешто конкретно или постепено сфати дека е „таа е вистинската“? Како започна вашата љубовна приказна?
Ниедна далечина не е доволно далечна за две искрени срца
Пред сè би сакал да ги поздравам сите читатели на Фемина!
Некои работи верувам дека се предодредени, запишани некаде и го чекаат вистинскиот момент на остварување. Од првото запознавање, знаевме и двајцата дека се случува нешто што претходно не сме доживеале. Започнавме нешто што за многумина беше налудничаво, јас од Скопје, таа од Водњан, 1.200 км помеѓу нас, но ниедна далечина не е доволно далечна за две искрени срца.
Јавно ја побара за жена, па направивте преубава свадба. Какви сеќавања имаш од тие моменти? Што ти доаѓа на ум кога ќе помислиш на запросувањето, на свадбата?
Глетката како мојата и нејзината фамилија играат македонско оро е непроценлива
Досега не сум зборувал јавно за сето тоа, не сум сакал да правам лажна фама околу приватните работи. Само ќе кажам дека глетката како мојата и нејзината фамилија играат македонско оро заедно, сите весели и насмеани, задоволни, е непроценлива!
Каков сопруг е Давид? Како мислиш дека би те опишала Елена?
Тоа задоволство ќе ѝ го препуштам на неа. Единствено таа има право да одговори на ова прашање!
Дали во бракот сте се соочиле со некакви предизвици и како сте ги пребродиле? Дали имате некој ваш мал, интимен ритуал што ви помага да останете блиски и покрај секојдневните обврски?
Секој вистински однос, без разлика дали е пријателски или љубовен, бил ставен на тест. Тоа е составен дел од животот на секој човек, на секоја заедница. Љубовта, доколку е вистинска, победува сè пред себе!
Колку Елена е вклучена во твојата музика? Дали ти е прв критичар или најголем поддржувач? Колку всушност поддршката од неа ти значи во најтешките моменти од животот и кариерата?
Искреноста нема цена
Поддршката од оној кој ти е најблизок, најмногу значи. Исто така и критиката!
Никогаш не сум сакал таа да ме доживува „спектакуларно", напротив, тоа би ми пречело. Искреноста нема цена! Нејзината поддршка е навистина важен фактор во моево музичко патување.
По првиот солистички концерт, дали си ги исполни очекувањата? Кој момент од концертот никогаш нема да го заборавиш?
Македонската публика ме почести и ме вивна во сфера на чувства кои ги немав доживеано
Првиот солистички концерт ги надмина сите мои очекувања!
Македонската публика ме почести и ме вивна во една сфера на чувства кои претходно не ги имав доживеано. Многу искрени лица, реакции и насмевки ќе останат за долго врежани во мојата меморија и срце!
Како изгледа Давид Темелков приватно, кога е далеку од сцената и публиката? Што најмногу цениш во заедничкото време со сопругата?
Секој момент поминат покрај Елена, за мене е посебен
Се трудам и сакам да сум нормален како и сите кои ги познавам. Нема потреба од водење лажен живот далеку од сцената. Живеам мирен живот во кругот на пријателите и семејството! Спортот е неизоставен дел од него исто така. Не би сакал посебно да издвојам, би кажал дека секој момент поминат покрај неа, за мене е посебен!
Каков е животот во Хрватска за тебе денес? Дали се чувствуваш како дома или сè уште си „гостин“?
Прифатен сум убаво, имам свој круг на луѓе на кои сум им и домашен! Годините си го прават своето, а и сличноста во менталитетот чини да се чувствувам како дома. Задоволен сум!
Колку ти недостасува Македонија и дали некогаш сериозно размислувате да се вратите тука да живеете?
Ми недостасува секако! Но, сè додека имам што да научам во и за музиката, и да го донесам тоа во Македонија, спремен сум да патувам и учам за музиката. Сфатив дека не е важно каде човек живее, туку колку допринесува за својата земја и општество! Музиката дозволува да придонесеш и ако не си постојано присутен. Верувам дека еден ден кога сè ќе стивне, некои работи ќе се променат.
По сè што досега со постигнал, на семеен и музички план, што е следното големо нешто за кое сонуваш?
Здравје, сакам да сум здрав и жив пред сè, да ми е фамилијата на број, а за останатото ќе се борам. Сонувам Македонија да е музички центар на Балканот, центар на добрата и квалитетна музика. Би сакал да придонесам на секој начин за тоа да се оствари!
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk