• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„И јас успеав, како ‘грдото пајче’ кога ќе се претвори во лебед“: Инспиративниот Цако за животот со Даунов синдром

21 март 2026, 16:00
  • cподели
Александар Матовски – Цако

Во време кога сè почесто зборуваме за инклузија, но ретко ја живееме во целост, приказната на Александар Матовски – Цако е потсетник дека границите најчесто постојат само во перцепциите на општеството. А токму денеска, кога се одбележува Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, денот кој симболично ја претставува трисомијата на 21-виот хромозом, таа приказна не е само лична победа, таа е лекција за сите нас. Животен пат кој докажува дека со поддршка, прифаќање и верба, секој може да стане најдобрата верзија од себе.

Роден во 1991 година, Цако уште од најрана возраст чекори по пат кој не е секогаш лесен, но е исполнет со упорност и љубов. Даунов синдром му е дијагностициран на само три месеци, а неговите родители Снежана и Зоран, заедно со целото семејство, биле темелот врз кој денес стои еден самостоен, образован и гласен борец за човекови права.

Денес мултиталентираниот Цако е дипломиран професор по предучилишно воспитание и работи во Град Скопје. Но, неговата приказна не застанува тука – тој е активист, автор, поет, водител, танчер и, пред сè, човек кој постојано ги поместува границите.

Автор е на радиоемисијата „Јас сум Цако“, која веќе низа години се емитува на „Радио МОФ“, член е на здруженијата „Инклузивни решенија КРИК“ и „Трисомија 21“, а зад себе има и настап на Светската конференција за лица со Даунов синдром во Обединетите нации. Поезијата ја открива на 18 години и ја крунисува со книгата „Јас сум Цако“.

Александар Матовски – Цако

А зад сите овие успеси, стои едно детство кое, како што самиот вели за Фемина, не било многу поразлично од она на другите.

„И јас бев дете како сите деца, секако со некои недостатоци. Но, успешно успеав, како во приказната за ‘Грдото пајче’ кога ќе се претвори во лебед – ете, тоа беше моето детство“ – се присетува тој со насмевка.

Додека другите деца можеби сонувале за фудбал, тој бил фасциниран од уметноста, поминувајќи часови пред телевизорот гледајќи балетски претстави на „Телма“. Раната љубов кон движењето подоцна ќе го однесе до танцовото студио „Dancers United“ и бројни светски награди.

Александар Матовски – Цако
Александар Матовски – Цако

Сепак, за неговото обликување како личност, вели дека „виновна“ е една силна мрежа на љубов: родителите Снежана и Зоран, неговите брат и сестра Бојан и Марија, но и, како што вели самиот, „улицата“ и поширокото семејство.

Александар Матовски – Цако
Александар Матовски – Цако

Цако испиша историја во 2019 година кога дипломираше на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Да се помине низ редовниот образовен систем со Даунов синдром е подвиг сам по себе, но за него мотивот бил јасен – љубовта кон децата.

„Децата ги сакам отсекогаш, тие ми се омилени. Да бидеш воспитувач е најубавото чувство – да обликуваш едно дете, да му дадеш знаење како треба да чекори по својот пат и еден ден да стане како мене денес“ – зборува тој со посебна емоција за својата професија.

Александар Матовски – Цако
Александар Матовски – Цако

Иако неговиот пат моментално го однел во администрацијата на Град Скопје, неговиот активизам не запира. Преку неговата емисија „Јас сум Цако“ на Радио МОФ, тој е гласот на оние кои општеството често ги премолчува. Свесен е дека промените не се случуваат преку ноќ, но верува во континуитетот.

„Секој ден си имам работа, како на самиот себе, така и на општествените околности. Со секое водење емисија, без разлика дали е моја или туѓа, се унапредува работата на лицата со Даунов синдром и другите попречености.“

Александар Матовски – Цако
Александар Матовски – Цако

Секојдневието на Цако е исполнето и динамично, или како што самиот вели „феноменално“. Се буди среќен, следи вести, оди на работа и ужива во дружењето со пријателите. Зад таа леснотија, стои голема сила и мотивација кои ги црпи од фамилијата, за која вели дека е „најважната алка во животот“.

По повод 21 Март, неговата јасна и топла порака треба да допре до сите нас. Тоа е порака до општеството да престане со дискриминацијата, но пред сè, порака до родителите кои можеби во овој момент се соочуваат со истите предизвици што ги имале неговите пред 30-тина години.

„Родители, уживајте во секој миг, бидејќи овие деца се бисери, алтани на вашите души. Сигурно ќе уживате во она што тие можат и знаат да го постигнат во животот“ - порачува човекот кој одамна докажа дека неговите крилја се многу поголеми од сите очекувања.

 

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Даунов синдром
Александар Матовски Цако

Најнови

  • Александар Матовски – Цако

    „И јас успеав, како ‘грдото пајче’ кога ќе се претвори во лебед“: Инспиративниот Цако за животот со Даунов синдром

    Sat, 03/21/2026 - 16:00
  • Чак Норис

    Чак Норис замина во легендите: Познатиот актер почина ненадејно

    Fri, 03/20/2026 - 15:33
  • Пушење

    Реакција на Групацијата за производство на цигари и Здружение на производители на тутун и тутунски производи при Стопанската комора на Македонија на предлог-текстот на законот за заштита од пушење

    Thu, 03/19/2026 - 19:01
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.