Здружението на жени менаџерки „Елит" ја додели престижната награда „Големо срце“ на младиот маратонец и хуманист Марко Пејчиновски, во знак на признание за неговата извонредна храброст, спортски дух и несебична посветеност на хуманитарните цели.
И покрај сериозните здравствени предизвици со кои се соочува од најрана возраст, Марко Пејчиновски стана инспирација не само во спортот, туку и во целото наше општество. Со своите маратони, меѓу кои и препливувањата на Охридското Езеро, тој не само што ги поместува границите на човечката издржливост, туку испраќа и силна порака за надеж, верба и поддршка на лицата со ретки болести.
Неговите спортски подвизи се секогаш поврзани со хуманитарна мисија – подигање на јавната свест и обезбедување поддршка на оние на кои им е најпотребна. Токму затоа, наградата „Големо срце“ му беше доделена како признание на млад човек кој со својот пример покажува дека вистинската сила доаѓа од срцето.
Освен плакатата му беа доделени и финансиски средства кои тој ги подари на деца со сериозни здравствени проблеми. На тој начин, добрината се споделува и шири и го прави светот похуман.
„Марко е доказ дека годините не се мерка за големината на делата. Неговата истрајност, човечност и позитивна енергија се инспирација за сите нас“ – потенцираше Андреа Илоска, доделувајќи му ја наградата.
„Со оваа награда, Здружението на жени менаџерки „Елит“ продолжува да ја поддржува и промовира хуманоста, солидарноста и позитивните примери во нашето општество, верувајќи дека токму ваквите личности го менуваат светот на подобро“ – истакна претседателката на „Елит“, Ленка Угриновска.
Наградата „Големо срце" која се доделува петта година по ред, беше врачена во петокот, на 6 февруари во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид.