Две приказни со заедничка визија: Теодора и Виктор од Охрид внесуваат етика во светот на убавината
Теодора Петреска и Виктор Кузманоски се дел од новата генерација охриѓани кои не го мерат успехот само со бројки, туку и со вистински вредности. Нивниот пат не започнува со големи зборови и гласни ветувања, тие пристапуваат со љубов кон занаетот и желба преку работата да се направи нешто добро, и за природата и за заедницата.
Теодора е млада мејкап артистка со тригодишно професионално искуство, која уште од детството знаела дека шминката за неа не е само омилена игра, туку и начин на изразување. Денес, таа е препознатлива по вниманието кон деталите и по искрената комуникација со клиентите. За неа, убавината не е шаблон, ја доживува како посебно чувство кое се буди кога некој ќе се погледне во огледало и ќе ја препознае сопствената вредност.
„Она што ме инспирира најмногу е можноста да влијаам врз тоа како луѓето се чувствуваат. Уживам во работата со луѓе, сакам да комуницирам, да ги слушам нивните желби, да им ја зголемам самодовербата, да им помогнам да се изразат преку својот изглед и да ја видат убавината која ја носат во себе“ – вели таа.
Надвор од работата, Теодора се опишува како љубопитна и мотивирана личност, силно поврзана со семејството, пријателите и верата:
„Сакам да поминувам време со семејството и пријателите и да се опуштам на начин што ми помага да се наполнам со енергија и да останам фокусирана. Мојата верба во Бога ми дава сила, мир и фокус, и во приватниот и во професионалниот живот.“
Потпирајќи се на силни животни вредности, талентираната девојка потенцира и дека многу внимава и при изборот на производи со кои работи. Токму во таа сфера нејзината приказна се испреплетува со на Виктор Кузманоски, млад охриѓанец кој од љубопитност кон козметиката стигнал до создавање сопствен бренд на вегански производи.
„Отсекогаш ме интересирало како функционира козметиката и што точно ставаме на нашата кожа“, вели Виктор.
Почетоците не биле лесни, но поддршката од најблиските му дала храброст да направи прв чекор:
„Во самиот почеток, кога не знаев ни од каде да почнам, најголема поддршка ми беше мајка ми — таа ме турна напред и ми даде храброст да започнам.“
Изборот на веганска козметика, како што вели, бил сосема природен:
„Веганската козметика природно ми дојде како избор, затоа што верувам дека убавината не треба да биде на сметка на животните или природата. Најголем предизвик е тоа што е навистина тешко да се вметнеш во оваа индустрија како единец и како почетник. Патот не е лесен, а конкуренцијата е голема, но благодарение на неколку поголеми фирми кои ја поддржаа мојата визија, и благодарение на Бога, добив шанса да го реализирам сонот и да направам чекор напред.“
Соработката меѓу овие млади индивидуалци започнала спонтано.
„Сфативме дека одлично се надополнуваме кога видовме дека имаме иста цел – да создадеме нешто искрено, квалитетно и со порака. Секој од нас има своја улога и своја сила, и токму тоа ни даде сигурност дека заедно можеме да создадеме бренд кој ќе има душа“ – вели Виктор.
Теодора, пак, додава дека за неа е клучно да работи со етички производи:
„Ние се надополнуваме како тим затоа што секој од нас има свој уникатен пристап и експертиза. Со тек на време, сфативме дека заедно можеме да создадеме бренд кој ја комбинира нашата страст, креативност и посветеност кон луѓето и производите.
За мене е многу важно производите да бидат безбедни за кожата, но и во согласност со вредностите за одржливост и етичко производство. Кога користиш такви производи, тоа се гледа и во резултатот, а клиентите го чувствуваат тоа.“
Така, чекор по чекор, сфатиле дека заедно можат да изградат приказна со порака. Тим во кој секој има своја улога, но и заедничка визија – да создадат нешто искрено и трајно. Она што дополнително ќе ја продлабочува нивната сторија е општествената одговорност.
„Општествената одговорност ни е многу важна и сакаме нашиот бренд да има позитивно влијание во заедницата. Планираме да донираме и да поддржуваме иницијативи за деца со ретки болести, бидејќи веруваме дека секое дете заслужува внимание, љубов и можности за развој. Во нашето секојдневие имаме едно такво дете, нашиот Роман. Неговиот пример и храброст нѐ инспирираат и мотивираат да придонесеме кон подобрување на животот на децата кои најмногу имаат потреба од поддршка. За нас, ова не е само добра практика, туку и лична вредност која сакаме да ја вградиме во секој дел од нашиот бренд“ – споделуваат тие.
Како млади претприемачи од Охрид, горди се што локалната приказна полека прераснува во бренд со поширока визија. Веруваат дека и од помал град можат да излезат големи идеи ако се темелат на труд и вредности.
Во иднината, Теодора се гледа како шминкерка која создава убавина и инспирација, со тим што расте заедно со неа. Виктор, пак, се гледа како дел од бренд што обединува луѓе и шири позитивна енергија, без да отстапи од етиката и пораката со која започнал.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk