Џенифер Лопез сподели моменти од патувањето низ Италија со децата пред да заминат на факултет
Џенифер Лопез ги искористи последните недели пред големата животна промена за да помине драгоцено време со Макс и Еми, која неодамна присвои машки идентитет и се претставува со името Оскар Муњиз.
Светската ѕвезда сподели ретки семејни фотографии од патувањето низ Италија, откривајќи дека ова е нивното последно заедничко летно бегство пред близнаците да заминат на факултет.
„Патувам со моите кокосчиња пред да заминат на колеџ“ – напиша 57-годишната пејачка и актерка, додавајќи емотикон што плаче.
На објавените фотографии Лопез и нејзините деца уживаат во прошетки низ неколку италијански градови, посетуваат музеи, ручаат во шармантни ресторани и позираат пред знаменитости, меѓу кои и римскиот Колосеум.
Близнаците, кои Џенифер ги доби во бракот со пејачот Марк Антони, неодамна матурираа и наскоро ќе започнат ново поглавје од животот. Во неодамнешно интервју, гордата мајка откри дека двајцата биле примени на сите пет факултети на кои конкурирале и дека секој од нив добил стипендија.
Лопез не крие дека тешко ја поднесува помислата дека децата ќе се отселат. Гостувајќи во емисијата на Џими Кимел уште во мај, таа призна дека плаче со месеци поради моментот кога ќе ѝ остане „празно гнездо“.
„Не зборувајте ми за тоа, веднаш почнувам да плачам. Плачам веќе два месеца. Се надевам дека многу брзо ќе сфатат дека студентските соби се премали и дека ќе им недостига домот. Тоа е мојот план“ – рече низ насмевка славната пејачка.