„Дедо Мраз над Женевското Езеро e магија што не се опишува“: Швајцарија низ очите на Цеце Николова
За Цеце Николова патувањата никогаш не се само бегство од секојдневието, туку потрага по чувство, атмосфера и приказна што се памети. Нејзината најнова зимска дестинација Швајцарија не беше избрана случајно. Земја која со години живеела како недостижна сликовница од детството, сега ѝ беше пред очи во целосен празничен сјај: со снег, светилки, тишина што смирува и градови што личат на бајка.
Од нежната елеганција на Женева, преку водената романтика на Монтро, до снежните пејзажи што изгледаат како уметнички платна, македонската новинарка и телевизиска водителка во ова патување ја пронајде токму магијата по која копнеела.
Во разговор за Фемина, Цеце ни открива како изгледа Швајцарија кога ја доживуваш со отворено срце и зошто ова зимско патување засекогаш ќе остане запишано како едно од најубавите искуства во нејзиниот личен албум на спомени.
Од каде се роди идејата токму Швајцарија да биде твоја следна дестинација и што те привлече најмногу во оваа зимска приказна?
Швајцарија ја носев во себе многу одамна, како некоја „недостижна“ сликовница од детството. Идејата се роди од желбата да ја почувствувам вистинската празнична магија – снег, осветлени улици, божиќна музика, елки и онаа предновогодишна еуфорија што ти го затоплува срцето. Сакав место кое изгледа како бајка, а Швајцарија е токму тоа, земја што ја спојува тишината на природата со раскошната празнична атмосфера.
Како изгледаше самото патување, од моментот кога тргна до првите впечатливи средби со швајцарските планини и градови?
Од првиот чекор, знаев дека одам кон искуство што засекогаш ќе ми остане во сеќавање. Швајцарија нè дочека со чувство дека времето таму тече поинаку – побавно, тивко и смирено. Женева ни се отвори нежно и едноставно – преку езерото што мирно се протега низ градот и празничните светилки што ја прават атмосферата топла и блиска. Првиот поглед кон Алпите беше впечатлив, но тивок и смирен, како убавина што не мора да се објасни. Се почувствувавме прифатени, опкружени со уредни улици и градови што носат светлина и некаква леснотија во секој чекор.
Што најмногу те воодушеви таму? Дали тоа беше архитектурата, културата, природата...
Многу работи. Швајцарија нè воодушеви со уредните градови, прекрасната архитектура и природа која изгледа совршено од секој агол. Но, најсилно нè допре атмосферата – секој град изгледа како сцена од филм, со светилки што раскажуваат приказни и езеро што сјае како огледало.
Што успеа да видиш и доживееш? Кои места, градови или моменти би ги издвоила како „must see“ за секој турист?
Патувањето низ Швајцарија беше како да чекориме низ зимска разгледница. Го почувствувавме животот на Женева преку прошетките по центарот и покрај мирното езеро, а божиќниот маркет „Noël au Quai“ ни ја откри душата на празничната култура – мирис на топло вино, чоколадо, насмевки и топлина. Потоа ни се отвори Монтро, град кој како да живее на вода. Долгата прошетка покрај езерото, статуата на Фреди Меркјури и стариот дел од градот се споија во едно искуство што буди восхит. А патувањето до „Château-d’Oex“ беше како да се движиме низ жив уметнички албум – снежни врвови, шуми како испишани со перо и селца што мируваат во тишина. Целата слика беше заокружена со „Montreux Noël“, празничен базар кој личи на сон - светилки, музика и она чувство дека луѓето таму навистина го слават животот.
Каква е празничната атмосфера во Швајцарија?
Како бајка што се случува во реалност. Елки на секој чекор, светлечки патеки, музика и она чувство дека празниците таму не се декор, туку емоција. Монтро за време на празниците беше како светлосен карусел – топлина, смеење, мириси и музика што тече низ градот како река.
Швајцарија е позната по уредноста, тишината и прецизноста. Дали овие карактеристики ги почувствувавте и како турист?
Да, многу. Сè е прецизно, организирано и беспрекорно – од возовите и трамваите, до најобичните информации за движење низ градовите.
Кој момент или детaљ ќе го паметиш засекогаш, нешто што ја прави оваа дестинација посебна за тебе лично?
„Flying Santa“ во Монтро е момент што ќе остане запечатен во мене засекогаш. Да го видиш Дедо Мраз како лета над Женевското Езеро, додека во позадина слушаш божиќна музика, сè е осветлено со новогодишни светла и толпа луѓе која гледа воодушевено – тоа е магија што не се опишува целосно со зборови. Во тој миг, мислам дека сите го разбудивме детето во себе.
Кога би требало да ја опишеш Швајцарија со три збора, кои би биле тие и зошто баш тие?
Магична - затоа што таму реалноста изгледа нереално убаво. Совршена - затоа што сè функционира со беспрекорна точност. Љубовна - затоа што секоја насмевка, прошетка и искуство го делевме со луѓе кои многу ги сакаме и кои го прават патувањето посебно.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk