Дечко истрча маратон со фрижидер на грбот за да ја подигне свеста за болеста од која почина мајка му, а го демне и него
Неверојатна и емотивна приказна го одбележа овогодишниот Лондонски маратон.
30-годишниот Џордан Адамс трчаше цели 42 километри носејќи на грбот фрижидер тежок 25 килограми во чест на мајка му која почина од фронтотемпоралната деменција.
Џордан и брат му Кијан, познати како „FTD Brothers“, ја имаат истата мутација на MAPT генот, што значи дека шансите се 99,9% кај нив да се појават симптомите на болеста која го одзеде животот не само на нивната мајка Џералдин, туку и на уште 11 членови од семејството.
Нивна цел сега е да ја направат деменцијата „видлива“.
„Можеме да очекуваме симптоми во средните или доцните 40-ти години. Живееме свесни дека времето ни е ограничено“ – изјави Џордан и додаде дека нивниот поглед кон животот се променил уште во раните дваесетти години:
„Моравме да водиме разговори за смртта многу порано од повеќето луѓе. Не го земаме ниту еден ден здраво за готово.“
Џордан имал само 15 години, а Кијан 9 кога на мајка им ѝ била дијагностицирана болеста. Таа починала 6 години подоцна, на 52-годишна возраст.
„Мајка ми беше срцето на семејството, беше личност која е невозможно да не ја забележиш, секогаш насмеана, секогаш комуникативна и полна со охрабрување за другите. Кога нејзиниот карактер започна да се менува, беше невозможно да не се забележи. Следуваа месеци неизвесност… Конечно, на 23 јуни 2010 година, на нашата мајка ѝ беше дијагностицирана рана форма на фронтотемпорална деменција (FTD)“ – стои на GoFundMe.
Браќата досега имаат собрано речиси 500.000 фунти за Alzheimer's Research UK, а нивната цел е да стигнат до еден милион.
„Во 2023 година, кога брат ми ја доби дијагнозата, си поставивме цел да собереме 1 милион фунти пред болеста да ни ги обземе животите“ – рекол Адамс.
Фрижидерот не е случаен симбол.
„Сакав да покажам дека луѓето носат тежина кој никој друг не може да ја види“ – објасни Џордан.
Но, ова е само почеток. Браќата започнаа уште поголем предизвик, а тоа е да истрчаат 32 маратони во 32 дена низ Ирска, во чест на своите роднини.
„Сакаме да создадеме наследство за нашето семејство и да донесеме надеж за луѓето кои се чувствуваат невидливи и заборавени.“
„Ние трчаме додека нашите умови сè уште се тука. Го правиме ова за нашата мајка. За нашето семејство. И за секое семејство погодено од деменција“ – вели Џордан.
Актерот Брус Вилис исто така страда од оваа болест.