„Децата спијат надвор и на снег“: Кристина Силјановска ни ја пренесува божиќна атмосфера од Копенхаген и искуството со градинките во Данска
Во пресрет на празниците, кога европските метрополи блескаат во зимска магија, Копенхаген повторно се издвојува како еден од најтоплите и најграциозни божиќни градови. Во ова интервју за Фемина, разговараме со Кристина Силјановска, Македонка која повеќе од десет години живее токму во срцето на Данска, заедно со сопругот Митко и нивната едногодишна ќерка Каја.
Младата мајка ни ја пренесува празничната атмосфера на Копенхаген од прва рака: прекрасно украсените улици, бајковиот „Тиволи“, данските традиции, но и секојдневието зад декорот – животот со мало дете во една од најорганизираните земји во Европа.
Кристина искрено зборува за предностите и „шоковите“ од данскиот систем, спиењето надвор на минусни температури, „безгрижниот“ пристап кон настинки и имунитетот на најмалите, како и за тоа што најмногу ѝ недостига од Македонија.
Низ нејзините зборови и фотографии ќе откриете како изгледа празничниот Копенхаген, но и како изгледа детството во земја која верува дека најдобриот почеток се гради надвор – на свеж воздух, во слобода и во игра.
Празнична магија
Каква е божиќната атмосфера во Копенхаген? Што мора да се види доколку се посетува главниот град на Данска во овој период од годината?
Божиќната атмосфера во Копенхаген е навистина магична – градот е претворен во топла, светлечка зимска бајка.
Доколку се посетува во овој празничен период, градот е полн со места и моменти што навистина ја носат празничната магија и вреди да се доживее. Мој предлог се:
- „Tivoli Gardens“ – Божиќна бајка во живо со уникатна атмосфера што буквално го дефинира божиќниот дух во Копенхаген. Апсолутно најважната зимска атракција полна со илјадници светилки, Божиќни пазари, Gløgg (греено вино), тематски декорации и шоу програми.
- „Nyhavn“ – Познатиот канал е украсен со светилки и дрвени кабини што продаваат греено вино и сувенири и е одлично место за фотографии кои ќе изгледаат како вистински разгледници.
- Божиќните пазари („Julemarked“) - Ги има неколку низ градот, секој со различен шарм. Би препорачала да пробаат „æbleskiver“ (дански божиќни топчиња направени од пржено тесто) и данско греено вино - „gløgg“.
- „Strøget“ – Главната пешачка улица, која е украсена со големи светлечки срца, елки и празнични излози. Совршена е за прошетки, шопинг и уживање во празничните декорации.
Во овој период од годината, градот живее во празничен ритам, па секогаш има и црковни концерти, хорови, „pop-up“ настапи, изложби и слично.
Кое е твое омилено место во Копенхаген за празниците?
Мое омилено место во Копенхаген за време на божиќните празници е „Тиволи“. Тој е еден од најстарите и најубави забавни паркови во светот (отворен во 1843 година), сместен во самиот центар на градот. Познат е по својата бајковита атмосфера, комбинација на традиционален шарм и модерни атракции.
Тиволи нуди атракции за сите – од историски дрвени ролеркостери до современи „thrill rides“. Особено за Божиќ, целиот парк е преполн со светилки, украси и тематски декорации. Може да се најдат ресторани и кафеани што нудат од данска традиционална кујна до меѓународни јадења. Голем дел од неговиот шарм доаѓа од убавите паркови и романтичните патеки. Тиволи не е само парк за возење – туку место со дух, историја и уникатна „хиги“ атмосфера карактеристична за Данците, а особено волшебна за време на празниците.
Скандинавско родителство
Пред нешто повеќе од година и пол во вашето семејство пристигна ќерката Каја. Како би го опишала животот со едногодишно дете во Данска?
Данска е многу безбедна – парковите, улиците, игралиштата и јавните простори се чисти, уредени и прилагодени за деца. Родителите се чувствуваат смирени дури и кога детето истражува или се движи подалеку. Данците ја обожаваат филозофијата „детето треба да е надвор секој ден“, без разлика на времето. Децата во дневните центри спијат надвор во колички. Пешачење, парк, зоолошка, природа – тоа е секојдневие.
Нашата едногодишна ќерка Каја оди во „Vuggestue“ - модерна и добро опремена градинка за деца од 0–3 години, распоредени во мали групи. Фокусот на згрижувачите е на развој преку игра, самостојност и многу надворешни активности.
Што се однесува до работното место, работодавците се генерално флексибилни и никој не гледа чудно ако родителот има „семејни обврски“. Да се има дете не се смета за пречка, туку за нормален дел од животот.
Државата пак, ги поддржува семејствата преку детски додатоци, бесплатни систематски прегледи, лесен пристап до здравство и многу бесплатни активности за бебиња.
Нормално, има и реални предизвици. Времето е често студено, ветровито и сиво, а и чекањето за место во „Vuggestue“ зависи од општината, некогаш се чека со месеци. Но генерално, системот ни ја олеснува работата на нас родителите.
Дали понекогаш посакуваш Каја да растеше во Македонија? Што најмногу ти недостига од нашата земја?
Па како и многу Македонци кои се во странство би рекла „Да, барем понекогаш“. Зошто? Затоа што Македонија има душа и топлина кои тешко се заменуваат. Но, исто така, знам дека Данска ѝ нуди огромна сигурност и можности.
Најмногу ни недостигаат блиските пријатели кои се во Македонија. Сепак, со сопругот сме многу среќни што нашите родители и повеќе членови од нашата фамилијата живеат исто така во Копенхаген, многу блиску до нас.
Исто, во Македонија можеш да кажеш: „Ајде на кафе“ и за 5 минути си со друштвото. Во Данска го нема тоа, треба да се договориш една неделa однапред. Данска е прекрасна, ама храната од дома е на „друго ниво“.
Раскажи ни нешто повеќе за искуството со градинката на Каја.
Моето искуство со градинката е прекрасно. Многу смирена, опуштена и структурирана атмосфера.
Данските градинки се тивки, без брзање, со јасен ритам. Наставниците зборуваат тивко, трпеливо и со многу почит.
Не е важно дали е ладно, ветровито или врне – децата играат надвор (со песок и со вода), возат велосипеди, се качуваат по дрвја, вежбаат самостојност. Дури и бебињата спијат надвор во колички.
Целта е детето да се чувствува сигурно и да развие самостојност (дури и едногодишни деца учат да облечат чизми сами), а не строга дисциплина. Храната е здрава, едноставна и обично органска, слатки нема скоро никогаш.
Ние како родители сме третирани како партнери и секој ден имаме краток „update“ за Каја преку апликацијата „Аула“. Пример: „Денес јадеше добро“, „Игравме надвор“, „Малку е поспана“… Навистина се чувствуваш вклучено, без вештачка дистанца.
Што мислиш дека би им било најнесфатливо на македонските родители, а за Данците е сосема нормално?
Има неколку работи во данските градинки што за Данците се апсолутно нормални, а на Македонците им звучат: „Како бе вака?!“
Пример најчестиот „културен шок“ е што детето мора да е надвор – секој ден (и на дожд, и на ветар, и на студ). За Данците ова е здраво и природно. Македонците често реагираат: „Па ладно е, ќе настине!“
Во Данска децата: играат надвор во снег, возат велосипеди на дожд, скокаат во барички. Со водоотпорни одела – нема изговор.
Кога децата прв пат ќе тргнат во градинка, обично следува период на често разболување и доста родители во Македонија се жалат на тоа. Дали и во Данска децата се разболуваат често кога ќе почнат во градинка или баш овој „друг начин на чување“ ги прави поотпорни?
На почеток, кога почнуваат првпат, нè соочуваат со тоа дека ќе бидат настинати првите неколку месеци, ама дека е нормално – така се стекнувал имунитет. И така навистина беше. Првите два месеци секоја втора недела беше настината, со мрсули до уста. Но, за нив тоа не претставува проблем и ги примаат во градинка, си ги чуваат. Дома ги враќаат само ако имаат температура поголема од 38 или ако имаат пролив децата.
Сè друго е прифатливо. Не се дава никаква терапија – само солен раствор и толку. Исто и за температура: сè до 39,5 не се дава ништо и се чека да се бори организмот.
По два месеци, сега Каја е одлично. Зима е, спие надвор секој ден по 3 часа и нема никаков проблем. Отпорна е. Ни мрсулче, ни ништо.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk