• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Да избираме живот наместо очај, љубов наместо омраза, прошка наместо осуда“: Отец Бобан за големиот празник Велигден

9 април 2026, 10:13
  • cподели
Отец Бобан

Во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, кога тишината на постот кулминира во радоста на Воскресението, разговараме со Бобан Митевски, свештеник во храмот „Свети Николај Чудотворец“ во скопската населба Аеродром и автор на подкастот „Смисла“. 

Почитуван и сакан меѓу верниците, отец Бобан со години ја пренесува суштината на православната вера на современ и разбирлив начин, повикувајќи на духовна будност и вистинско живеење на христијанските вредности.

Во разговор за Фемина, тој говори за длабокото значење на Воскресението Христово, за предизвиците на модерното време во кое празниците често ја губат својата суштина, но и за тоа како секој верник може вистински да го доживее Велигден како лична преобразба и пат кон Бога.

Отец Бобан, што всушност симболизира празникот Велигден за христијанските верници и зошто се смета за најголем празник во православието?

Преку Воскресението и смртта добива поинаква смисла

Светиот апостол Павле на едно место вели дека ако Христос не воскреснеше, празна е нашата вера, залудна е нашата проповед. Вистинитоста на христијанската вера се должи токму на Христовото воскресение. Смислата на Воскресението е тоа дека со овој егзистенцијален настан, се случи обновување на човечката природа, повторното создавање на човекот, се доживува есхатолошката реалност. Всушност, преку Воскресението – вистинскиот живот е кога се стремиме и постоиме во заедница со Бога. Дури и смртта добива поинаква смисла – не го сметаме за смрт крајот на овој живот, туку оддалечувањето на човекот од Бога. Воскресението Христово, како што ќе рече еден современ теолог, е највистинската и единствената револуција – од овој настан произлезе најголемото добро за човештвото во историјата: Христос го врати човекот на достоинството за кое беше создаден, дури и го издигна и повисоко.

Во современото живеење, често се губи суштината на празниците. Kако верниците денес правилно да го доживеат и прослават Велигден?

Не постои правилен и погрешен начин. Постои единствен начин, а тоа е литургискиот начин на празнување. Треба да имаме предвид дека до Велигден нè води периодот на постот, чија цел е низ аскетската борба на откажување да нѐ продухови за вистински да учествуваме во Воскресението, а тоа е можно само преку очистувањето на телесните и душевните сетила. Како што вели свети Јован Дамаскин: „Да ги очистиме сетилата и да ја видиме непристапната светлина на Воскресението – Христос, Кој блеска...“. Или како што додава свети Григориј Богослов: „Прво очисти се себеси, а потоа приближи се кон Чистиот“.

Целта на духовниот живот и на празнувањето е да се соединиме во Воскреснатиот Христос. Затоа, нашето празнување не е формално, туку е егзистенцијално, ја има предвид целта на постоењето на човекот, како што тоа добро го објаснува свети Маским Исповедник: „Празнувањето на тајната на Воскресението е доживување на обожувањето“. Значи, целата на човековото постоење е да стане бог по благодат. Ова е јазикот на теологијата, кој е вистинското сведоштво за современиот човек. „Дојди и види...“, вели Црквата.

Кои се најважните духовни подготовки што треба да ги направи секој верник пред да го дочека Христовото воскресение?

Воскресението ни е суштина и ни е живот

Најважни се постот и молитвата. Не само телесниот пост, туку и духовниот. Впрочем, телесниот пост е еден благословен предлог од Црквата, што нè воведува во послушание – да се воспитаме да ја насочуваме својата волја кон смирението и добрите дела; и на воздржание – да се научиме да го одбираме духовно полезното, тежнеејќи на постојана заедница со Бога. Секако, неодминлив аспект од тоа духовно подготвување се учеството во богослужбениот живот на Црквата, исповедта и причестувањето. Надокрај, христијаните не се подготвуваат само еднаш вака во годината, не го живеат и доживуваат Воскресението Христово само еднаш годишно, за нив секоја недела е во спомен на Воскресението, нам Воскресението ни е постојано на животниот хоризонт, Воскресението ни е суштина и ни е живот.

Велики четврток има посебно значење во традицијата. Што се случува на тој ден и зошто токму тогаш се бојадисуваат јајцата?

На Велики четврток Исус покажал големо смирение, миејќи им ги нозете на апостолите

Постои такво предание и тоа е усвоено како своевидно правило. Нема некоја особена причина зошто е тоа така, односно може да се наведат неколку толкувања, како на пример дека е на три дена пред Воскресението, но и објаснувања кои произлегуваат од суеверни и пагански верувања. Инаку, Велики четврток е денот кога Господ Исус Христос ја јадел пасхалната вечера со Своите ученици. Се нарекува Тајна вечера, не дека била скришна, туку тајна значи таинствена – на неа била воспоставена светата Евхаристија. Оттогаш, според послушанието зададено од Христос – „Ова правете го во мој спомен“, Црквата никогаш не престанала да ја служи светата Литургија и верниот народ да се причестува со телото и крвта Христови, како некогаш апостолите. Исто така, на овој ден го одбележуваме и настанот при кој Исус покажал големо смирение, миејќи им ги нозете на апостолите, со што ги поучил дека кој сака првенство, треба да им послужи на другите.

Исто така, на Тајната вечера, Тој ја произнел кон Отецот т.н. Првосвештеничка молитва, во која се помолил за многу нешта за Неговите последователи, но особено импресионира делот кога вели: „Да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене и Јас во Тебе... оваа заповед ви давам: да се љубите еден со друг...“ . Велики четврток е и денот на Јудиното предавство и Христовото фаќање и затворање.

Црвеното јајце е еден од најпрепознатливите симболи. Што претставува тоа и дали постојат правила поврзани со неговото чување и користење?

Црвената боја ги означува Христовите страдања, а самото јајце го симболизира Христовиот гроб

Црвеното јајце е симбол на Христовото воскресение. Црвената боја ги означува Христовите страдања, Неговата животворна крв пролеана за нашето спасение. Самото јајце, пак, го симболизира Христовиот гроб. Имено, како што во јајцето има живот, така и од Христовиот гроб за нас потече животот вечен. Обично постои предание првото вапцано јајце на Велики четврток да се чува до следниот Велигден, нема особена причина, едноставно како показен знак, како едно постојано потсетување за Воскресението. Но, јајцето е само и единствено тоа – симбол на Воскресението.

Велики петок се смета за ден на жалост. Како треба да го поминат верниците и што е најважно да се испочитува?

Велики петок треба да се помине во тихување, во повлеченост и молитва

Попрецизно би рекол дека Велики петок е денот во кој си спомнуваме за Христовото распетие, односно осудувањето на смрт, распнувањето и смртта на Спасителот. Овој ден преданието предвидува да се пости строго, дури на ограничено сухојадење. Може да се прифати тој концепт дека христијаните се натажени на овој ден поради неправдата, злобата и зависта нанесени и покажани кон Оној Кој е љубов и Кој од љубов се воплоти да го спаси човекот. Овој ден треба да се помине во тихување, во повлеченост и молитва, со присуство на светите богослуженија.

Не личи за тој што е христијанин да планира каде да патува на Велики петок зашто е неработен ден.

Што симболизира Велика сабота и како таа духовно ги подготвува верниците за самиот чин на воскресението?

Велика сабота е денот на тивкото најавување на Воскресението. Теолошки го означуваме Христовото слегување во Адот и проповедта меѓу праведниците, кои целиот свој живот Го проповедаа доаѓањето на ветениот Месија. Христос и нив не ги остави надвор од Својата љубов, слезе во Адот, им се покажа, им се потврди и нив ги воскресна, избавувајќи ги од последиците на духовната смрт. На овој ден, се подготвуваме да влеземе во радоста на Воскресението, молитвено и во тихување.

Колку е важно присуството на полноќната литургија и што значи моментот кога се објавува „Христос воскресе“?

Во зборовите Христос воскресе сѐ е кажано - сѐ во што веруваме и како треба да живееме

Особено е важно, но не само да присуствуваме, туку и да учествуваме, подготвувајќи се претходно преку подвигот на постот и со покајание. Моментот на објавување на Христовото воскресение е свештен и торжествен - најкраткиот израз на суштината на нашата вера. Во тие два збора сѐ е кажано - сѐ во што веруваме и како треба да живееме: со вера и надеж во Воскресение.

Денес често гледаме дека Велигден се сведува на трпеза и обичаи. Каде е границата помеѓу традицијата и вистинската вера?

Традицијата треба да произлегува, да биде континуитет на верата. Би рекол, продолжено живеење на верата. Најважно е учеството во богослуженијата. Но, нашиот живот треба да биде постојано богослужение - тоа што го примаме и учиме да продолжиме да го живееме.

Која би била Вашата порака до верниците. Што е најважно да понесат од овој празник во своето секојдневие?

Да избираме живот наместо очај, љубов наместо омраза, прошка наместо осуда и надеж наместо страв

Да го понесеме Воскресението како начин на живот, а не само како празничен настан. Тоа значи во секојдневието да избираме живот наместо очај, љубов наместо омраза, прошка наместо осуда и надеж наместо страв. Ако Христовото Воскресение навистина се всели во срцето, тогаш секој ден станува Велигден – исполнет со светлина, мир и тивка радост што се споделува со другите.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Велигден
отец Бобан

Најнови

  • Тропски рај: Џанлука Ваки и Шерон Фонсека го покажаа новиот луксузен дом во Мајами

    Thu, 04/09/2026 - 10:46
  • Отец Бобан

    „Да избираме живот наместо очај, љубов наместо омраза, прошка наместо осуда“: Отец Бобан за големиот празник Велигден

    Thu, 04/09/2026 - 10:13
  • „Тоше“: Јаков Јозиновиќ ја посети Спомен куќата на Тоше Проески кого го гледа како идол и чии песни ги пее на концертите

    Thu, 04/09/2026 - 09:10
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.