Д-р Даниловски: 8 случаи на Западнонилска треска во Македонија – Што ни кажуваат бројките и како да се заштитиме?
Веста за осум пациенти со тешка форма на Западнонилска треска лесно може да создаде погрешна претстава дека вирусот станал крајно агресивен. Д-р Драган Даниловски предупредува дека таквите заклучоци се површни, потсетувајќи дека огромното мнозинство инфекции остануваат невидливи или со лесни симптоми.
Неговите објави подробно ја разјаснуваат состојбата, даваат јасна слика за болеста и ни нудат совети за заштита.
Во Македонија досега се регистрирани осум случаи на Западнонилска треска. Сите регистрирани пациенти имале тешка, невроинвазивна форма на болеста, со зафаќање на централниот нервен систем.
Оваа информација заслужува малку подлабоко епидемиолошко разгледување.
Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции?
Тоа е прашањето што бројката сама по себе не може да го одговори.
Кај инфекцијата со вирусот на Западен Нил, околу 80 проценти од инфицираните воопшто немаат симптоми. Кај приближно 20 проценти се јавува фебрилна болест, најчесто со релативно лесен тек. Тешката невроинвазивна форма се развива кај помалку од еден процент од инфицираните, а ризикот расте со возраста и кај лица со одредени хронични заболувања и нарушен имунитет.
Токму тешките случаи имаат најголема веројатност да стигнат до болница, да бидат лабораториски испитани и да влезат во официјалната статистика. Асимптоматските инфекции остануваат невидливи, а дел од лесните случаи веројатно никогаш нема да бидат препознаени како Западнонилска треска.
Оттука, осумте регистрирани тешки случаи се видливиот врв на епидемиолошката „санта мраз“. Под површината останува непознат број асимптоматски инфекции, лесни или неспецифични форми што не биле препознаени како Западнонилска треска, како и случаи кај лица кои воопшто не побарале лекарска помош.Без горново објаснување, објавените информации во медиумите дека „сите регистрирани случаи имале тешка, невроинвазивна форма на болеста“ лесно може да бидат погрешно прочитани како: „Западнонилската треска кај нас предизвикува тешка болест кај сите заразени“. И дека штом е така, логично, вирусот станал поагресивен.
Што, се разбира, не е точно.
Од особено епидемиолошко значење е и фактот што најголемиот дел од досега регистрираните случаи се автохтони. Тоа потврдува дека вирусот ова лето циркулира локално во природниот циклус птици–комарци и дека постои изложеност на населението.
Во оваа фаза најважни се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и личната заштита од убоди.
Значи, во епидемиологијата изолирана бројка сама по себе не значи ништо! Таа е почеток на анализата. Нејзиното вистинско значење го добиваме дури кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа.За поширокиот контекст на Западнонилската треска и другите заболувања што се пренесуваат со вектори, на 6 јули објавив подетална анализа: „Како климатските промени и векторите ја менуваат епидемиологијата на заразните болести“. https://www.facebook.com/share/p/1BgqNZpmNc/
Во претходна објава, тој сподели подетални информации и совети за превенција:
Западнонилската треска е најчестата вирусна болест што ја пренесуваат комарците во Европа. Во Македонија, како и во соседните земји, во последните години речиси секое лето се регистрираат поединечни случаи или помали групирања на заболени. Поради тоа, таа има најголемо епидемиолошко значење меѓу инфекциите што се пренесуваат преку комарци во нашиот регион.
Иако секој нов случај природно привлекува внимание, важно е да се знае дека појавата на заболени лица не значи автоматски дека постои епидемија. Во најголем број години станува збор за очекувана сезонска појава, чиј интензитет зависи од временските услови, бројноста на комарците и активноста на вирусот во природата.
Како се одржува вирусот во природата?
Западнонилскиот вирус природно циркулира помеѓу дивите птици и комарците од родот Culex. Птиците се главниот природен резервоар на вирусот. Кога комарец ќе цица крв од инфицирана птица, вирусот се размножува во неговиот организам. При следниот убод, комарецот може да го пренесе вирусот на друга птица, а понекогаш и на човек или коњ.
Човекот и коњот, меѓутоа, претставуваат таканаречени „слепи домаќини“ (dead-end hosts). Тоа значи дека кај нив концентрацијата на вирусот во крвта е премногу ниска за да зарази нов комарец. Со други зборови, човекот може да се инфицира, но не учествува во понатамошното ширење на вирусот.
Ова е причината поради која Западнонилската треска не се пренесува од човек на човек во секојдневниот живот.Како изгледа болеста?
Кај околу 80% од инфицираните лица инфекцијата поминува без никакви симптоми. Кај приближно 20% се развива лесна, самоограничувачка болест со температура, главоболка, малаксаност, болки во мускулите и зглобовите, а понекогаш и со исип. Само кај помалку од 1% од инфицираните се развива тешка невроинвазивна форма – менингитис, енцефалитис или акутна флакцидна парализа. Овие форми се значително почести кај постарите лица, имуно-супримираните пациенти и лицата со хронични заболувања.
Токму затоа, кога во медиумите ќе се извести за хоспитализиран пациент, треба да се има предвид дека станува збор за многу мал дел од сите инфекции што се случиле во популацијата.
Каква е состојбата во Македонија?
Во Македонија Западнонилската треска се јавува сезонски, најчесто од јули до октомври, со врв во август и септември. Тоа е период кога популацијата на комарците е најбројна, а условите за циркулација на вирусот се најповолни.
Поединечни случаи не се неочекувани. Она што внимателно се следи е нивниот број, географската распределба, евентуалното групирање и дали тие се вклопуваат во очекуваната сезонска динамика.
Климатските промени – што навистина менуваат?
Повисоките температури и подолгите топли сезони можат да го продолжат периодот на активност на комарците и да го забрзаат размножувањето на вирусот во нивниот организам.
Но, тоа не значи дека секоја потопла година автоматски ќе донесе повеќе заболени.
Бројот на случаи зависи од истовременото дејство на повеќе фактори: температурата, врнежите, бројноста на комарците, присуството на инфицирани птици, човечката изложеност и ефикасноста на мерките за контрола на векторите.Затоа, прогнозите мора да бидат претпазливи и да се темелат на систематски надзор, а не на поединечни временски појави.
Што можеме да направиме?
- Да користиме репеленти при престој на отворено, особено во самрак и ноќе.
- Да носиме облека со долги ракави и ногавици кога престојуваме во подрачја со многу комарци.
- Да поставуваме заштитни мрежи на прозорците и вратите и, по потреба, да користиме инсектицидни средства во затворен простор.
- Да ги отстраниме садовите и местата каде се задржува вода околу домовите, бидејќи тие претставуваат погодни места за размножување на комарците.
- Да ги следиме препораките на здравствените власти и локалните служби за контрола на комарците.
Подеднакво важни се организираниот епидемиолошки и ентомолошки надзор и навремените мерки што ги спроведуваат институциите за јавно здравје.
Кому му е потребно посебно внимание?
Најголема претпазливост треба да покажат:
- лицата постари од 60 години;
- пациентите со хронични кардиоваскуларни, бубрежни и метаболни заболувања;
- имуносупримираните лица;
- лицата што професионално или рекреативно долго престојуваат на отворено во вечерните часови.