Братот на Анџелина Џоли откри дека е геј: „Како мал бев опседнат со принцезите на Дизни, конечно сум слободен“
Џејмс Хевен јавно откри дека е геј.
Братот на Анџелина Џоли својата животна приказна ја сподели преку видео и писмо објавени на платформата на неговата поранешна сопруга Роми Имбели, со која останаа блиски пријатели и по краткотрајниот брак во 2024 година.
53-годишниот Хевен се присети и на своето детство и откри дека уште кога бил мал, сакал светки и шминка, но со текот на времето, започнал да ги крие тие делови од себе за да биде прифатен од околината.
„Кога бев мало момче, бев опседнат со принцезите од Дизни. Потајно ставав светки на образите и маскара на трепките, а во тие моменти се чувствував волшебно.“
„По многу години лекување од траумите од детството, конечно сум слободен да го живеам животот за кој верувам дека отсекогаш ми бил суден, живот исполнет со надеж, мир и љубов“ – порача Џејмс.
Во писмото упати и порака до своето семејство и јавноста:
„Се надевам дека моето семејство и сите други ќе изберат љубов наместо страв, разбирање наместо осуда и дека ќе ме гледаат со истото срце, истата насмевка и истата душа што отсекогаш ги познавале.“
Џејмс во минатото се појави во неколку филмови, меѓу кои и „Gia“ и „Original Sin“, во кои глумеше заедно со својата сестра Анџелина. Двајцата често беа во центарот на вниманието, особено по нивното појавување на доделувањето на Оскарите во 2000 година, кога нивниот бакнеж на црвениот тепих предизвика бројни реакции во јавноста.