Почетна » Новости » Актуелно » Психотерапевтката Јелена Вељковиќ одговори на прашањето „Зошто жените пријавуваат сексуално насилство 'дури' по XY време?“

Психотерапевтката Јелена Вељковиќ одговори на прашањето „Зошто жените пријавуваат сексуално насилство 'дури' по XY време?“

Србинката Милена Радуловиќ, со смелоста јавно да го обвини нејзиниот поранешен учител по глума Мирослав Мика Алексиќ за силување, иницира отворање на теми на кои премалку се зборува.

Непрекинато расте поддршката на 25-годишната актерка во целиот регион и веќе е создаден хаштаг #nisisama (Не си сама) на кој се множат охрабрувачки пораки. Но, во целата дискусија, често прелетува прашањето „зошто пријавила дури сега?“.

Иако самата Милена добро појасни дека пријавата не е рефлексија на нејзина желба за одмазда, туку прекинување на мрачен круг на насилство во кој сè уште влегуваат млади девојки и превенирање на идни злоупотреби, многумина повторуваат „зошто дури сега, зошто дури сега?“.

Милена Радуловиќ

Јелена Вељковиќ, психолошки советник и авторка на „Beleške sa psihoterapije“, склопи прекрасен одговор на прашањето „Зошто жените пријавуваат сексуално насилство 'дури' по XY време?“:

Затоа што, како по правило, биле во состојба на шок. Смрзнати, со потиснати чувства. Долго време. Тоа бил начин да се справат со траумата, затоа што вистинските емоции биле пресилни за да можат да ги поднесат. Ова се докажани психолошки механизми.

Затоа што постои страв дека никој нема да им верува. Насилниците често се многу почитувани членови на општеството, семејството, омилени во друштво.

Затоа што се обвинуваат себеси. Огромен број жртви на сексуално насилство носат во себе вина, уверување дека на некаков начин придонеле во самиот чин – со своето однесување, со својот карактер, со некој огромен дефект во своето постоење.

Затоа што насилникот често е лице кое жртвата го познава, на кое му верува или дури ѝ е многу блиско, најблиско. Работите не се толку едноставни – постои емоционална поврзаност. Или чувствување обврска, стравопочит, кои ги засилуваат внатрешниот конфликт, збунетоста, полуденоста. Сето ова дополнително ја ослабува жртвата, на секаков можен начин, оневозможувајќи ѝ донесување на рационални одлуки и преземање на акција. Неретко постои и емоционална/материјална зависност од насилникот. Ова е одговор и на прашањето „Како е можно една жена долго време да биде во врска во која е злоупотребувана?“

Затоа што постои страв од исходот доколку проговори. Можеби некој ќе настрада. Можеби некој ќе се разболи, ќе умре, ќе повредам многу луѓе со своето признание. Можеби ќе се одречат од мене. Можеби ќе навлечам голем срам, моја осуда и осуда на други.

Затоа што младите девојки и девојчиња самиот чин на сексуално насилство често не го перципираат како силување. Опкружени сме со релативизирање на насилството и пораки за сексуалноста кои се збунувачки за младите луѓе. Сцените на сексуалност помешани со насилство станаа „мејнстрим“.

Затоа што постои чувство дека никој нема да нè разбере. За тоа не се зборува. „Еднаш ѝ спомнав на мама и брзо ме замолчи“. Постојат табуа, срам, страв, огромни тајни.

Затоа што никоја од пријателките не зборува за тоа. Уште еднаш, табу, тајна, срам, стигма. Сите ние заедно во тоа, а очигледно сами.

Затоа што надлежните органи не си ја работат работата како што треба. Многубројни се приказните за жени кои пријавуваат насилство, вознемирување, злоупотреба, а за возврат добиваат потсмев, саркастичен коментар или, во најмала рака, незаинтересираност.

Она што можеме да го направиме за жртвите на насилство, доколку ги познаваме, е давање на безрезервна емпатија и поддршка откако ќе ни се доверат со својот проблем. Доколку исповедта за сексуална злоупотреба ја следиме преку медиумите, како што деновиве е случајот со младата актерка, важно е да ги разбереме наведените психолошки механизми и да им ги објасниме на оние на кои можеби не им е јасно зошто жртвата пријавила дури сега. Така отвораме дијалог и на тешки теми и го подготвуваме општеството со информираност и сочувство да ги прифаќа идните вакви признанија. А што е уште поважно, заедно создаваме средина која ваквите кривични дела најпрво ќе ги превенира.

Различни предатори се насекаде околу нас. Една од важните задачи на родителите е да ги едуцираат децата за нивното постоење и начините на заштита и да ги држат отворени каналите за комуникација со детето. Исто така, да се едуцираме и самите, доколку сè уште живееме во заблуда, бидејќи и како возрасни без проблем можеме да станеме жртва.

Секој може да стане жртва и тоа нема врска со сила/слабост, ниво на образование, интелигенција, возраст. Но, децата се посебно ранлива категорија.

И уште нешто... Кога еднаш ќе ја отвориме Пандорината кутија, кога ќе започнат разговорите на оваа страшна тема, кога пријателките, мајките, сестрите, бабите се отворат една на друга, кога ќе се здружат, кога ќе се создаде притисок врз надлежните совесно да работат, кога ќе се зголеми свеста во јавноста, мрежите на предатори ќе изгубат сила. На жртвите им е потребно ова длабоко разбирање и поддршка, затоа што „ослабените“ ретко кога можат проблемот да го решат сами.

Малку емпатија и солидарност – тоа е сè што ни е потребно за да реагираме на правилен и човечен начин на признанието на жртва за (сексуално) насилство кое го доживеала.

Јелена Вељковиќ

ZAŠTO ŽENE ISTUPAJU SA PRIJAVOM O SEKSUALNOM NASILJU „TEK“ NAKON XY VREMENA? - Zato što su gotovo po pravilu bile u...

Posted by Beleške sa psihoterapije on Sunday, January 17, 2021

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11995 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.