Успешна дама, која со јасна визија, интегритет и искрена страст чекори во лидерските кругови на деловниот свет. Дисциплинирана експертка, која смело и фокусирано навигира низ комплексниот лавиринт на финансиите. Истрајна жена, која умее да ја зачува автентичноста дури и во најдинамичните бизнис моменти.
Елена Јакимовска Петровска е инспиративна личност со кариера од над 25 години која смело раководеше на одговорни места во институции што го обликуваат пазарот на капитал, а сега е член на Управниот одбор во Винер Лајф – Виена Иншуренс Груп АД Скопје.
Во интервју за Фемина, таа зборува за кариерата, како и за светот на осигурувањето, но не низ формули и извештаи, туку низ призма на љубов, доверба и одговорност. За неа, животното осигурување е највисок израз на грижа, односно одлука што не се мери со износ, туку со мирот што го носи во семејството.
Вашата професионалната биографија е импресивна. Од почетоците во Комисијата за хартии од вредност, преку Македонска берза и Централниот депозитар, па сè до врвот на Винер Лајф, како член на Управниот одбор. Што е клучниот двигател што ве води низ долгата и успешна кариера?
- Кон работата пристапувам одговорно, посветено, со иницијативност и визија за тоа што сакам да го постигнам. Овој пристап, во корелација со мојот карактер и образование, беше мојот главен двигател за професионалниот раст. Работите сакам да ги извршувам темелно и беспрекорно, а кон тоа секогаш е присутна и желбата да се осознае и имплементира нешто ново кое може да донесе додадена вредност за нашето општество и создавање на нови можности за бизнис. Секако, тоа значи дека никогаш не живеете во „зоната на комфорот“ и безгрижноста, секогаш се соочувате со нови предизвици, но кога ќе го видите крајниот резултат од вложениот труд, како: успехот на компанијата, нови производи или иновативни решенија кои се воведуваат во примена, задоволството од постигнатите резултати е немерливо.
Вие сте една од малкуте жени кои со години наназад умешно се движат на високи позиции во финансискиот сектор. Кои квалитети сметате дека жените ги внесуваат во лидерството, а се неопходни токму во оваа индустрија?
Елена
- Во основа, финансискиот сектор е дел од еконимијата каде се испорачуваат услуги на клиентите. Работата со услуги подразбира да имате задоволни клиенти, а тоа може да се испорача само со добар и мотивиран тим, добра организација и одговорна работа. Оттука, лидерот на финансиска институција, без разлика дали е жена или маж, мора да има визија за остварување на тековните планови за работата и за развој на компанијата, да ја води компанијата во остварувањето на нејзината мисија и визија, да се соочува и да ги решава предизвиците кои стојат на патот. Лидерството, од своја страна, подразбира работа со тим од луѓе за постигнување на заедничката цел, каде лидерот не е менаџер што диктира и наложува, туку лице кое го насочува и води тимот, лице кое вградува култура на однесување во компанијата која се темели на одговорност, доверба, посветеност и соработка.
Она што работењето во финансискиот сектор го наложува, тоа е довербата на клиентите, бидејќи клиентите ви ги доверуваат своите финансиски средства на чување или управување. Довербата на клиентите е голема одговорност за менаџментот и за да се оправда истата, менаџментот е потребно да гради и одржува систем кој ќе работи на начелата на стабилност, одговорност, сигурност, успешност.
Осврнувајќи се најдиректно на вашето прашање, можам да кажам дека во геномот на жените се присутни природната склоност кон организација, емпатија, одговорност, управување со ресурсите и со ризиците, креативност, визионерство, справување со промените кои ги носи секојдневниот живот. Оттука, овие квалитети, во помала или поголема форма, се неизбежно присутни и во работата, како составен дел од животот на секоја жена. Жените лидери во финансискиот сектор овие природни склоности ги вградуваат во секојдневното работење.
Колку е важно жените да бидат дел од донесувањето на одлуки за финансиската иднина и на семејствата, и на компаниите, и на целото општество?
Елена
- Живеењето во заедница подразбира одговорност за иднината на заедницата. Без разлика дали заедницата е семејство или компанија или држава, секоја единка во заедницата има своја улога во креирањето на иднината. Ресурсите на заедницата не се неограничени и нивното паметно трошење и создавањето заштеди е одговорност кон заедницата. Ако претходно говоревме за геномот на жената, сега само може да дополниме дека при планирањето на приходите, расходите и заштедите, жените се аналитични и прагматични, размислуваат неколку чекори напред, се грижат, планираат, а одлуките кои ги носат, ја приоретизираат долгорочната стабилност на заедницата. Кога заедницата значи семејство, приоритетот на одлуките на жената за финансиската иднина се долгорочната финансиска стабилност на семејството. Оттука, исклучително е важно жената да учествува во донесувањето на одлуките за финансиската иднина. Тоа не е само прашање на рамноправност, туку на мудрост – бидејќи различните перспективи носат подобри решенија. Затоа, верувам дека охрабрувањето на жените да се вклучат во финансиското планирање и носење одлуки е инвестиција во посилни семејства и посилна заедница.
Животното осигурување често се гледа низ бројки и договори, но суштински тоа е чин на љубов и одговорност кон семејството и најблиските. Како вие го објаснувате значењето на животното осигурување?
- Многу често кога ќе се спомне животно осигурување, луѓето веднаш помислуваат на формулари, многу бројки и долги договори. А всушност, зад сето тоа стои една многу едноставна, но длабока идеја, а тоа е грижа и љубов кон најблиските.
Кога некој ќе реши да склучи полиса за животно осигурување, тој не го прави тоа само за себе – туку за луѓето што му значат најмногу. Тоа е чин на одговорност: да се погрижите, без разлика што ќе донесе иднината, вашите деца, партнер, родители или блиски да имаат финансиска сигурност и мир. Животното осигурување е, всушност, една од ретките одлуки во животот што се носи со срце и со ум истовремено – со љубов, но и со план за иднината. И тоа го прави особено вредно.
Сите ние сакаме да го заштитиме она што ни е најважно, а на листата на приоритети семејството е секогаш на прво место. Обезбедувањето сигурност за иднината на нашето семејство во време кога се случуваат несакани настани со несакани последици е нешто што ни дава мир дека нашето семејство ќе има стабилна финансиска иднина и дека штетните настани нема да предизвикаат последици кои таа финансиска безбедност ќе ја загрозат.
Во што гледате најголема сила на животното осигурување: дали во финансиската заштита или во психолошкиот мир кој им го дава на семејствата?
- Искрено, тешко е да се одбере само едно, затоа што вистинската сила на животното осигурување е токму во спојот на финансиската сигурност и психолошкиот мир.
Финансиската заштита е очигледна кога ќе настане несакана ситуација, тогаш животното осигурување обезбедува стабилност и ги штити семејствата од финансиските потреси. Но, она што луѓето го чувствуваат веднаш по склучувањето на полисата, и што мене ми е особено драго да го слушам, е што полисата носи и еден тивок, но многу важен, внатрешен спокој: кога знаете дека сте презеле одговорност и дека сте ги заштитиле своите најблиски. Луѓето се чувствуваат посигурни, опуштени и можат да се фокусираат на животот – не на грчот од стравовите што иднината може да ги донесе. Затоа, би рекла дека финансиската заштита е основата, но психолошкиот мир е она што најдлабоко се чувствува.
Кои се најчестите дилеми или бариери кои луѓето ги имаат кога станува збор за животното осигурување и како може да се надминат?
Елена
- Најчестите дилеми се слични кај повеќето луѓе и можат да се претстават низ неколку фрази. Прво, „да не го викам лошото да дојде“ – многумина не сакаат да размислуваат за негативни сценарија, што е разбирливо, но животното осигурување не значи песимизам, туку паметно управување и подготовка. Второ, „уште е рано“, дека се млади и има време, а всушност, колку си помлад, толку подобри услови можеш да добиеш, па вреди да се размисли навреме. Трето, „не го разбирам и тоа не е за мене“ – често им изгледа комплицирано, и затоа е важно да се објасни едноставно и со примери од секојдневието, за да не се изгубат вредностите на финансиската заштита и спокојот кои тоа ги носи. Четврто, „сега немам пари за тоа“, а кога ќе ја разберат суштината, луѓето сфаќаат дека животното осигурување не е трошок, туку паметна одлука за иднината.
Верувам дека со проширувањето на сознанијата за животното осигурување дилемите и бариерите ќе се разбијат, а единствено ќе остане дискусијата каков производ од палетата на производи на животното осигурување да избереме и како да го избереме најсоодветниот производ.
Винер Лајф – Виена Иншуренс Груп АД Скопје како компанија е секогаш спремна да излезе во пресрет и да помогне во приближувањето и проширувањето на сознанијата за животното осигурување на заинтересираните лица и субјекти. Секако, сите оние лица кои се заинтересирани за претставување на палетата производи на Винер Лајф – Виена Иншуренс Груп АД Скопје, исто така, можат да се обратат до нас за индивидуално претставување на производите за животно осигурување од страна на нашиот тим.
Во развиените европски земји сè повеќе лица имаат животни полиси, но кај нас процентот сè уште е мал. Забележувате ли промени во последните години?
- Точно, во земјите кои имаат повеќевековна традиција во осигурувањето, животното осигурување е втемелено во планирањето на семејните буџети заради изграденото ниво на свесност дека животното осигурување не е бесмислен трошок, туку инвестиција за стабилна финансиска иднината.
Ако ги погледнеме движењата во последните десетина години и кај нас, се забележуваат евидентни позитивни промени. Луѓето сѐ повеќе се информираат и гледаат на животното осигурување како паметен и одговорен чекор, особено младите семејства. Сѐ уште има простор за раст, но со едукација и разговор, верувам дека ќе го следиме европскиот тренд.
Живееме во време на несигурности. Дали верувате дека животното осигурување може да стане еден од најважните „штитови“ за современите семејства?
Елена
- Да, дефинитивно. Денешниот свет е полн со непредвидливости, и секое семејство понекогаш се наоѓа во своја мала „бура“. Животното осигурување е како невидлив штит – не може да ја запре бурата, но ја прави помалку страшна и помага да се помине со намалување на последиците.
Животното осигурување не е само финансиска заштита, тоа е чувство дека, без разлика што ќе се случи, сте презеле одговорност и сте ги заштитиле онолку колку што сте можеле оние што ги сакате. И не само чувство, тоа е и реална заштита, бидејќи полисата овозможува покритие уште со нејзиниот почеток и во целото времетраење на полисата, дури и кога реалните заштеди на едно младо семејство се во фаза на иницијална акумулација. И тоа е нешто што луѓето навистина го чувствуваат и ценат.
Што сметате дека е најбитно за да се промени перцепцијата за животното осигурување од „финансиски трошок“ во „инвестиција во иднината“?
- Најважно е луѓето да ја разберат вистинската вредност на животното осигурување и да го одберат вистинскиот производ согласно нивните желби, потреби и цели.
Како што одиме во маркетите за од рафтовите да одбереме и купиме производи за нашите животни потреби, така треба и од животното осигурување да се избере еден или повеќе производи кои можат да ни помогнат во иднината или и во секојдневието и во иднината. Животното осигурување може да понуди и опции со штедна и инвестициска компонента, па не служи само за случаите „што ако“, туку и како начин преку заштеди да се гради иднината и да се акумулираат средства за нашите идни планови и потреби. Со разгледување на алтернативите, одлуката станува паметна инвестиција, а не само бројка на договор.
Кој би бил вашиот совет за некој што денес размислува дали да потпише полиса?
- Мојот совет? Полиса е потреба уште од вчера! 😊 Што подобро се информирате, побрзо размислите и информирано одлучите, толку подобри услови ќе имате.
И за крај, што би им порачале на младите жени кои сакаат да изградат кариера во финансискиот свет, но се двоумат дали таа сфера е за нив?
Елена
- Финансискиот свет е свет на можности, но и свет на големи одговорности. Работењето во финансискиот сектор е исклучително регулирано од страна на државата и подлежи на бројни регулаторни барања и обврски. Успешното усогласување на барањата на бизнисот и исполнувањето на регулативните барања, услови и стандарди за да се работи во согласност со законите е императив во секојдневното работење во светот на финансиите.
Јас би имала неколку универзални пораки за младите жени, кои се особено битни во финансискиот свет:
- Вложете во вашето образование. Вложеното време, труд и напор во образованието е инвестиција во вашата иднина.
- Градете го и одржувајте го својот професионален интегритет. Секој ден во професијата во минатото е темелот за вашето утре.
- Носете одлуки на база на релевантни информации и анализи. Одлуките кои се базираат на полуинформации или дезинформации се сигурен рецепт за неуспех.
- Не се плашете од новините со кои постојано ќе се соочувате. Живееме во време на брзи промени и нови технологии и тие се присутни и на работното место. Промените ќе се случат и со вас и без вас, но само доколку вие ги прифатите, ќе бидете во чекор со времето.
- Верувајте во тоа што го работите. Само доколку вистина верувате дека нашата работа креира вредност која е важна и потребна, вие ќе имате мотив да бидете успешни во вашиот професионален ангажман.
