Почетна » Новости » Актуелно » Д-р Татјана Гуржанова: Улогата на хормоните во општото и репродуктивното здравје

Д-р Татјана Гуржанова: Улогата на хормоните во општото и репродуктивното здравје

Не може доволно да се нагласи важноста на добрата и балансирана работа на ендокриниот систем за целосното функционирање, почнувајќи од будењето и регулацијата на сонот, па сè до одржувањето на нормален метаболизам и соодветна реакција на надворешни влијанија. Не би можеле да се репродуцираме, да се одржува бременоста, да растеме... едноставно самото постоење не би било возможно без добро и хармонично содејство на хормоните, т.н. курири во нашето тело.

Њуборн Клиника

Постојат повеќе жлезди познати на медицината, како хипоталамусот, хипофизата и епифизата, па дури и самиот мозок е жлезда, потоа тироидната и паратироидната жлезда кои се наоѓаат во предниот дел од вратот, тимусот кој е лоциран во средината на градниот кош, панкреасот зад желудникот, надбубрежните жлезди на врвот на обата бубрега и јајниците кај жената, а тестисите кај мажот во карлицата. Жлездите лачат хормони или медијатори, гласници и тие имаат одредена регија или функција која ја контролираат со тоа што пренесуваат информација до одредено ткиво или орган (или цел организам) како и што треба да извршува. Тие секогаш го прават истото во беспрекорна синхронизација со другите жлезди, како и со мозокот, кој го контролира целиот ендокрин систем преку хипоталамусот. Ендокриниот систем, заедно со нервниот систем, преку медијатори како хормони или неуромодулатори се првите соработници на мозокот за контрола на организмот и неговото беспрекорно функционирање.

Забременувањето не е возможно без максимална функционалност и хармоничност на сите жлезди
Д-р Гуржанова

Проучувањето на хормоните, нивниот избалансиран ефект и недостигот на истите е голем предизвик на медицината и на лекарите. Многу болести и патолошки состојби се врзани со дисфункција на една или повеќе жлезди. Самото забременување, т.е. оплодување не е возможно без максимална функционалност и хармоничност на сите жлезди, т.е. целиот ендокрин систем. Дури и стареењето се поврзува со недостаток и нерамнотежа на работата на жлездите на ендокриниот систем. Имено, се развива нова гранка во медицината наречена антиејџинг медицина, која се бави токму со дијагностицирање на недоволно лачење хормони од одредена жлезда или група на жлезди и препишување на суптилна терапија со хормони за да се коригира недостатокот, со што се подмладува телото.

Докторите што се бават со хумана репродукција треба да имаат големо познавање од целокупната работа на цел ендокрин систем, за да може и со најмали знаци да ги откриваат дефектите на работата на жлездите и по примената ендокрина терапија, да се воспостави таа рамнотежа и како крајна цел да се дојде до посакуваната бременост со здраво дете.

Њуборн Клиника

Досега се познати доста хормони и нивни метаболити, како и нивното дејство. Може да се дијагностицира недостигот на одреден хормон или зголемената функција на жлездата и лачење на хормонот. A кога се пореметува функцијата на една жлезда, скоро секогаш по извесно време доаѓа и дисфункција на останатите жлезди и пореметување на целата неуроендокрина оска, со последици по целото здравје. Многу често започнува со недостиг на енергија, или вознемиреност во текот на денот, менување на физичкиот изглед, пореметување на психичкото здравје, отсуство на сон, пореметен менструален циклус кај жените, стерилитет кај мажите, па дури и појава на малигни болести. Затоа, кога ќе се дијагностицира пореметување, треба веднаш да се третира во интерес да се спречат поголеми штети на телото.

На функцијата на жлездата најмногу влијаат исхраната и начинот на живот. Добра избалансирана исхрана со физичка активност, 7-9 часа сон и чист воздух, најмногу влијаат да се обезбеди оптимална функција на ендокриниот систем. Во исто време, тоа претставува најдобра превенција од ендокрини нарушувања, но и при третман на истите, е прва линија на терапија заедно со хормонската терапија.

Токму поради лоша исхрана, седечки живот и нечист воздух имаме и толкав зголемен пораст на ендокрини нарушувања и болести, стерилитет машки и женски, па дури и малигни болести врзани за пореметување на ендокриниот систем.

Не може посебно да се издвои еден хормон. Доброто расположение, полната енергија во текот на денот и мирниот 8-часовен сон во текот на ноќта во најголема мера зависат од балансот на сите хормони. На пример, од нормалната функција на тироидната жлезда зависат расположението и енергијата во текот на денот, па дури психијатрите започнуваат со алтернативен пристап на лекување на депресија со додавање на тироксинот (хормонот кој го лачи тироидната жлезда). Потоа, добриот сон е регулиран од мелатонинот (хормон на епифизата – мала жлезда што се наоѓа во главата). Кога се заљубуваме, се лачи во големи количини окситоцин (истиот се лачи и при породување и ги регулира контракциите на матката со што го овозможува природното породување). Кортизолот и адреналинот на надбубрежната жлезда може да ни го спасат животот при стресна и загрозувачка ситуација, а нивното прекумерно лачење во моменти на силен стрес, им овозможува на телото и мозокот да преземат реакции кои нормално не би ги презеле итн.

Њуборн Клиника
Какво било нарушување на ендокриниот систем може да доведе до пореметување и на половите хормони
Д-р Гуржанова

И жените и мажите се под еднакво влијание на хормоните. Хормоните го одредуваат самиот живот, само што се под различно влијание. Главен хормон кој ја одредува жената е повисокото ниво на естроген во крвта во однос на тестостеронот, а мажот обратно, тестостеронот е повисок од естрогенот и тоа ги прави различни еден од друг. Тој процес започнува уште во ембрионален развој и ги детерминира и развојот на машки или женски полови органи и со тоа и дали една индивидуа ќе биде машка или женска индивидуа. Какво било нарушување на ендокриниот систем може да доведе до пореметување и на половите хормони, т.е. естрогенот или тестостеронот. Овие два хормона се и поголеми причинители на малигни заболувања кај женскиот или машкиот организам во споредба со другите хормони на ендокриниот систем.

Гинеколозите, посебно оние кои се бават со хумана репродукција, ендокринолозите, а во светот веќе започнува и трендот на новата специјалност – докторите по антиејџинг (antiaging) превентивна медицина, треба да имаат широко и детално познавање на ендокриниот систем, неговата функција, нарушување и третман за враќање на балансот во интерес на навремено третирање на пореметувањето, како и во интерес на здравствената благосостојба на пациентот.

Медицина

Д-р Татјана Гуржанова
Гинеколог-акушер и ин витро специјалист
„Њуборн Клиника“

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11335 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.